22/1999-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 31 март 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 14 став 4 и член 87 став 2 од Законот за семејството (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/92 и 9/96).

2. Љиљана и Марија Којиќ, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување уставноста на одредбите од Законот означени во точката 1 од ова решение, затоа што предвидувањето (во член 14 став 4 од Законот) жалбата да не го одлага извршувањето на решението донесено од центарот за социјална работа не било во согласност со член 15 од Уставот и со член 42 став 1 од Уставот. Исто така, определувањето (во член 87 став 2 од Законот) центарот за социјална работа да може да одземе дете од едниот родител, на кој детето му е доверено на чување и воспитување, ако тој родител оневозможува контактирање на детето со другиот родител, значело овластување на центарот за социјална работа да го казнува родителот и употребување на детето како средство за казнување на непослушен – недисциплиниран родител, поради што таа законска одредба не била во согласност со член 8 став 1 алинеја 4 од Уставот, со член 13 став 1 од Уставот и со член 42 став 1 од Уставот.

Освен тоа, иницијаторите молат, и покрај тоа што им била позната надлежноста на Уставниот суд, Судот да се произнесе и по прашањето на усогласеноста на член 87 став 2 од Законот за семејството со член 80 ставовите 1, 3 и 4 од истиот закон, како и со член 13 од Законот за судовите.

Едновремено, се предлага Судот да го запре извршувањето на Решението за одземање на малолетното дете Тигран Кандикјан од неговата мајка Љиљана Којиќ …, бр.3006/11, донесено од Меѓуопштинскиот центар за социјална работа на општините во град Скопје на 15 јануари 1999 година, до донесување конечна одлука на Уставниот суд заради спречување настанување тешко отстранливи штетни последици по детето.

3. На седницата Судот утврди дека според член 14 став 4 од Законот, жалбата изјавена против решението на центарот за социјална работа не го задржува неговото извршување.

Наведената законска одредба, пак, е во директна врска односно реализирање на член 14 став 1 од Законот според кој работите сврзани со посебната заштита и помош на семејството … ги врши центар за социјална рабата со методите на стручната, советодавната и советовалишната интердисциплинарна тимска работа.

Според член 42 став 1 од Уставот, Републиката посебно ги заштитува мајчинството, децата и малолетните лица.

Од изнесената уставна одредба произлегува обврска за државата да обезбеди посебна заштита на, покрај другото, и децата.

Со оглед на тоа што оспорената законска одредба го обезбедува правото на жалба, а нејзиното незадржување од извршување, според мислењето на Судот, е заради обезбедување на посебна заштита на децата, Судот оцени дека таа законска одредба не е во несогласност со наведената уставна одредба, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

4. Судот, исто така, утврди дека според член 87 став 2 од Законот, Центарот за социјална работа може да одземе дете од едниот и да го довери на другиот родител, на трето лице или на соодветна установа и во случаи кога родителот на кого детето му е доверено на чување и воспитание, ги оневозможува личните односи на детето со другиот родител.

Имајќи ја предвид уставната обврска на државата да обезбеди посебна заштита на децата (член 42 став 1 од Уставот), како и тоа дека двајцата родители имаат еднакви права и должности спрема своите деца (член 8 став 1, член 45 став 1, член 47 став 3 од Законот за семејството), Судот оцени дека овластувањето на центарот за социјална работа, утврдено во член 87 став 2 од Законот, не е во несогласност со наведената уставна одредба, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Што се однесува, пак, до барањето од иницијативите Судот да се произнесе по прашањето за усогласеноста на член 87 став 2 од Законот со член 80 ставовите 1, 3 и 4 од истиот закон, како и со член 13 од Законот за судовите, Судот, согласно член 110 од Уставот, не е надлежен да постапува по таквото барање.

6. Во однос, пак, на барањето за запирање од извршување на Решението на Центарот за социјална работа донесено на 15 јануари 1999 год., Судот оцени дека не се исполнети условите предвидени за тоа во член 27 став 1 од Деловникот на Судот со оглед на тоа што одлучи да не поведе постапка односно со оглед на тоа што не можат да настанат тешко отстранливи последици.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

4. Ова решение Судот го донесе едногласно, во однос на член 14 став 4 од Законот, односно со мнозинство гласови, во однос на член 87 став 2 од Законот, во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.22/99
31 март 1999 година
С к о п ј е
сд/.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков