Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 и член 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 24 февруари 1999 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ УКИНУВА член 20 став 1, во делот “буџетите на единиците на локалната самоуправа и” и став 3, во делот “на единиците на локалната самоуправа и”, од Законот за буџетите “Службен весник на Република Македонија” бр.79/93, 3/94 и 71/96).
2. Оваа одлука произведува правно дејство со денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија, на иницијатива на Советот на град Скопје, со Решение У.бр.180/98 од 13 јануари 1999 година поведе постапка за оценување уставноста на членот 20 од законот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за неговата согласност со член 8 став 1 алинеја 9, со член 114 став 4 и со член 115 од Уставот.
Собранието на Република Македонија, како доносител на оспорената законска одредба, не достави одговор на наводите во Решението за поведување постапка.
4. На седницата Судот утврди дека според член 20 од Законот, буџетите на единиците на локалната самоуправа и буџетите на фондовите пред донесувањето се усогласуваат со Министерството за финансии (став 1), потоа дека министерот за финансии ставовите и предлозите на Министерството за финансии ги прилага кон буџетите (став 2) и дека надлежните органи на единиците на локалната самоуправа и на фондовите кои ги донесуваат буџетите од ставовите 1 и 2 на овој член, се должни ставовите и предлозите на Министерството за финансии задолжително да ги земаат предвид (став 3).
5. а) Со член 8 став 1 алинеја 9 од Уставот, се определува дека локалната самоуправа е темелна вредност (основа) на уставниот поредок на Република Македонија и дека локалната самоуправа е издвоена од државната власт која ја вршат законодавни, извршни и судски органи (член 8 став 1 алинеја 4 од Уставот) ;
Понатаму, според член 114 став 4 од Уставот, општините се финансираат (1) од сопствени извори на приходи определени со закон и (2) со средства од Републиката (член 114 став 4 од Уставот);
Според член 115 од Уставот, во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, а особено во областите на урбанизмот, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, предучилишното воспитување, основното образование, основната здравствена заштита и во други области утврдени со закон (став 1), при што општината е самостојна во вршењето на надлежностите утврдени со Уставот и со закон, а надзорот над законитоста на нејзината работа го врши Републиката (став 2).
Според тоа, општината е основна вредност на правниот поредок на државата, издвоена од државниот апарат, со надлежности утврдени за неа со Уставот и со закон, кои надлежности ги врши самостојно, но под надзор од државните органи и со сопствени и државни средства .
б) Таквата уставна концепција поблиску се разработува со одредбите од Законот за локална самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.52/95 и 60/95). Притоа, Законот определува дека единиците на локалната самоуправа се самостојни во вршењето на надлежностите утврдени со Уставот, со овој и со друг закон (член 4 став 1) и таа не може да им се ограничи со акти на државните органи, со тоа што постои еден исклучок од тоа правило – може да се ограничи самостојноста кога е во прашање законитоста на нивната работа (член 4 став 2); потоа, единиците на локалната самоуправа самостојно располагаат со сопствените приходи определени со овој и друг закон, како и со дополнителните средства од Републиката (член 9 став 1 и 2 од Законот); Републиката врши надзор над законитоста, но и над целисходноста, стручноста и наменското трошење на средствата во случај кога Републиката ќе им довери на единиците на локалната самоуправа работи од надлежност на органите на државната управа (член 4 став 3 од Законот);
Понатаму, Законот ги набројува конкретните работи кои самостојно ги вршат единиците на локалната самоуправа (член 17 од Законот), при што се предвидува дека општините самостојно донесуваат буџет (член 17 став 1 точка 2 од Законот); Во член 29 став 1 точка 2 од Законот се утврдува дека советот на единицата на локалната самоуправа донесува буџет на општината;……
Во врска со финансирањето на единицата на локалната самоуправа (Глава VIII , точка 2 од Законот), предвиден о е дека единиците на локалната самоуправа се финансираат (1) од сопствени извори на приходи утврдени со закон (и тоа: даноци…., такси…, приходи од услуги, приходи од сопствен имот, проходи од донации примени од Републиката и странство, добивки од јавни претпријатија и јавни служби…., приходи од казни…., други приходи….), (2) од дополнителни приходи од Буџетот на Републиката и (3) од земање заеми од Буџетот на Републиката, државни средства за доверените работи и други средства на заинтересираните правни и физички лица (член 62 од Законот); Дури, единицата на локалната самоуправа може да емитира обврзници (заради свое финансирање) – член 63 од Законот, потоа може да стекнува приходи од вршење стопанска или друга профитабилна дејност (член 64 од Законот), при што сето тоа – приходите и трошоците – се утврдуваат со буџетот на единицата на локалната самоуправа, чија изработка, донесување, измената и извршувањето се уредува со статутот на единицата на локалната самоуправа во согласност со закон (член 65 од Законот); Освен тоа, надзор над материјалното и финансиското работење на единицата на локалната самоуправа врши надзорен одбор формиран од советот на единицата на локалната самоуправа и за резултатите од надзорот ги информира советот на единицата на локалната самоуправа и Министерството за финансии (член 67 од Законот);
Што се однесува до надзорот на државните органи над законитоста на работата на органите на единицата на локалната самоуправа (Глава IX од Законот), предвидено е тоа да го врши Владата на Република Македонија и надлежните министерства (член 68 од Законот). Наведените органи надзорот го вршат над целокупното работење на единиците на локалната самоуправа (над општите акти кои самостојно ги донесува општината, над актите кои општината ги донесува во согласност со државната управа, како и над работите кои се државни, а државата ги доверила на единицата на локалната самоуправа), па ако вооча т некакви незаконитости и тоа од кои може да настане ненадоместлива штета, Владата на Република Македонија ќе го запре извршувањето на општиот акт и по определени правила ќе поведе постапка пред Уставниот суд (членови 69 – 72 од Законот).
в) Со Европската повелба за локалната самоуправа, која станала дел од внатрешниот правен поредок на Република Македонија на 31 мај 1997 година (“Службен весник на Ре публика Македонија” бр.23/97) се предвидува локалните власти да имаат (1) сопствени извори на финансирање со кои располагаат слободно, во рамките на своите овластувања и во согласност со економската политика на земјата, а имаат право и на (2) пренесени средства (од разли чни субјекти, па и од државата), при што тие субјекти не треба да ја определуваат нивната намена и не треба да се загрозува дискреционото право на локалните власти да водат политика во рамките на своите овластувања – член 9 став 7 од Повелбата; дури, локалните власти имаат право на пристап до националниот пазар на капитал со цел да обезбедат кредити за крупни инвестиции – член 9 став 8 од Повелбата;
Од друга страна, работата на локалните власти може да биде под секаков вид управен надзор, но со цел да се обезбеди согласност на работата на локалните власти со законот и со уставните принципи (член 8 став 2 од Повелбата);
6. Имајќи ги предвид изнесените уставни одредби, Судот оцени дека пропишувањето (во член 20 став 1 и став 3 од Законот) единиците на локалната самоуправа да мораат да ги усогласуваат своите буџети со Министерството за финансии на тој начин што задолжително мораат да ги имаат предвид односно да ги вградат нивните ставови и предлози во буџетите, при што таа обврска се однесува и на изворните приходи на општините (а не само на средствата доверени од Републиката), ја загрозува финансиската самостојност на единиците на локалната самоуправа и, поради тоа, оспорената законска одредба во наведените делови не е во согласност со означените уставни одредби (инаку, не е спорна обврската на општините за усогласување на своите буџети со Републиката, кога Републиката и доверува средства за определени намени).
7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
8. Ова а одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.180/98)