Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 24 март 1999 година, донесе
О Д Л У К А
Текст
1. СЕ ПОНИШТУВААТ Правилникот за пополнување на АРМ со војници по договор бр. 2-1499/1 од 3.04.1997 година и Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за пополнување на АРМ со војници по договор бр.01-1499/2 од 27.05.1997 година.
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Димитрија Атанасовски, адвокат од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на правилниците означени во точката 1 од оваа одлука, од причини што истите изворно уредувале обврски на Армијата што не било во согласност со членот 122 став 1 од Уставот на Република Македонија и член 1 став 1 и членовите 20 и 21 од Законот за одбрана (“Службен весник на Република Македонија” бр.8/92, 30/95).
Понатаму, подносителот смета дека Министерот за одбрана нема законско овластување да донесе подзаконски акт кој ќе ја уреди оваа материја, туку има само право да ги утврдува местата кои се пополнуваат со војници по договор и да склучува договори со нив. Одредбите од правилниците кои се однесуваат на засновањето работен однос на определено време, користењето на отсуствата и викендите, како и користењето на правото на одмор, не биле во согласност со одредбите на Законот за работни односи (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/93, 14/95, 53/97, 21/98) ко и ги уредуваат овие прашања. Покрај тоа, оспорените правилници биле спротивни на членот 32 став 5 од Уставот на Република Македонија согласно кој остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.
Со оглед на фактот што правилниците стапуваат во сила со денот на донесувањето, истите не биле во согласност со член 52 од Уставот на Република Македонија.
4. На седницата Судот утврди дека оспорените правилници претставуваат правен основ со кој се врши пополнување на АРМ со војници по договор со цел обезбедување поефикасно извршување на нејзините задачи во мир и преземените меѓународни обврски. Пополнувањето на Армијата со војници по договор се врши за местата утврдени со посебен акт во согласност со документите за развој на Армијата, како и за единиците формирани за извршување на преземените меѓународни обврски.
Утврден е начинот на избор на војниците по договор кој се спроведува врз основа на јавен оглас, постапката за избор за прием на војници по договор и елементите кои треба да ги содржи договорот за засновање работен однос на определено време.
Понатаму, се уредува начинот на извршување на должноста војник по договор, обуката, тренажите, спортските и други активности за одржување на кондицијата, како и можноста за унапредување.
Со правилниците е утврдено дека договорот се склучува во траење од 10 години со можност за продолжување на договорот за уште 10 години, по чиј истек војниците по договор се распоредуваат на други должности во Министерството за одбрана.
Утврдени се низа права и обврски кои произлегуваат од вршењето должност војник по договор, а кои се однесуваат на касарнското сместување, правото на живеење со семејството, користењето на викенди и надомест на патните трошоци доколку должноста ја врши надвор од местото на живеење, правото на продолжено излегување во град итн. При тоа војниците кои користат касарнско сместување и ги извршуваат работните обврски непрекинато три недели, имаат право на отсуство во траење од 9 дена. Војникот по договор е должен во текот на месецот непрекинато седум дена да врши должност во дежурната единица, при што нема право на излегување од касарната, ниту право да користи отсуство или викенд. По завршеното дежурство кое трае 24 часа и должности кои траат повеќе од 24 часа непрекинато, војникот по договор се ослободува од вршење на должност во текот на денот кога ја предава должноста.
Покрај тоа, со правилниците предвидена е можност војникот по договор да заснова работен однос на неопределено работно време како воен старешина подофицер доколку ги исполнува соодветните услови.
5. Вооружените сили (армијата) на Република Македонија го штитат територијалниот интегритет и независност на Република Македонија (член 122 став 1 од Уставот).
Одбраната на Републиката се организира како систем за одбрана на независноста и територијалниот интегритет на Република Македонија (член 21 став 1 од Законот за одбрана).
Армијата се подготвува и оспособува за водење вооружена борба и борбени и други дејствија во воена состојба (член 20 од Законот) и се организира и подготвува во мир заради остварување на својата уставна функција за одбрана на Републиката (член 21 од Законот).
Пополнувањето на АРМ и формирањето на посебни единици од војници по договор е токму во насока на исполнување на нејзината уставна функција, при што оспорените правилници само го специфицираат начинот на конституирање на овие единици со војници по договор, при што изворно не воспоставуваат нови обврски за вооружените сили на Република Македонија.
Согласно член 91 став 1 алинеја 5 од Уставот на Република Македонија, Владата на Република Македонија донесува уредби и други прописи за извршување на законите.
Во член 95 став 1 од Уставот е утврдено дека државната управа ја сочинуваат министерства и други органи на управата и организации, утврдени со закон.
Согласно член 138 од Законот за органите на управата (“Службен весник на СРМ” бр.40/90 и “Службен весник на Република Македонија” бр.63/94) министерот или другиот функционер кој раководи со органот на управата, меѓу другото, донесува прописи и други акти за кои е овластен.
Во членот 19 став 2 од Законот, органите на управата во рамките на правата и должностите на Републиката ги извршуваат законите, другите прописи и општи акти на Собранието и прописите и општите акти на Владата, покрај останатото, и со донесување на прописи кога за тоа се овластени со закон, друг пропис и општ акт.
Согласно член 160 ст ав 1 (кој воедно е и правен основ за донесување на оспорените акти) функционерите кои раководат со органите на управата донесуваат правилници, наредби и упатства за извршување на законите и другите прописи и општи акти кога за тоа се овластени со тие закони, прописи односно акти.
Согласно член 17 став 1 алинеја 11 од Законот за одбрана Министерството за одбрана врши пополнување на армијата.
Според член 26 став 1 од Законот, пополнувањето на постојаниот состав на армијата се врши, меѓу другото и со војници по договор.
Според член 27 став 1 точка 4 и 5 од Законот за одбрана во согласност со документите за развој на армијата и со актите на Претседателот на Републиката, Министерот за одбрана врши пополнување на армијата и за таа цел донесува упатства и други прописи. Покрај тоа, точката 2 од истиот член го овластува министерот да ги утврди местата кои се пополнуваат со војници по договор и да склучи договори со нив.
Оттука произлегува дека оспорените акти на министерот претставуваат еден вид подзаконски пропис чија цел е операционализација и извршување на законот, за чие донесување постои уставно, односно законско овластување на Министерот за одбрана.
Согласно член 32 став 5 од Уставот на Република Македонија, остварувањето на правото на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори. Во ставот 4 од истиот член е утврдено и правото на платен дневен, неделен и годишен одмор, од кои вработените не можат да се откажат.
Согласно Законот за работни односи, одлука за потреба од засновање работен однос донесува работодавецот, органот или работник кого тој ?е го овласти (член 9-б). Изборот од пријавените кандидати го врши работодавецот, или лицето кого тој ?е го овласти (чл.9-в).
Врз основа на член 13 од Правилникот договорот се склучува за време од 10 год. со можност за продолжување за уште 10 год. Во ставот 2 се предвидува војниците по договор по истекот на вториот договор да се распоредат на други должности во Министерството за одбрана.
Оваа одредба не значи дека по истекот на договорот на војниците по договор им престанува работниот однос. Напротив, за време на вршењето на службата се упатуваат на стручно оспособување и усовршување за воени старешини – подофицери во единиците и установите на АРМ и по успешното завршување како подофицери со чин водник се распоредуваат на други должности во Министерството за одбрана утврдени во актот за формацијата и Правилникот за систематизацијата.
Согласно член 7 од Законот за работни односи, работен однос може да заснова секое лице кое ги исполнува општите услови, меѓу другото, утврдени и со актот на работодавецот.
Работодавецот има право со свој акт да ги предвиди условите и начинот на остварувањето на правата од работен однос, со што всушност не се задира во правата од работен однос чие нормирање е уставно-правна, т.е. законска материја.
Оттука, со одредбите од член 18 и 21 од оспорените правилници само се врши прераспределување на работното време на војниците по договор, имајќи ги притоа предвид природата на дејноста, односно на работите и задачите, организацијата на работата, подоброто користење на трудот, порационалното користење на работното време и извршување на определени работи и задачи во утврдените рокови (член 37 став 1 од Законот за работни односи).
Согласно член 52 став 1 од Уставот, законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила.
Со оглед на фактот што оспорените правилници влегуваат во сила со денот на донесувањето, а не со или по нивното објавување, што претставува предуслов правилниците да произведат правно дејство и да стекнат општо задолжителен карактер Судот оцени дека правилниците не се во согласност со Уставот на Република Македонија.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 на оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр. 159/98)