У.бр.124/1999

Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 71 и 28 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 22 септември 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста и законитоста на изборот на нови членови на Советот и на неговите тела и Одлуката за прогласување за неважечки печатот и штембилот на Месната заедница с. Мрзенци-Гевгелија.

2. Месниот одбор на Месната заедница с. Мрзенци – Гевгелија на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на изборот на нови членови на Советот и на неговите тела, затоа што изборот не бил извршен согласно Уставот, Законот за локалната самоуправа и Статутот на општината, и затоа што постојниот печат и штембил на Месната заедница се прогласени за неважечки.

3. Судот на седницата утврди дека на 16 декември 1998 година иницијативниот одбор за свикување на нов изборен собир на граѓаните одржал изборен собир на кој е направен осврт на работата на стариот Месен одбор и се утврдени критериуми за членови на месниот одбор.

На 27 декември 1998 година со јавно гласање е извршен избор на Месниот одбор на Месната заедница и избор на координативни тела на Месната заедница.

Понатаму, Судот утврди дека на 30 декември 1998 година новоизбраниот Месен одбор донел Одлука дотогашниот тркалезен печат и правоаголен штембил да се огласат за неважечки поради избор на нов Месен одбор.

Исто така Судот утврди дека со Статутот на општина Гевгелија е уредено прашањето за основање на месна заедница, органи на месната заедница, бројот на членовите на месниот одбор, постапката за предлагање и избор на членови на месниот одбор како и тоа дека месниот одбор донесува правила за работа на месната заедница.

4. Според член 110 од Уставот на Република Македонија Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

5. Имајќи ги предвид одредбите на член 114 став 3 и член 115 од Уставот и членовите 80 став 1, 81 и 84 од Законот за локалната самоуправа произлегува дека граѓаните месната самоуправа ја остваруваат непосредно преку месната заедница и другите облици на месна самоуправа и дека ова право граѓаните го остваруваат во рамките на општината и во согласност со статутот на општината. Со правилата на месната заедница и другиот облик на месната самоуправа конкретно се уредуваат сите прашања од интерес за месната заедница, а тие правила мора да бидат во согласност со Законот и со статутот на единицата на локалната самоуправа. Според тоа изборот на членовите на органите на месната самоуправа односно на членовите на месниот одбор го вршат граѓаните непосредно во соодветниот облик на месната самоуправа.

6. Тргнувајќи од наведените уставни и законски одредби, а имајќи ја предвид содржината и карактерот на оспорените акти со кој е извршен избор на нови членови на советот и на неговите тела, а печатот и штембилот на месната заедница се прогласени за неважечки, Судот смета дека прашањата за распишување на избори и постапката за предлогот и утврдување на членови на месниот одбор и неговите тела се уредува со статутот на општината и правилата на месната заедница.

Со оглед на тоа што во конкретниов случај не е оспорен статутот на општината ниту правилата на месната заедница туку е оспорена постапката за избор на членови на Советот и неговите тела и Одлуката за прогласување за неважечки на печатот и штембилот на Месната заедница, Судот оцени дека тие не претставуваат пропис односно општ акт во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, и одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.124/99
22 септември 1999 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Милан Недков