120/1999-1-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 алинеја 1 и 4 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 15 септември 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 5 став 2 и на член 8 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за трансформација на претпријатијата и задругите кои стопанисуваат со земјоделското земјиште (“Службен весник на Република Македонија” бр.25/99).

2. СЕ ЗАПИРА извршувањето на поединечните акти и дејствија преземени врз основа на одредбите од Законот означени во точката 1 од ова решение.

3. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 5 став 1 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

4. Ова решение ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија.

5. Сојузот на синдикатите на Македонија, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за оценување уставноста на одредбите од Законот означени во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата со оспорените одредби битно се отстапувало од концептот за приватизација на општествениот капитал кој произлегувал и бил компатибилен со природата и карактерот на општествената сопственост и според кој тоа право го имале претпријатијата, а не некои субјекти надвор од нив, во случајов Агенцијата за приватизација. Со постојниот закон Агенцијата имала право да го преземе поведувањето и непосредното водење на постапката за трансформација на претпријатието, само доколку претпријатието не постапело според роковите и начинот утврдени со закон, а со оспорените одредби на Агенцијата и се давало право да стане сопственик на општествениот капитал во претпријатието односно задругата во случаи кога постапката за трансформација не била отпочната или кои не ќе можеле да се трансформираат во рок од 30 дена од денот на влегувањето во сила на Законот и покрај тоа што документацијата за трансформација била доставена до Агенцијата.

Со ваквите овластувања, односно правата што и се давале на Агенцијата таа станувала единствен носител на општествениот капитал, која спротивно на член 58 став 1 од Уставот ќе одлучува и управува со тој капитал. Во таа смисла според оспорениот член 8 став 1 од Законот, а во врска со член 100-а став 2 од Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал, претпријатијата, односно задругите, се обврзувале на Агенцијата да и издадат обични акции или удел за вредноста на општествениот капитал, а ако тоа не го направеле доброволно со одлука на Агенцијата, тие станувале акции односно удели на Агенцијата, што не било во согласност и со член 30 од Уставот.

Во врска со ваквата поставеност на Агенцијата се поставувало и прашањето дали Агенцијата може да носи одлука за себе за да стане сопственик и дали таа самата може да се контролира во делот на трансформација на претпријатието, односно задругата, бидејќи контролната функција кон претпријатијата, односно задругите што се трансформирале ја имала Агенцијата. Во тој контекст се поставувало и прашањето за одговорноста на Агенцијата за трансформацијата што ќе ја изврши во претпријатијата, односно задругите во кои таа ќе биде единствениот сопственик, доколку трансформацијата не биде извршена согласно Законот.

Со оспорените одредби голем број на претпријатија, односно задруги кои сеуште не биле трансформирани или биле во процес на трансформација, се доведувале во нееднаква положба не по своја вина, во однос на оние што биле трансформирани, што не било во согласност со член 9 став 2 од Уставот. Во таква положба се наоѓале и работниците кои, поради состојбите во производството, неисплатените плати, последиците од војната на Косово, не биле во можност навреме да ги плаќаат ратите за сопствените акции во поглед на оние работници што примале плата и биле во можност редовно да ги отплатуваат акциите и поради ваквата нееднаква положба не ќе можеле да го остварат своето уставно право да учествуваат во управувањето и одлучувањето во друштвото што не било во согласност со член 58 став 1 од Уставот.

Рокот од 30 дена за спроведување на целата постапка за организирање, односно за довршување на процесот на трансформација бил неспроведлив, со однапред познат резултат. Во овој временски период и самата Агенција не била во можност да ја заврши трансформацијата и кусиот рок одел во прилог на желбата на законодавецот Агенцијата да стане единствен сопственик на општествниот капитал што значело подржавување на капиталот, а со тоа Агенцијата се стекнувала со права што не произлегувале од самиот закон и што не се во согласност со Уставот. Ако законодавецот имал за цел да се заврши процесот на трансформација во утврдениот рок од 30 дена, тогаш, заради обезбедување на еднаква положба на субјектите на пазарот, согласно членот 55 став 1 од Уставот, требало да го утврди и рокот во кој Агенцијата ќе ги приватизира, односно доприватизира претпријатијата, односно задругите. Со други зборови, рокот што се однесува за претпријатијата требало да се однесува и за Агенцијата.

Понатаму, во иницијативата се истакнува дека за согласноста со Уставот (со членот 58 став 1) било битно и прашањето дали Агенцијата може да биде носител на обични акции преку кои станува сопственик на општествениот капитал и преку кои се стекнува со правото на управување и одлучување во претпријатието, односно задругата.

Со оспорените одредби се отстапувало и од решенијата содржани во членот 718 од Законот за трговските друштва, според кој со влегувањето во сила на овој закон правните субјекти продолжуваат да работат под условите запишани во судскиот регистар, се до нивното организирање како акционерски, односно друштва со ограничена одговорност.

Подносителот на иницијативата, со оглед на тешко отстранливите последици кои можат да настапат со примена на оспорените одредби од Законот, предлага Уставниот суд, согласно член 28 од Деловникот на Уставниот суд, да донесе решение за запирање на нивното извршување и преземените дејствија врз основа на нив.

6. Судот на седницата утврди дека според оспорената одредба на член 5 од Законот претпријатијата кои до денот на влегувањето во сила на овој Закон не ја отпочнале постапката за трансформација должни се во рок од 30 дена по влегувањето во сила на овој закон да се организираат како акционерски друштва или друштва со ограничена одговорност, а според ставот 2 на овој член претпријатијата кои до денот на влегувањето во сила на овој закон ја отпочнале постапката за трансформација, односно ја доставиле документацијата до Агенцијата ќе се организираат како акционерско друштво или друштво со ограничена одговорност доколку во рок од 30 дена од влегувањето во сила на овој закон трансформацијата нема да биде реализирана на начин и под условите утврдени со овој закон.

Во ставот 1 на членот 8 од Законот е предвидено дека при организирање на претпријатијата од членовите 8, 9 и 10 на овој закон во акционерско друштво или друштво со ограничена одговорност, соодветно се применуваат одредбите од членот 100-а од Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал.

7. Со Уставот на Република Македонија е воспоставен нов концепт на општественото уредување во чија основа, меѓу другото, е и гаранцијата за сопственоста и нејзината заштита во граѓанско-правна смисла и слободата на пазарот и претприемништвото. Така, согласно член 30 став 1 од Уставот, се гарантира правото на сопственост, а според неговиот став 3, никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста или правата што произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Согласно член 58 од Уставот, сопственоста и трудот се основа за управување и учество во одлучувањето.

Поаѓајќи од основната интенција на Уставот за изградба на граѓанско општество, кому општествената сопственост не му е иманентна, туку сопственоста како граѓанско-правен однос, тој не ја гарантира општествената сопственост, а обврската за нејзино трансформирање произлегува непосредно од самиот Устав. Во таа смисла, според член 7 од Уставниот закон за спроведување на Уставот, Собранието на Република Македонија е овластено да донесе закон со кој ќе се уреди трансформацијата на општествената сопственост. Со тоа законодавното тело е овластено да ги утврди условите, начините и формите на нејзиното трансформирање во некоја од сопственичките категории, но при тоа мора да се почитуваат темелните вредности на уставниот поредок утврдени во членовите 8, 30, 52, 55, 57 и 58 од Уставот.

Одредбите на членот 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за трансформација на претпријатијата и задругите со општествен капитал кои стопанисуваат со земјоделско земјиште создаваат одредени обврски во поглед на статусното организирање, а посредно и суштински го определува редоследот на фазите на постапката за приватизација на претпријатијата. Задолжителното организирање на претпријатијата кои до денот на влегувањето во сила на овој закон не ја отпочнале постапката за трансформација, во рок од 30 дена по влегувањето во сила на овој закон, да се организираат како акционерски друштва или друштва со ограничена одговорност, не е во согласност со член 718 од Законот за трговските друшва, според кој со влегувањето во сила на овој закон правните субјекти продолжуваат да работат на начин и под условите под кои се запишани во судскиот регистар. И покрај тоа што во определениот рок со оспорената одредба на Законот не е можно такво организирање, тоа прашање излегува од рамките на надлежноста на Уставниот суд бидејќи Судот не цени меѓусебна согласност на законите. Меѓутоа, ставот 2 на оспорената одредба на член 5 од Законот подразбира целосно губење на стекнатото право на претпријатијата кои до денот на влегувањето во сила на овој закон ја отпочнале постапката за трансформација, односно ја доставиле документацијата до Агенцијата, автономно да продолжат со приватизацијата, стекнато врз основа на одобрението на Комисијата на Владата за приватизација и обврска да се организираат како акционерско друштво или друштво со ограничена одговорност, доколку во рок од 30 дена од влегувањето во сила на овој закон трансформацијата нема да биде реализирана на начин и под услови утврдени со овој закон, со што според мислењето на Судот оваа одредба има ретроактивно дејство врз овие претпријатија поради што се постави прашањето за повреда на уставниот принцип за забрана на ретроактивното дејство утврден во член 52 од Уставот и со уставниот принцип за слободата на пазарот и претприемништвото утврден во член 55 од Уставот.

Со оспорената одредба на член 8 од Законот е предвидено дека при организирањето на претпријатијата од членовите 8, 9 и 10 на овој закон во акционерско друштво или друштво со ограничена одговорност, соодветно се применуваат одредбите од членот 100-а на Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал. Меѓутоа, за уставноста на оспорената одредба од значење е уставноста и на одредбите од членовите 18, 19 и 45 односно членот 100-а од Законот за изменување и дополнување на Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал предмет на одлучување пред овој суд по предметот У.бр.119/99. Имено, со членот 18 (чии одредби се оспорени) од овој закон битно се отстапува од утврдениот режим на акциите со попуст. Акциите со попуст, согласно Законот, се отплатуваат на рати со одложено плаќање и тие претставуваат хартија од вредност и нивниот режим е утврден со членот 15 од Законот за издавање и тргување со хартии од вредност (“Службен весник на Република Македонија” бр.7/97). Секоја отплатена акција е посебна акција (индивидуална) и влегува како автономен објект во правниот промет. Делумно отплатените акции се во сопственост на работниците кои се должни редовно да ги отплатуваат. Со оглед на тоа што според оспорените одредби на членот 18 од Законот се пренесуваат на Агенцијата како обични, кои ги продава под условите утврдени со овој закон, што значи дека таа станува сопственик, пред Судот се постави прашањето за нивната согласност со член 30 од Уставот. Исто така, според мислењето на судот со оспорените одредби на членот 18 од Законот на суштински начин се повредува и уставното начело на еднаквост на граѓаните пред Законот. Иако не е спорно одземањето на акциите заради неуредно плаќање, спорно е тоа што нема да им биде вратен, односно надоместен отплатениот дел од одземената акција. Поради тоа не е спорна одредбата од Законот дека неуредното плаќање може да се санкционира, меѓутоа сите акционери што акциите ги отплатуваат на рати мора да бидат под еднаков правен режим.

Во истиот контекст се постави прашањето за уставноста и на одредбата на ставот 2 од членот 19 од Законот. Имено, според оваа одредба по членот 28 од Законот се додава нов член 28-а, според кој, ако претпријатието во рок од 30 дена од денот кога имателот на привремените акции го изгубил правото на отплата на запишаните акции, односно уддели од членот 28 став 2 на овој закон, неотплатените акции односно удели не ги пренело на Агенцијата, овие акции односно удели ја губат својата правна сила за имателот, односно се поништуваат по сила на Законот. Оттука произлегува и обврска на претпријатието да издаде нови акции, наместо поништените, исто по сила на Законот, со што според мислењето на Судот Агенцијата како акционер самата на себе си издава акции, наместо акционерското друштво кое ги емитувало поништените акции. Со тоа, според мислењето на Судот се повредува правото на сопственост на акционерското друштво што ги емитувало поништените акции.

Врз основа на изнесените аргументи за сомнението на уставноста на член 18 став 5 и член 19 став 2 од овој закон во суштина се однесуваат и на сомнението за уставноста и на членот 45 став 4 од Законот.

Со оглед на тоа што со оспорената одредба на член 8 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за трансформација на претпријатијата и задругите со општествен капитал кои стопанисуваат со земјоделско земјиште е предвидено дека соодветно се применуваат одредбите од членот 100-а од Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал и изразеното сомнение за уставноста на одредбата на ставот 4 на овој член, според мислењето на Судот ја доведува во прашање и уставноста и на оваа одредба поради што одлучи како во точката 1 на ова решение.

Според член 27 од Деловникот на Уставниот суд, Уставниот суд може во текот на постапката, до донесување на конечната одлука, да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија што се преземени врз основа на закон, друг пропис или општ акт чија уставност односно законитост ја оценува, доколку со неговото извршување би можеле да настанат тешко отстранливи последици.

Со оглед на тоа што со примена на оспорените одредби од Законот можат да настанат неотстранливи штетни последици во процесот на приватизацијата, Судот одлучи да ги запре од извршување поединечните акти и дејствија преземени врз основа на овие одредби.

8. Во поглед на наводите во иницијативата за поведување постапка за целината на членот 5 од Законот, односно и за ставот 1 на овој член, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за неговата согласност затоа што утврди дека со оваа одредба се налага обврска претпријатијата кои до денот на влегувањето во сила на овој закон не ја отпочнале постапката за трансформација во рок од 30 дена по влегувањето во сила да се организираат како акционерки друштва или друштва со ограничена одговорност, односно да извршат статусни промени со што не се попречува трансформацијата на општествениот капитал.

Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точките 1, 2 и 3 од ова решение.

9. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.120/99
15 септември 1999 година
С к о п ј е
лк.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков