138/1999-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 став 1 алинеја 3 и член 71 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 22 септември 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот за радиодифузна дејност (“Службен весник на Република Македонија” бр.20/97).
2. Ангел Богатиновски од Виница, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот означен во точката 1 од ова решение, сметајќи дека висината на радиодифузната такса е нереална и необјективно утврдена.
Според подносителот на иницијативата, просечната нето месечна плата која ја утврдува Заводот за статистика на Република Македонија, а служи како основа за пресметување на висината на радиодифузната такса не одговара на реалните состојби, поради што предлага поинакво утврдување на просечната нето месечна плата и намалување на радиодифузната такса до износ од најмногу 100 денари.
3. Судот на седницата утврди дека предмет на иницијативата не претставува оценување на уставноста на конкретни одредби од Законот за радиодифузната дејност, туку со истата се бара Судот да ја дефинира висината на просечната нето месечна плата на ниво на Републиката и на радиодифузната такса.
Согласно член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Со оглед на тоа што предмет на иницијативата е утврдување на висината на радиодифузната такса најмногу до 100 денари, Судот оцени дека постојат процесни пречки за одлучување.
4. Имајќи го предвид изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами , д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.138/99
22 септември 1999 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков