Вовед
Уставноиот суд на Република Македонија, врзоснова на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 24 февруари 1999 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување законитоста на Записникот бр.14-268 од 11 август 1994 година на Комисијата за утврдување на прометната вредност на земјоделско и друго земјиште по катастарски општини на територијата на општина Кавадарци – Управа за јавни приходи, одделение во Кавадарци.
2. Драгољуб Змејковски од Кавадарци, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување зак онитоста на записникот означен во точката 1 од ова решение.
Во иницијативата се наведува дека за да се пресмета и наплати данок на промет на недвижности и права, а кој претставува изворен приход на општините треба да се утврди пазарната вредност на недвижноста која претставува основица на која по стапка од 3% се пресметува и наплатува данокот на промет на недвижности и права.
При изготвувањето на оспорениот записник кој служел како мерило за пазарната вредност на земјоделското земјиште не биле вградени елементите од членот 24 став 4 од Законот за експропријација (надморска висина, воден талог, осој, присој, изградена инфраструктура, близина на потрошувачки центри).
Оспорениот записник не бил во согласност и со членот 4 од Законот за земјоделското земјиште поради тоа што не ја имал предвид поделбата на земјоделското земјиште на ораници, бавчи, овоштарници, лозја, ливади, пасишта и слично.
3. Судот на седницата утврди, врз основа на дописот од Управата за јавни приходи – одделение во Кавадарци, дека оспорениот записник бр.14-263 од 11 август 1994 година, престанал да важи и дека по својата содржина тој не уредува никакви односи туку претставува интерен акт од кој се раководи Комисијата при утврдувањето на пазарната цена на земјиштето во секој случај поединечно.
4. Согласно член 28 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по неа.
Со оглед на тоа што оспорениот записник бр.14-268 од 11 август 1994 година престанал да важи пред поднесувањето на иницијативата, а воедно по својата содржина не претставува акт што подлежи на уставно судска оценка, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.
У.бр.7/99
24 февруари 1999 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков