27/1999-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 71 алинеја 3 и член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 3 март 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката за основање јавно претпријатие за стопанисување со шуми ЈП “Македонски шуми”, донесена од Владата на Република Македонија бр.23-3028/1 од 15 декември 1997 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.65/97).

2. Здружението на граѓани за заштита на интересите на сопствениците на шуми од Куманово, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за оценување уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што покрај стопанисувањето со шумите, предвидувала и организирање и вршење транспорт на шумски сортименти, изработка на ловно стопански основи и планови за стопанисување со шуми и сл. што не било во согласност со член 2 од Законот за јавните претпријатија кој не ги предвидувал овие дејности како дејности од јавен интерес. Исто така оваа одлука не била согласна ниту со членовите 17 и 84 од Законот за шумите каде прецизно стоело под кои услови Владата може да формира јавно претпријатие за стопанисување со шуми, а не била согласна ниту со членот 55 од Уставот затоа што обезбедувала монополско однесување на јавното претпријатие на пазарот.

3. Судот на седницата утврди дека со оваа одлука се определува фирмата на претпријатието, седиштето и дејноста, во кои рамки, покрај стопанисувањето со шумите (одгледување, заштита и користење на шуми) се предвидени и други дејности, како на пример, ловство и туризам, примарна преработка на дрво, производство и доработка на шумско семе и сл.

Исто така, во Одлуката се определени органите на јавното претпријатие, вршителот на должноста директор и се предвидува дека средствата за основањето на јавното претпријатие се од средствата на постојните претпријатија што стопанисуваат со шуми (“Малешево” – Берово, “Равна Река” – Пехчево, “Голак” – Делчево и др.).

4. Согласно член 3 од Законот за јавните претпријатија (“Службен весник на Република Македонија” бр.38/96 и 9/97), јавни претпријатија во име на Република Македонија основа Владата на Република Македонија.

Согласно членот 1 од овој закон, јавните претпријатија се основааат заради вршење на стопанските дејности од јавен интерес, а како такви, според членот 2 од Законот, меѓу другите, е предвидено и стопанисувањето со шумите.

Во членот 10 од Законот е предвидено дека со актот за основање на јавното претпријатие се утврдува дејноста, фирмата и седиштето, износот на средствата и начинот на нивното обезбедување, организацијата на јавното претпријатие, одговорноста на јавното претпријатие за обврските во јавниот промет со трети лица и рокот за донесување статут и именувањето на органите на јавното претпријатие.

Исто така, согласно член 17 од Законот за шумите, за стопанисување со шумите во државна сопственост за стопанска намена, Владата на Република Македонија основа јавно претпријатие за стопанисување со шуми.

Од изнесените одредби од Законот за јавните претпријатија и Законот за шумите произлегува дека Владата на Република Македонија е овластена да основа јавни претпријатија, односно дека оспорената одлука претставува акт за основање на јавно претпријатие, предвиден во член 10 од Законот за јавните претпријатија.

Со оглед на тоа што оспорената одлука не претставува пропис, туку основачки акт, согласно член 110 од Уставот, Судот не е надлежен да ја оценува нејзината уставност и законитост.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр. 27/99
3 март 1999 година
С к о п ј е
ли.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков