Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 11, 14 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 14 април 1999 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 5 став 4 од Правилникот за издавање и продажба на поштенски марки и вредносници донесен од Управниот одбор на Јавното претпријатие за поштенски сообраќај “Македонска пошта” – Скопје на 26 декември 1997 година.
2. Уставниот суд на Република Македонија по сопствена иницијатива поведе постапка за оценување уставноста на член 5 став 4 од Правилникот означен во точката 1 од ова решение.
3. Судот на седницата утврди дека според член 5 став 4 од Правилникот при издавање на една марка текстот “Република Македонија” и “Македонска пошта” се пишува со кирилско писмо, а на изданијата што имаат повеќе од една марка текстот “Република Македонија” и “Македонска пошта” се пишува наизменично со латинско и кирилско писмо.
4. Според член 7 став 1 од Уставот во Република Македонија службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо.
Тргнувајќи од содржината на наведената уставна одредба, а имајќи ја предвид содржината на оспорената одредба, според мислењето на Судот поштенските марки претставуваат јавни ознаки и како такви се дел од јавната комуникација во Републиката, што се остварува на македонски јазик и неговото кирилско писмо. Несомнено, како еден од белезите на државноста е и службениот јазик на државата, поради што со поштенските марки што ги издава ЈП “Македонска пошта” не може да биде изземена употребата на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо.
Со оглед на тоа што оспорената одредба предвидува на изданијата што имаат повеќе од една марка текстот “Република Македоникја” и “Македонска пошата” да се пишуваат наизменично со латинско и кирилско писмо, со што всушност се исклучува употребата на кирилското писмо на изданијата на одделни марки, пред Судот се постави прашањето за согласноста на член 5 став 4 од Правилникот со член 7 став 1 од Уставот.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.
У.бр.74/99
14 април 1999 година
С к о п ј е
сд/.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков