У.бр.125/1999

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 став 1 алинеја 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 30 јуни 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на член 373 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата (“Службен весник на Република Македонија” бр.14/98).

2. Анѓеле Велков и Велко Велков од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1 од ова решение, бидејќи со оспорениот член од Законот, гаражите биле дефинирани како објекти наменети за сообраќај кои не можат да се пренаменат и користат за други потреби. Подносителите на иницијативата сметаат дека гаражата е составен дел од станот поради што со овој член се повредувало правото на сопственост гарантирано со член 8 став 1 точка 6 и член 30 став 3 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека во Законот за изменување и дополнување на Законот за изградба на инвестициони објекти (“Службен весник на Република Македонија” бр.18/99), во членот 14 е утврдено дека со влегувањето во сила на овој закон престануваат да важат членовите 372 до 376 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.

4. Според член 28 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со оглед на тоа што оспорениот член 373 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата престанал да важи Судот оцени дека има процесни пречки за одлучување на Судот, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр. 125/99
30 јуни 1999 година
С к о п ј е
ли.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков