Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 51 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 9 јуни 1999 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА барањето на Велиан Јагев за заштита на човековите права во делот на имотните права повредени со поединечен акт за експропријација од страна на државата.
2. Велиан Јагев од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за заштита на човековите права во делот на имотните права повредени со поединечен акт за експропријација. Подносителот на барањето наведува дека во текот на спроведувањето на Законот за премер и катастар на земјиштето 1960-1969 година, а стапил во сила 1972 година, Геодетската управа на Битола со поединечен акт извршила експропријација на куќа со дворно место сопственост на Вангел Јажев, во корист на државата. При тоа, надлежните органи не ги применувале одредбите од Законот за премер и катастар на земјиштето бидејќи не биле повикани корисниците на земјиштето по писмен пат така да не можеле да изнесат свои податоци за имотот. Поради тоа, подносителот бара, Судот да го поништи актот за експропријација што ќе овозможело враќање на имотот во поранешна состојба пред 1960-1969 година.
3. Според член 110 став 1 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.
Во конкретниот случај, имотното право на граѓанинот повредено со поединечен акт за експропријација не спаѓа во слободите и правата што подлежат на уставно судска заштита, согласно член 110 став 1 алинеја 3 од Уставот.
Поради тоа Судот оцени дека нема процесни претпоставки за водење на постапката и одлучи барањето да го отфрли.
4. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.
У.бр.105/1999
9 јуни 1999 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Милан Недков