17/1999-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 7 април 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на решението на Републичкиот педагошки совет бр.07-53 од 26.06.1975 година со кое се одобрува употребата на учебникот за второ одделение “Читам и пишувам латиница” од авторите д-р Ѓорѓи Делчев, д-р Никола Петров и Ѓорѓи Калан.

2. Златко Николовски од Велес на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на актот означен во точката 1 од ова решение затоа што со означениот учебник се воведувало изучување на “македонска латиница” што не било во согласност со член 7 од Уставот, а немало ни стручна, ни етичка основа.

3. Уставниот суд утврди дека оспореното решение претставува поединечен правен акт.

4. Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија е надлежен да одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на колективните договори и другите прописи со Уставот и законите, но не и за уставноста или законитоста на поединечните правни акти.

Поради тоа, Уставниот суд утврди дека не е надлежен да одлучува за уставноста на оспореното решение и одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр. 17/99
7 април 1999 година
С к о п ј е
ли.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков