Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 9 септември 1999 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 10 став 2 алинеја 6, член 11 став 11 во делот “а во случај на затекнување на извршување на прекршок имаат право на задржување на сторителот на прекршокот согласно со условите предвидени со закон”, член 195 и на член 200 став 1 во делот “и според овој или друг закон не одговараат кривично и прекршочно за преземените службени дејствија” од Царинскиот закон (“Службен весник на Република Македонија” бр.21/98, 26/98 и 63/98).
2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбите од Законот означени во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата, со членот 10 став 2 алинеја 6 од Законот се овластувала царинската управа да наплатува мандатни казни по прекршоци утврдени со Законот, а тоа не било во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот (односно со начелото владеење на правото и со поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска), со член 13 став 1 од Уставот (односно со определбата: вина за казниво дело да утврдува суд), со член 98 ставовите 1, 2 и 3 од Уставот (односно со определбата: судската власт да ја вршат судовите) и со член 37 од Законот за прекршоците (според кој прекршочна санкција за сторен прекршок може да изрече само надлежен суд…).
На седницата Судот утврди дека со член 10 став 2 алинеја 6 од Законот се определува царинската управа да е надлежна и за наплата на мандатни казни по прекршоци утврдени со Царинскиот закон.
Таквото законско решение, според мислењето на Судот, всушност претставува овластување царинската управа да презема такво дејство пред да поведе прекршочна постапка (член 203 став 2 од Царинскиот закон), потоа дека тоа дејствие е директна примена на Царинскиот закон во конкретни случаи кои се санкционирани со Законот и дека тоа дејствие е инструмент за ефикасно сузбивање на полесни царински прекршоци. Притоа, доколку сторителот не ја плати казната, таа не може присилно да се наплати, туку мора да се поведе прекршочна постапка.
Имајќи го предвид таквото значење на оспорената законска одредба, Судот оцени дека членот 10 став 2 алинеја 6 од Законот има уставна основа во член 96 на Уставот, според кој органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите, поради што тој член од Законот не ги повредува начелата – владеење на правото и поделба на власта (член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот), потоа судовите да ја утврдуваат вината за казниво дело (член 13 став 1 од Уставот) и судовите да ја вршат судската власт (член 98 ставовите 1, 2 и 3 од Уставот).
Во однос, пак, на согласноста на наведениот член од Законот со членот 37 од Законот за прекршоците, Судот утврди дека согласно член 110 став 1 алинеја 1 од Уставот, не е надлежен да постапува по тој дел од иницијативата.
3. Понатаму, според наводите во иницијативата, членот 11 став 11 од Законот, во делот означен во точката 1 од ова решение, не бил во согласност со член 12 ставовите 1, 2 и 3 од Уставот, затоа што предвидувал (1) можност за задржување на лице иако уставната одредба не утврдувала таков вид ограничување на слободата на човекот туку само повикување, приведување и притворање, и (2) задржувањето да го врши царински службеник иако уставната одредба предвидува само суд да може да ја ограничи слободата на човекот.
На седницата Судот утврди дека според член 11 став 11 од Законот царинските службеници имаат право на следење на сторители на царински прекршоци, а во случај на затекнување на извршување на прекршок имаат право на задржување на сторителот на прекршокот согласно со условите предвидени со закон.
Оспорениот дел од законската одредба всушност значи (1) дејствие пред поведување прекршочна постапка, а не прекршочна мерка, (2) директно применување на материјалните одредби од Царинскиот закон што се однесуваат на прекршоците од страна на царинските службеници, а не арбитрирање од нивна страна и (3) ефикасно сузбивање на очигледни царински прекршоци.
Според тоа, таквата законска одредба има уставна основа во член 96 од Уставот, за самостојно вршење на работите од својата надлежност од страна на органите на државната управа врз основа и во рамките на Уставот и законите, и не е во несогласност со член 12 ставовите 1, 2 и 3 од Уставот.
4. Освен тоа, според наводите во иницијативата, членот 195 од Законот не бил во согласност со член 51 став 1 од Уставот бидејќи законската одредба предвидела нешто што не било предвидено со Уставот иако законите мораат да бидат согласни со Уставот.
Судот, на седницата, утврди дека според член 195 од Законот за добиени информации од лица чиј идентитет е под загарантирана тајност во сите околности, а кои се од интерес за водење на царинска постапка, царинскиот орган да може да предвиди надомест кој ќе биде обезбеден сразмерно на висината на наплатената казна.
Тргнувајќи од фактот дека секој субјект е должен да плаќа јавни давачки (меѓу кои и царина) и со тоа да учествува во намирувањето на јавните расходи, при што начинот се утврдува со закон (член 33 од Уставот), Судот смета дека со закон може да се утврди и начинот односно како ќе се стимулира спречувањето на неисполнување на наведената обврска, меѓу кои начини законодавецот може да предвиди одредено лице да добие процент од казната наплатена од сторителот на царинскиот прекршок, поради што таквата законска одредба не е во несогласност со Уставот.
5. Исто така, според наводите во иницијативата, членот 200 став 1 од Законот, во делот означен во точката 1 од ова решение, не бил во согласност со член 9 од Уставот бидејќи создавал нееднаквост помеѓу царинските службеници – контролори на одредени стоки и другите цариници и ги правел неодговорни и привилегирани службеници.
На седницата Судот утврди дека според член 200 став 1 од Законот, заради откривање штотуку извршени противправни дејствија поврзани со увоз, извоз, транспорт или задржување на стоки определени со членот 23 на овој закон (тоа се стоки кои подлежат на високи царини, акцизи, даноци или забранети стоки), царинските службеници се овластени да ја контролираат испораката на таквите стоки и според овој или друг закон не одговараат кривично и прекршочно за преземените службени дејствија.
Според мислењето на Судот, оспорениот дел од законската одредба всушност значи царинските службеници да можат да ги преземаат оние службени дејствија кои се предвидени со Царинскиот и другите закони, не и надвор од нив, а изричното пропишување непостоење кривична и прекршочна одговорност е заради стимулирање ефикасно контролирање на испораката на наведените стоки.
Оттука, таквата законска одредба има уставна основа во членот 96 од Уставот (самостојно спроведување на законите од страна на царинските службеници, врз основа и во рамките утврдени во нив), а не е во несогласност со член 9 од Уставот односно не создава нееднаквост бидејќи овие царински службеници – контролори на одредена стока се во специфична, поинаква положба од другите царински службеници, па не може да се изедначуваат нееднакви. Од друга страна, законската одредба не ја исклучува кривичната и прекршочната одговорност на оваа категорија царински службеници доколку би презеле службени дејствија надвор од Царинскиот и другите закони.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение, во однос на член 10 став 2 алинеја 6, член 11 став 11 во наведениот дел и член 195 од Законот едногласно, а во однос на член 200 став 1 во наведениот дел од Законот со мнозинство, Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.
У.бр.93/99
9 септември 1999 година
С к о п ј е
ли.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков