91/1999-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 23 јуни 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување законитоста на Графичкиот прилог за измена на Графичкиот прилог, составен дел на Одлуката за определување на локација за нови православни гробишта во Кичево, бр.08-785/3 од 30 јули 1997 година, донесена од Советот на Општина Кичево.

2. Кире Мојсоски од Другово и Миле и Љубе Костевски од Кичево, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата, и покрај тоа што Уставниот суд одлучил да не поведе постапка за оценување на законитоста на оспорената одлука, поради немање можност да се реализира и тоа од аспект на сообраќајните решенија содржани во Планот, Советот на Општина Кичево извршил измена на Планот односно нејзиниот графички дел, со вцртување на ново сообраќајно решение со што фактички, без спроведена постапка пропишана со Законот за просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/96, 8/96, 28/96 и 28/97), е изменета, поради што оваа одлука не е во согласност со означениот закон.

3. Судот на седницата утврди дека Уставниот суд на Република Македонија со решение У.бр.226/97 од 4 февруари 1998 година, одлучи да не поведе постапка за оценување законитоста на Одлуката бр.785/3 од 30 јули 1997 година за определување на локација за нови православни градски гробишта на Општина Кичево. При тоа Судот не поведе постапка од причини што утврди дека Одлуката е донесена во пропишаната постапка со Законот за просторно и урбанистичко планирање поради што оцени дека не може да се постави прашањето за нејзината согласност со Законот.

По предметот У.бр.164/98, по поднесена иницијатива за преиспитување на Решението на Уставниот суд по предметот У.бр.226/97, Судот со решение ја отфрли иницијативата затоа што оцени дека непостои основ за поинакво одлучување.

Од извршениот увид во графичкиот дел на одлуката при нејзиното донесување и графичкиот прилог при издавањето на урбанистичко-техничката документација, како и по увидот во графичкиот дел на предметот во надлежното министерство за урбанизам при издавањето согласност на Одлуката, Судот утврди дека не постои отстапување во поглед на сообраќајните решенија во графичките прилози, а гробиштата, со оглед на можностите на Општината Кичево, ќе се градат во неколку етапи и дека за сите сообраќајни решенија при издавањето на градежната документација била прибавена согласност од надлежното министерство за сообраќај.

Исто така, Судот утврди дека во актот – Решението за услови за градба на надлежното министерство за урбанизам со кое се утврдуваат услови за градба и архитектонско – урбанистички услови за градба, покрај другите услови, е наложено при проектирањето на објектот инвеститорот да се придржува и на условите утврдени со посебни прописи, меѓу кои и на издадената согласност од Министерството за сообраќај и врски – Сектор за сувоземен сообраќај – Скопје бр.08-уп.615 од 1 декември 1997 година.

Од изнесената фактичка состојба произлегува дека непостои акт, односно нов графички прилог со кој е извршена измена на Одлуката за определување на локација за нови православни градски гробишта на Кичево.

4. Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија, меѓу другото, одлучува за согласноста на прописите со Уставот и законите.

Според членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со оглед на тоа што не постои графички прилог, со кој е изменет Графичкиот прилог, составен дел на Одлуката, постојат процесни пречки Судот да одлучува по иницијативата, поради што Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр. 91/99
23 јуни 1999 година
С к о п ј е
ли.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков