141/1999-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 9 септември 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 2 став 3, член 3 став 1 и член 4 став 1 од Законот за Агенцијата за разузнавање (“Службен весник на Република Македонија” бр.19/95).

2. Павле Трајанов министер за внатрешни работи на Република Македонија, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 2 став 3, член 3 став 1 и член 4 став 1 од Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што оспорените одредби практично ја дистанцирале Владата како носител на извршната власт во вршењето на работите и одговорноста во областа на разузнавањето, таа била лишена од правото да го именува и разрешува директорот на Агенцијата за разузнавање кој пред се требало да одговара пред неа и содржеле можност од блокирање на работата на Агенцијата и можни спорови помеѓу Владата и Претседателот на Републиката, што не било во согласност со член 91 алинеја 1 и 6 и член 96 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека според член 2 став 3 од Законот, акт за начинот на информирањето од став 2 на овој член донесува Владата на Република Македонија, со претходна согласност од претседателот на Република Македонија.

Со член 3 став 1 од Законот се уредува дека со Агенцијата раководи директор кој го именува и разрешува претседателот на Република Македонија.

Според член 4 став 1 од Законот, за својата работа и работата на Агенцијата директорот му одговара на претседателот на Република Македонија.

4. Според член 8 став 1 алинеја 4 од Уставот, поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 79 од Уставот претседателот на Република Македонија ја претставува Републиката, тој е врховен командант на вооружените сили на Македонија, а своите права и должности ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите. Покрај другите уставно утврдени функции, согласно член 84 алинеја 1, 2 и 3 од Уставот, претседателот на Република Македонија го определува мандаторот за состав на Владата на Република Македонија, именува тројца членови на Советот за безбедност на Република Македонија и именува и разрешува и други носители на државни и јавни функции утврдени со Уставот и закон. Според член 86 став 1 од Уставот, претседателот на Републиката е претседател на Советот за безбедност на Република Македонија, а според ставот 3 од овој член на Уставот, Советот ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и Владата.

Владата на Република Македонија, според член 88 од Уставот, е носител на извршната власт, а своите права и должности ги врши врз основа и во рамките на Уставот и закон.

Според член 91 алинеја 1 од Уставот, Владата на Република Македонија ја утврдува политиката на извршувањето на законите и другите прописи на Собранието и е одговорна за нивното извршување, според алинеја 6 утврдува начела за внатрешна организација и за работа на министерствата и другите органи на управата, ја насочува и врши надзор над нивната работа, а според алинеја 13 на овој член од Уставот, врши именувања и разрешувања на носители на јавни и други функции утврдени со Уставот и закон.

Органите на државната управа, согласно член 96 од Уставот, работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Со Законот за Агенцијата за разузнавање донесен во 1995 година, се основа Агенцијата како посебен орган на државната управа и се уредуваат прашањата за нејзиниот статус и работа, надзор и други прашања битни за нејзината работа. Притоа, во надлежност на Агенцијата, според член 2 став 1 од Законот, е да собира податоци и информации од значење за безбедноста и одбраната на Република Македонија и стопанските, политичките и други интереси на државата, а според став 2 од овој член, Агенцијата врши анализи и истражувања на податоците и информациите од став 1 на овој член и задолжително ги известува претседателот на Република Македонија, Владата на Република Македонија и други државни органи за прашања од значење на нивниот делокруг.

Со Агенцијата раководи директор кој го именува и разрешува преседателот на Републиката и кој за својата работа и работата на Агенцијата му одговара на претседателот на Републиката, а согласно член 4 став 2 од Законот, Владата на Република Македонија може да побара одговорност на директорот за работата на Агенцијата.

Понатаму, со член 5 став 2 од Законот, директорот на Агенцијата е овластен по претходно прибавена согласност на Владата да донесува акт за организација и работа и за систематизација на работните места на Агенцијата, која одредба, инаку беше предмет на оценување пред Уставниот суд и за истата не поведе постапка.

Според член 6 од Законот, Агенцијата е упатена на соработка со државните органи за прашања од заеднички интерес, а во остварувањето на таа соработка, тие се должни заемно да си доставуват податоци, известувања и информации и да ги координираат акциите од надлежност на Агенцијата.

Надзорот над работата на Агенцијата, согласно член 9 од Законот, го врши Собранието на Република Македонија преку посебна Комисија, а заклучоците во врска со извештајот на Комисијата, според член 12 од Законот, Собранието ги доставува до претседателот на Републиката и до Владата. Во вршењето на работите од својот делокруг, според член 13 став 1 од Законот, Агенцијата применува средства и методи што ги пропишува Владата на Република Македонија.

Од наведените уставни и законски одредби јасно произлегува дека правата и должностите на претседателот на Републиката и Владата на Република Македонија во вршењето на работите од областа на безбедноста, па според тоа, и во областа на разузнавањето, конкретно се утврдени помеѓу овие два органа во системот на организацијата на државната власт и се во рамките на уставно утврдените односи. Посебниот карактер на прашањата на безбедноста и улогата на органите во рамките на нивната уставна поставеност, недвосмислено упатува на нивна соработка во вршењето на нивните права и должности. Во таа смисла, овластувањето и односот на претседателот на Републиката и Владата спрема Агенцијата за разузнавање, нужно произлегуваат од самиот Устав и се во согласност со посебноста на овој орган на државната управа. Според тоа, именувањето и разрешувањето на директорот на Агенцијата и неговата одговорност пред претседателот на Републиката, како и давањето на негова претходна согласност за донесување на актот за начинот на информирање за анализите и истражувањата на податоците и информациите од работата на Агенцијата, што го донесува Владата, се во рамки на уставните принципи и со нив не се повредува Уставот. Дали се тоа најдобрите решенија, дали директорот е подобро да одговара пред Владата, дали е можно да се блокира работата на Агенцијата и да настануваат непотребни спорови помеѓу Владата и претседателот на Републиката, според мислењето на Судот, тие се фактички и претпоставени прашања кои излегуваат надвор од надлежноста на Уставниот суд во оценката на уставноста на конкретно оспорените одредби.

Тргнувајќи од наведеното, според мислењето на Судот, овластувањата на претседателот на Републиката содржани во оспорените одредби од Законот, се во рамки на уставно утврдените функции на претседателот на Република Македонија и со нив не се одзема ниту пак ограничува улогата на Владата на Република Македонија како носител на извршната власт, поради што Судот не го постави прашањето за согласноста на член 2 став 3, член 3 став 1 и член 4 став 1 од Законот за Агенцијата за разузнавање со член 91 алинеја 1 и 6 и член 96 од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.141/99
9 септември 1999 година
С к о п ј е
ли.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков