157/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 3 март 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за преиспитување на Решението У.бр.210/97, донесено од Уставниот суд на Република Македонија на седницата одржана на 15 јули 1998 година.
2. Сојузот на пензионерите на Република Македонија, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за преиспитување на Решението означено во точката 1 од ова решение. Во иницијативата се наведуваат повеќе аспекти поради кои Уставниот суд имало потреба да го приспита ознеченото решение. Имено, Автентичното толкување бил акт кој подлежи на уставносудска оценка. При тоа се нагласува дека толкувањето што го вршеле судовите во поединечни случаи имало правно дејство само за тие случаи, додека со толкувањето што го дава законодавецот мора да се отстранат сите различни толкувања на законската норма што се давале во поединечните случаи. Истовремено, автентичното толкување морало да биде во согласност со Уставот, а во случајов со оспореното Автентично толкување се дезавуирала Одлуката на Уставниот суд за укинување на членот 6 од Законот за исплата на плати и пензии.
Во барањето , натаму, се поставува прашањето каква била смислата односно која била целта на Автентичното толкување ако требало само да ја појасни ситуацијата до донесувањето на укинувачката одлука на Уставниот суд (во случајов само во 1994 година), кога се знаело дека укинувачкиот карактер на Одлуката на Судот не навлегла во правната ситуација настаната до нејзиното донесување. Затоа, законодавецот немал за цел со Автенитчното токување да ја појаснува јасната и неспорната работа околку минатото дејство на членот 6 од Законот за исплата на плати и пензии.
Се нагласува дека Автентичното толкување не би можело да биде во согласност со Уставот ако негова цел била да ја продолжи примената на членот 6 и по неговото укинување од Уставниот суд и неговото ставање надвор од правниот поредок на Републиката, а истовремено да се определи дека 8% од износите на пензиските основици што биле намалени согласно овој член им припаѓаат на пензионерите, кога се знаело дека тоа право до денес (по повеќе од три ипол години), со разни изговори и толкувања, се оспорувало од Фондот што било противречно.
Во врска со изнесеното се поставувало прашањето за ставот на Уставниот суд во поглед на натамошното важење на неговите одлуки за укинување на членот 6 од Законот за исплата на платите и пензиите и за поништување на членот 27 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, односно дали со Автентичното толкување на членот 37 од Законот и со Решението на Судот да не поведе постапка за оценување на неговата согласност со Уставот, двете одлуки на Судот останувале во сила или нивното важење престанува.
Покрај изнесеното требало да се има предвид дека една од трите одлуки на Уставниот суд што се однесува на ова прашање, во кои судот консенкветно го изложил својот став дека државата нема уставно овластување со закон да ги ограничува правата од пензиското и инвалидското осигурување (Одлука за поништување на точката 2 од Решението за валоризационите коефициенти) била извршена од Фондот по службена должност и дека со тоа биле создадени две категории на пензионери во поглед на износите на пензиските основици во услови на ист пензиски систем и на исти законски одредби.
Ако Автентичното толкување значело враќање во правниот поредок на укинатиот член 6 и ако тоа не се однесувало на Одлуката на Уставниот суд за поништување на точката 2 од означеното решение, се поставувало прашањето дали тоа немало да значи дека крајна последица ќе било трајно задржување на двете категории пензионери во поглед на нивните пензиски основици и тоа само зависно од времето кога е остварено правото на пензија (до крајот на 1994 година и после 1 јануари 1995 година). Таквата правна ситуација преставувала непочитување на уставниот принцип на еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законот. Оттука, со враќањето во правниот поредок на укинатиот член 6 пред Автентичното толкување на законска одредба што се однесувала само на усогласување на пензиите, чија примена во практиката не била спорна, покрај повредата на одредбата на ставот 3 на член 112 од Уставот односно непочитување на конечните и извршните одлуки на Уставниот суд, ќе се создадела и една нова неуставна ситуација.
Тргнувајќи од изнесеното подносителот смета дека има основи за преиспитување на Решението на Судот за неповедување постапка за оценување согласноста на Автентичното толкување со Уставот, а со цел целосно и јасно да се утврделе фактичките и правните околности за ова прашање во согласност со принципот за владеење на правото, како една од темелните вредности на Уставниот поредок на Републиката. При тоа, подносителот укажува дека Редакционата комисија на Судот треба да ги констатира погрешно утврдените фактички и правни околности, недореченоста и противречности во Решението и за тоа да го извести Судот што ќе било повод за уважување на нивното барање за преиспитување на Решението.
На крајот во барањето се сугерира, затоа што иницијативата за преиспитување е поднесена само врз основа на информацијата од јавните гласила дека Судот не повел постапка за оценување уставноста на Автентичното толкување, односно пред да ја добие одлуката на Судот, во конечниот текст на Решението да се прецизира ставот на Судот дека Автентичното толкување на член 37 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување се однесува исклучиво на примената на таа законска одредба, а не и на примената на законските одредби за утврдување на пензиските основици и дека со него не се ограничуваат правата на пензионерите врз основа на одлуките на Уставниот суд за укинување на членот 6 од Законот за исплата на платите и пензиите и на членот 27 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување.
3. На седницата Судот утврди дека со Решението У.бр.210/97 од 15 јули 1998 година, не повел постапка за оценување уставноста на Автентичното толкување на член 37 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, донесено од Собранието на Република Македонија на седница од 17 септември 1997 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.49/97). Автентичното толкување било оспорено затоа што според него на посреден начин биле вратени во правниот поредок член 6 од Законот за исплата на плати и пензии и член 27 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување кои со Одлука У.бр.15/94 од 7 декември 1994 година и со Одлука У.бр.128/95 од 5 јуни 1995 година Уставниот суд ги укина, односно поништи, така што и понатаму пензиската основица била намалена за 8% за период од 4 години, а со тоа му било дадено повратно дејство на Законот што не било во согласност со Уставот на Република Македонија.
Тргнувајѓи од содржината на оспореното Автентично толкување Судот оценил дека тоа не создава нови односи во врска со усогласувањето на пензиите, односно не излегува од рамките за правото на усогласување на пензиите утврдено со член 37 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување. Ова од причини што Автентичното толкување само го појаснува значењето на дел од одредбата од овој член ” влијанието на усогласувањето на пензиите предизвикани со друг закон”, односно влијанието на членот 6 од Законот за исплата на плати и пензии за време на важењето, до неговото отстранување од правниот поредок на Републиката, како правна ситуација додека бил во сила, а не дека со Автентичното толкување се враќа во правниот поредок укинатиот член 6 од означениот закон. Според тоа, Автентичн ото толкување не го доведува во прашање уставниот принцип за владеењето на правото, уставниот принцип за правото на социјално осигурување и социјалната сигурност на граѓаните и за согласноста на законите и другите прописи со Уставот и законите.
Исто така, според мислењето на Судот, од истите при чини, со Автентичното толкување не е дадено повратно дејство на законите, односно на Законот за пензиското и инвалидското осигурување и на Законот за исплата на плати и пензии, поради што не се постави прашањето за неговата уставност и од овој аспект.
Во поглед на прашањето за примената на Автентичното толкување и последиците од неговата примена, Судот оценил дека не е во надлежност на Уставниот суд.
4. Поаѓајќи од причините наведени во иницијативата за преиспитување на Решението, Судот утврди дека во неа се поставуваат истите спорни прашања за кои Судот расправал, како по основниот реферат за седница, така и на подготвителната седница и на седницата кога одлучи по предлогот. Судот при одлучувањето ги имаше предвид и Одлуката У.бр.15/94 со која е укинат членот 6 од Законот за исплата на плати и пензии и Одлуката 128/95 со која е укинат членот 27 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување и нивното правно дејство и поаѓајќи од ваквата фактичка и правна ситуација најде дека Автентичното толкување е од значење само за времето додека важеле укинатите одредби, односно до нивното отстранување од правниот поредок на Републиката, а не и во понатамошната примена на членот 37 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување. При тоа, Судот оцени дека Автентичното толкување не е правен основ од значење за дејството на укинувачките одлуки на Судот, односно дека со начинот на кој и понатаму се исплат уваат пензиите намалени за 8% од основот – ограничување според укинатиот член 6, е прашање на извршување на одлуките на Судот.
Со оглед на изнесеното Судот оцени дека за истата работа одлучувал, а сега нема основи за поинакво одлучување, односно за преиспитување на своето решение У.бр.210/97 од 15 јули 1998 година и одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.157/98
3 март 1999 година
С к о п ј е
сд/.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков