У.бр.223/1998-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 2 јуни 1999 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВААТ:

а) членовите 1, 3 и 5 од Одлуката за располагање и начинот на користење на водата за пиење од селскиот водовод, донесена од Советот на Месната заедница на село Велушина – Битола, бр.17, на седницата од 25 декември 1993 година и

б) Одлуката за начинот на плаќање на водата за пиење во село Велушина, донесена од Советот на Месната заедница во село Велушина – Битола, бр.18, на седницата од 25 декември 1993 година.

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У.бр.223/98 од 5 мај 1999 година поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на актите означени под а) и б) во точката 1 од ова решение, затоа што се постави прашањето за нивната согласност со Уставот, Законот за водите и Законот за комуналните дејности.

4. Судот на седницата утврди дека во членот 1 од Одлуката за располагање и начинот на користење на водата за пиење од селскиот водовод, бр.17 од 25.12.1993 год., е предвидено дека со оваа одлука се менува Одлуката за начинот на плаќање на водата за пиење, асфалтниот пат и слични комуналии за лица кои се доселуваат во с. Велушина.

Во таа смисла надоместокот на водата за пиење се зголемува од 100 на 300 германски марки; надоместокот за користење на асфалтниот пат се определува во износ од 200 герм.марки, а лицата кои не учествувале во изградбата на водоводот и патот и немаат домашен водовод, се задолжуваат да платат износ од 1.000 герм.марки.

Согласно членот 2 од Одлуката, сите грѓани што не го подмириле надоместокот за водата за пиење (една или повеќе години) се исклучуваат од водоводната мрежа, а за повторно приклучување се задолжуваат да платат како за нови приклучоци.

Членот 3 од Одлуката предвидува на лицата иселени во странство за секогаш, да им се исклучи водоводната мрежа, бидејќи истата не се користи.

Со членот 4 од Одлуката е предвидено дека на оние лица кои ќе се затекнат да наводнуваат од селскиот водовод, водата да им биде исклучена.

Согласно ставот 1 на членот 5 од Одлуката, наплатата на потрошената вода ќе се врши по член на домаќинство, а за оние кои не живеат во село Велушина (а поседуваат куќа и имот) ќе се наплаќа паушално.

5. Исто така, Судот на седницата утврди дека со точката 1 од Одлуката за начинот на плаќање на водата за пиење во село Велушина, бр.18 од 25 декември 1993 год., се врши измена на Одлуката бр.33 од 30 декември 1974 година.

Со точката 2 од Одлуката, се задолжуваат корисниците на вода – жители на Месната заедница во с. Велушина паушално по куќа да ја плаќаат потрошената вода за пиење во износ од 100 денари годишно, доколку учествувале во одржувањето на водоводот.

Со точката 3 од Одлуката, корисниците на вода за пиење кои не се жители во Месната заедница на село Велушина, се задолжуваат да плаќаат по 100 денари по член, доколку учествувале во одржувањето на водоводот.

Согласно точката 4 на Одлуката, корисниците на вода за пиење, кои не се жители во Месната заедница на село Велушина, а не учествувале во одржувањето на водоводот се задолжуваат да плаќаат по 500 денари, паушално по куќа за една година.

Со оглед на тоа дека изградбата и реконструкцијата на водоводната мрежа во село Велушина е извршена по пат на самопридонес во 1946 година, односно 1968 година, Судот ги ценеше оспорените одлуки во однос на законите за местен самопридонес, што тогаш биле на сила.

6. Имено, согласно член 1 од Законот за месниот самопридонес (“Службен весник на НРМ” бр.40/55) местен самопридонес, со цел за изградување на комунални, стопански, здравствени, социјални и други објекти, можеле да воведуваат општините, поодделни краишта на општините, улиците или групи на улици, селата и заселците.

Обврзници на месниот самопридонес, според член 2 став 1 од овој закон, биле сите граѓани постојано настанети на подрачјето на кое се воведувал самопридонесот, доколку не биле ослободени, според одредбите на овој закон, од обврската на учество во месниот самопридонес.

Самопридонесот бил еднаков за сите обврзници, а по правило, се воведувал за една календарска година (член 2 став 2 и член 3 став 1).

Доколку објектот, за кој се воведувал месниот самопридонес, не можел да се доврши во текот на календарската година во која се воведувал, тој можел да се воведе и за следните години во кои ќе се изградува објектот, со тоа што се задолжува народниот одбор секоја година одделно да донесува одлука за висината на месниот самопридонес (член 3 став 2).

Остварените средства од самопридонесот биле строго наменски, односно можеле да се употребуваат само за изградба на објектот за кој бил воведен месниот самопридонес (член 5 став 1).

Основица за утврдување на месниот самопридонес во пари, според став 1 на член 9 од овој закон, бил доходот во домаќинството кој се утврдувал според прописите кои го регулирале утврдувањето на даночните основици на данокот на доход со тоа што на доходот на домаќинство се пресметувале и сите примања кои поодделни членови на домаќинството ги остварувале од работниот или службеничкиот однос, примањата од авторските права, како и другите приходи на обврзникот и неговото домаќинство.

Согласно член 23 став 2 од Законот по завршување на објектот за кој бил воведен самопридонесот, месниот одбор составувал завршна сметка за потрошените парични средства, остварени со месниот самопридонес и целостен извештај за спроведување на одлуката за месниот самопридонес.

Исто така, и Законот за придонесите и даноците на граѓаните (“Службен весник на СРМ” бр.5/65 и 5/67) во кој се содржани одредби во врска со прашањето за воведувањето на самопридонесот, содржел соодветни решенија во однос на обврзниците на самопридонесот, неговатга висина, времетраењето на истиот, намената на средствата и обврските на месната заедни ца по завршувањето на истиот.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека по завршувањето на постапката за самопридонесот, односно по завршувањето на објектот изграден од средства прибрани по пат на самопридонес, не постои законска обврска од новодоселените лица да се наплатуваат дополнителни средства по овој основ, поради што утврди дека Одлуката на Месната заедница во село Велушина, со која се предвидува сите новодоселени лица во селото кои не у чествувале во самопридонесот да плаќаат паушал од 300 односно 1000 германски марки годишно, е несогласна со овој закон.

Во однос на определувањето на цената на водата во паушален износ, Судот оцени дека ваквото определување е несогласно со Уставот на Република Македонија и Законот за водите.

Имено, според член 56 став 1 од Уставот на Република Македонија, растителниот и животинскиот свет, добрата во општа употреба, како и предметите и објектите од особено културно и историско значење определени со закон се добра од општ интерес за Републиката и уживаат посебна заштита. Според ставот 3 на истиот член од Уставот начинот и условите под кои определени добра од општ интерес за Републиката можат да се отстапат на користење се уредуваат со закон.

Во таа смисла условите и начинот на употреба и користење на водите, како добра од општ интерес на Републиката, заштитата од штетни дејства на водите, заштитата на водите од исцрпување и загадување, управувањето со водите, изворите и начинот на финансирање на водостопанските дејности, условите и начинот на вршење на водостопанската дејност, давање на водата на користење со одобрение (концесија), како и другите прашања од значење за обезбедување на единствен режим на водите, се уредени со Законот за водите (“Службен весник на РМ” бр.4/98).

Исто така, во членот 131 од Законот за водите како извор на средства за финансирање на материјалната основа за вршење на водостопанските дејности, односно како извор на средства на фондот за водите, од кој се финансира извршувањето на работите што согласно член 122 од Законот ги врши овој фонд, меѓу другите, е утврден и надоместокот за водите. Овој надоместок, пак, според членот 132, освен другите субјекти, е утврдено да го плаќаат и домаќинствата за секој употребен метар кубен вода по 1,0% од утврдената цена. Пресметувањето, наплатувањето и уплатувањето го врши јавното комунално претпријатие.

Со Законот за комунални дејности, пак, (“Службен весник на РМ” бр.45/97) како комунална дејност во смисла на овој закон, покрај другите дејности е утврдено и снабдувањето со вода за пиење, под што се подразбира зафаќање, обработка и дистрибуција на вода до мерниот инструмент на корисникот (член 3 точка 1 од Законот).

Комуналната дејност според член 14 од овој закон може да ја вршат јавни претпријатија за комунални дејности, основани од Владата на Република Македонија или од општините и градот Скопје, во зависност од значењето и карактерот на комуналната дејност и објектите на комуналната инфраструктура, како и други правни и физички лица со давање концесија или дозвола за вршење на комунална дејност.

Согласно член 29 став 1 алинеја 1 од Законот цената на услугите за снабдување со вода за пиење се определува според метар кубен обработена и испорачана вода.

Со оглед на тоа дека, со оспорената Одлука бр.17 за корисниците се утврдува различна висина на цената на потрошена вода за пиење при што се воспоставени различни критериуми (лица кои се доселуваат во селото; лица кои не учествувале во изградба на водоводот и немаат домашен водовод; лица иселени во странство засекогаш и лица кои живеат или не живеат во селото) кои ниту Законот за водите ниту Законот за комуналните дејности не ги познава, со што се ствара нерамноправност меѓу корисниците за вода како и со оглед на тоа дека цената на водата е утврдена во паушален износ, а не според метар кубен потрошена вода, Судот утврди дека оваа одлука е несогласна со членовите 9 и 56 од Уставот, членовите 14, 27 и 29 од Законот за комуналните дејности и членот 132 од Законот за водите.

Исто така, со оглед на тоа што и со Одлуката бр.18 од 25 декември 1993 година се определуваат различни цени за потрошената вода за корисниците во зависност од учеството во одржувањето на водоводот, од тоа дали се жители на селото или не од одредувањето на паушален износ за плаќање на потрошената вода и друго, Судот оцени дека може да се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот, Законот за водите и Законот за комуналните дејности.

7. Во врска со прашањето за воведување на давачка во износ од 200 германски марки годишно за користење на локалниот асфалтен пат во селото за лицата кои се доселуваат во селото и кои не учествувале во средствата прибрани по пат на самопридонес од страна на месната заедница, Судот оцени дека Одлуката е несогласна со закон и од овој аспект.

Имено, согласно член 2 став 1 од Законот за јавните патишта (“Службен весник на РМ” бр.26/96) јавните патишта се добра во општа употреба.

Според став 2 на овој член од Законот јавните патишта се во државна сопственост.

Во членот 3 точка 2 од овој закон меѓу другото, е определено дека јавни патишта се и улиците во населените места и градовите.

Согласно член 3 точка 8 од Законот локален пат е јавен пат кој поврзува населени места на општината или кој е од значење за сообраќајот во општината.

Согласно член 9 став 2 од Законот локалните патишта и улиците во населените места ги утврдува општината, односно градот Скопје.

За работите во врска со планирањето, финансирањето, изградбата, реконструкцијата и одржувањето на јавните патишта, согласно член 20 став 4 од Законот, општината, односно градот Скопје може да основа фонд за локални патишта чија организација и надлежност се уредува со пропис на општината, односно градот Скопје.

Согласно член 96 од овој закон финансиските средства за изградба, реконструкција, одржување и заштита на јавните патишта се обезбедуваат од: делот од акцизата од деривати на нафта, од надоместокот за употреба на пат што плаќаат странските моторни и приклучни возила, годишен надоместок за патни моторни и приклучни возила што подлежат на регистрација и други извори.

Средствата остварени од надоместоците што се плаќаат за локалните патишта и улици, согласно член 105 став 5 од Законот се приход на општината, односно градот Скопје, а се наменети за изградба, реконструкција, одржување и заштита на локалните патишта и улици.

Висината, пак, на надоместокот што се плаќа за финансирање на локалните патишта, согласно член 104 став 1 од Законот ја утврдува општината, односно градот Скопје.

Од наведените одредби од Законот за јавните патишта произлегува дека тие се добра во општа употреба, дека се државна сопственост, дека општината со свој пропис ја уредува организацијата и надлежноста на фондот за локални патишта во чија надлежност се планирањето, финансирањето, изградбата, реконструкцијата, одржувањето и заштитата на патиштата, дека висината на надоместоците за употреба на локалните патишта ја утврдува општината, односно градот Скопје и дека овие средства се приход на општината, односно градот Скопје.

Од тие причини Судот оцени дека месната заедница не е надлежна да управува со локалниот пат во село Велушина ниту да определува годишен надоместок за неговата употреба, а уште помалку да биде сопственик на тој пат.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од оваа одлука.

8. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д- р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.223/1998
2 јуни 1999 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Милан Недков