Вовед
Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 24 февруари 1999 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 140 став 2 во делот “на кои законот им признава право на награда” од Законот за парнична постапка (“Службен весник на Република Македонија” бр.33/97).
2. Д-р Богољуб Златански од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на оспорениот член од Законот затоа што со него на страната која го добила спорот а самата го водела истиот не и се признаваат низа трошоци на кој начин и се намалува имотот што е во спротивност со член 30 од Уставот и членовите 16, 155 и 158 од Законот за облигационите односи.
3. Судот на седницата утврди дека прашањето за трошоците во парничната постапка е обработено во главата ЏИ односно во одредбите од 140 до 164 од Законот.
Во овие одредби јасно е дефинирано што се смета за трошоци на постапката а тоа се издатоци сторени во текот на постапката или по повод на постапката (член 140).
Во став 2 на член 140 е предвидено дека парничните трошоци ја опфаќаат и наградата за работа на адвокатите и на другите лица на кои законот им признава право на награда.
Исто така во законот е утврден основниот критериум за определување на тоа кој ги поднесува парничните трошоци, а тоа е успехот во спорот.
Според тоа, трошоците ги поднесува и ги надоместува на спротивната странка, странката која не успеала во спорот односно која во целост го загубила спорот.
Во одредени ситуации утврдени во Законот, странката ги поднесува парни чните трошоци независно од исходот на спорот.
Кои трошоци биле потребни за водење на постапката Судот ќе одлучи по добивање на определено барање на странката за надомест на трошоците, а ако е пропишана тарифа на награда на адвокатите и за други трошоци трошокот ќе се определи односно ќе се одмери според тарифата.
Според тоа странката во барањето за надомест на трошоците треба да ги наведе трошоците што стварно ги направила.
Според член 234 од Законот, на сведокот му се признаваат патни трошоци, трошоци за исхрана и ноќевање како и надоместок за загубена заработка.
Доколку во постапката самата странка се застапува аналогно на горе наведената одредба, нејзе ќе и бидат признати трошоците што му се признаваат и на сведокот што значи и се признаваат издатоците како што определува член 140 став 1 од Законот. Меѓутоа, на странката не и припаѓа награда за нејзиниот сопствен труд во парницата освен за издатоците во врска со приложување на докази (фотокопирање, скици и друго).
Дури и кога странката во постапката е адвокат таа нема право на награда.
4. Според член 30 од Уставот на Република Македонија се гарантира правото на сопственост и правото на наследување.
Никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.
Имајќи ја предвид наведената уставна одредба како и одредбите од Законот кои целосно го регулираат прашањето за тоа кои трошоци се надоместуваат во спорот и на кого се надоместуваат, Судот смета дека прашањето за право на награда на адвокатите и другите лица на кои законот им го признава тоа право има за цел да се заштити адвокатурата како самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна заштита и врши јавни овластувања во согласност со закон.
Со прифаќање на тезата дека на странката која сама се застапува во парницата треба да и се признае правото на награда би се довеле во ситуација да се изигрува функци јата на судењето и негово преобразување во богатење без основ, што нема никаква смисла со правната заштита на сопственоста на другите права.
Спротивно од тоа законодавецот утврдил дека право на награда имаат адвокатите според однапред утврдена тарифа и други лица на кои законот им го признава тоа право односно правото на награда доколку у чествувале во постапката, кои застапувањето го вршат во вид на професија и за награда.
5. Со оглед на изнесеното Судот смета дека во конкретниот случај не станува збор за повреда на правото на сопственост ниту повреда на правата што произлегуваат од сопственоста, поради што доведувањето на оспорената одредба во корелација со член 30 од Уставот е неодржливо и неосновано.
6. Во однос на наводите од иницијативата дека оспорената одредба не е во согласност со членовите 16, 155 и 158 од Законот за облигационите односи, согласно член 110 од Уставот на Република Македонија Уставниот суд не е надлежен да ја цени меѓусебната согласност на законите, туку одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр. 181/98)