Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 10 февруари 1999 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 7 став 1 и 2 во деловите “освен ако со овој закон не е поинаку определено”, став 5 и 7, член 47 став 1 во делот “само ако претходно не му е дадена можност да се изјасни по предлогот за донесување на решение за извршување на рочиште или пред тоа”, член 48, член 53 став 3 и член 80 став 5 од Законот за извршната постапка (“Службен весник на Република Македонија” бр.53/97).
2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на членовите од Законот за извршната постапка означени во точката 1 на ова решение, затоа што со оспорените одредби било утврдено во одделни случаи определени со овој закон да се исклучи правото на жалба и приговор, како и тоа дека жалбата и приговорот не го одлагаат извршувањето на решението против кое се изјавени овие правни лекови. Понатаму, овие одредби се оспоруваат и затоа што со нив покрај жалбата, како правен лек бил предвиден и приговорот, по кој што е утврдено да одлучува судот што го донел решението, а не повисокиот суд, што не било во согласност со член 15 од Уставот на Република Македонија.
3. Судот на седницата утврди дека во член 7 став 1 од Законот за извршната постапка е утврдено дека против решението донесено во прв степен може да се изјави жалба, освен ако со овој закон поинаку не е определено, а во став 2 од овој член дека против решението за извршување должникот може да изјави приговор, освен ако со овој закон поинаку не е определено (член 49 став 2).
Во став 5 од овој член на Законот се утврдува дека жалбата и приговорот не го одлагаат извршувањето, ако со овој закон не е определено поинаку, а во став 7 од овој член е утврдено дека против заклучокот нема место за правен лек.
Според член 47 став 1 од Законот решението за извршување должникот може да го побива со приговор само ако претходно не му е дадена можност да се изјасни по предлогот за донесување на решение за извршување на рочиште или пред тоа, а додека според оспорениот член 48 за приговорот одлучува судот што го донел решението за извршување.
Понатаму, во член 53 став 1 од Законот е утврдено дека ако решението по приговорот (член 52), односно решението за извршување (член 49 став 2) зависи од некој факт кој се однесува на самото побарување, а меѓу странките е спорен, судот ќе го упати должникот да поведе во определен рок парница или друга постапка заради прогласување дека извршувањето е недопуштено, а додека во оспорениот став 3 на овој член од Законот е утврдено дека против решението донесено според став 1 на овој член не е дозволена жалба.
И на крај, во член 80 од Законот е утврдено дека истовремено со пописот на предметите ќе се изврши и нивна процена (став 1), дека процената ја врши службеното лице кое го спроведува пописот, ако судот не определил процената да ја изврши вештак (став 2), дека странката може да предложи процена да изврши вештак иако тоа судот не го определил, но, ако судот го усвои тој предлог, трошоците за вештачење ги поднесува таа странка, без оглед на исходот на извршната постапка (став 3) и дека странката може во рок од осум дена од денот на извршената процена да му предложи на судот да утврди пониска, односно повисока вредност на попишаните предмети од процената или да определи нова процена (став 4). Во оспорениот став 5 од овој член на Законот е утврдено дека против решението за предлогот од став 4 на овој член не е дозволена жалба.
4. Според член 15 од Уставот на Република Македонија се гарантира правото на жалба против поединечните правни акти донесени во постапка во прв степен пред суд, управен орган или организација или други институции што вршат јавни овластувања.
Уставната гаранција за правото на жалба за своја основа ја има оправданата претпоставка дека првостепената одлука на судовите, органите на управата или организациите или другите јавни институции што вршат јавни овластувања не мора секогаш да биде правилна и законита како и заштитата на правата и слободите на граѓаните од неправилности и незаконитости во работењето на овие органи. Оттука, правото на жалба несомнено се однесува во сите случаи кога судовите и другите органи одлучуваат за остварување на правата и слободите на граѓаните односно на врз закон заснован интерес и во такви случаи по жалбата секогаш одлучува повисок орган, со што се прокламира и двостепеноста во одлучувањето како една од гаранциите за обезбедување и јакнење на зак онитоста во остварувањето на правата и слободите на граѓаните.
Меѓутоа, во постапката за остварување односно за заштита на правата и слободите на граѓаните, судовите и другите органи освен што одлучуваат по главната работа одлучуваат и за управувањето и раководењето со постапката, а со цел за побрзо и поефикасно нејзино завршување, што е во интерес и на државата и странките, така што многуте дејствија што ги преземаат судовите и другите органи за таа цел не претставуваат основа за правни лекови односно за изјавување на жалба, со оглед дека со одлуките со кои се преземаат овие дејствија конечно не се одлучува по барањето на странката, туку се управува со постапката. Оттука и уставната гаранција на правото на жалба, според мислењето на Судот не се однесува на овие случаи.
Имајќи го предвид наведеното, како и фактот дека судот во извршната постапка со решение одлучува не само во случаи кога се работи за права и обврски на странките и другите учесници во постапката кои остваруваат некој свој правен интерес, а од кои права и обврски во крајна линија зависи дали ќе се реализира или не самото побараување, но тој со решение одлучува и за прашања кои имаат карактер на управување на постапката и како такви овие решенија не се од влијание на крајниот резултат на постапката, со оглед дека со нив не се завршува постапката, ниту се одлучува за права и обврски на странките и другите учесници во постапката од кои би зависило намирувањето на доверителот, според мислењето на Судот, со решението на член 7 став 1, со кое правото на жалба против решението донесено во прв степен се исклучува во определени случаи утврдени со овој закон, не се повредува уставната гаранција на правото на жалба утврдена во член 15 од Уставот. За ваквата оценка е од влијание и фактот што оспорениот член 7 се наоѓа во првиот дел од Законот за извршната постапка насловен како “Општи одредби” бидејќи овие одредби неможат да се толкуваат изолирано од другите одредби на Законот со кои всушност се врши разработување и операционализација на општите одредби.
Имено, од содржината на Законот за извршната постапка произлегува дека странките или другите учесници во постапката имаат право односно можат да изјават жалба против секое решение донесено во прв степен, освен во три случаи во кои изречно е утврдено дека против решението не е дозволена жалба и тоа во член 53 став 3, член 80 став 5 (оспорени членови) и член 96 став 4.
Со оглед дека решението што го донесува судот во случајот утврден во оспорениот член 53 став 3 не се однесува на прашања за кои судот е надлежен да одлучува во извршната постапка, но за тоа е надлежен да одлучува друг суд во друга постапка, Судот смета дека во овој случај неговата одлука не задира во правата и обврските на странките што произлегуваат од извршната исправа, поради што и одредбата со која се исклучува правото на жалба против решението на судот за упатување на должникот на парница или друга постапка не е во несогласност со член 15 од Уставот на Република Македонија. Или со други зборови, бидејќи,во случајот се работи за претходно прашање, за чие решавање е надлежен друг суд, а чија што одлука ќе влијае на одлуката на судот по приговорот односно на решението за извршување, против кои инаку е дозволена жалба, Судот не го постави прашањето за согласноста на член 53 став 3 со член 15 од Уставот.
Исто така, и во поглед на решението на член 80 став 5 не може да се постави прашање за неговата согласност со член 15 од Уставот затоа што судот во постапката за спроведување на извршувањето е обврзан за преземање на извршни дејствија што согласно Законот за извршната постапка е должен да ги презема по службена должност, а не и со предлози на странките во врска со тие дејствија.
Во однос на оспорениот став 7 од член 7 од Законот, со кој е предвидено дека против заклучокот нема место за правен лек, Судот смета дека, со оглед на тоа што, согласно член 6 од Законот, судот, со заклучок му издава налог на службеното лице за спроведување на одделни дејствија и одлучува за други прашања на управување со постапката, заклучокот нема карактер на акт во смисла на член 15 од Уставот донесен во прв степен од судот, бидејќи со него не се одлучува односно не се решава за права и обврски на странките и другите учесници во постапката, па затоа и со недозволувањето на правен лек против ваквиот вид на одлуки на судот не се повредува уставната гаранција на правото на жалба од член 15 на Уставот.
Во врска со наводите во иницијативата дека член 7 став 2, член 47 став 1 и член 48 не се во согласност со член 15 од Уставот, затоа што со нив се предвидувал приговор како правен лек против решението за извршување, по кого одлучувал истиот суд што го донел решението и затоа што во одделни случаи утврдени во законот се исклучувало правото на приговор и што истиот имал неодложно дејство, Судот смета дека Уставот на Република Македонија иако го гарантира правото на жалба, тој не забранува со закон да се утврдат и други правни лекови и при тоа да се определат условите под кои можат да се изјавуваат, нивното дејство и надлежноста на органите за одлучување по истите.
Од анализата на одредбите од Законот за извршната постапка произлегува дека приговорот во извршната постапка претставува исклучив правен лек, а ваквиот карактер на приговорот е детерминиран пред се од фактот што решението за извршување со приговор може да го побива само должникот, освен за одлука за трошоците што може да се побива со жалба и што претставува ремонстративен правен лек односно по приговорот одлучува судот што го донел решението. Од друга страна, правото на приговор на должникот против решението за извршување не го исклучува правото на жалба туку само значи повод судот да си ја преиспита својата одлука и да ги отстрани пропустите на судот во поглед на утврдување на фактите кои не му биле познати при донесување на решението за извршување.
Поради наведеното пред Судот не се постави прашањето за согласност на напред наведените одредби од Законот со член 15 од Уставот.
Решението на член 7 став 5 од Законот за извршната постапка всушност претставува отстапување од правилото на одложното дејство на жалбата, како редовен правен лек, што е прифатено во другите судски и вонсудски постапки. Меѓутоа, според мислењето на Судот, основа за ова отстапување има во специфичностите и целите на извршната постапка, кои се изразуваат пред се во начелата врз основа на кои се заснова оваа постапка, а кои се поконкретно разработени и уредени во посебните одредби на Законот. Во тој поглед посебно значајно е начелото на заштита на должникот во чија функција се утврдени определени ограничувања во поглед на обемот, средствата и предметите на извршување, како и определени права, односно можности на должникот со спроведувањето на извршувањето да не претрпи позначителна штета, а сето тоа сепак да не се одрази на крајната цел на извршната постапка-остварување на побарувањето на доверителот, кое треба да се обезбеди во една ефикасна и рационална постапка.
Исто така, решението од член 7 став 5, според мислењето на Судот може да се оправда и со тоа што во Законот за извршната постапка е предвидено должникот, кога извршувањето е веќе спроведено да може да бара противизвршување, покрај во другите случаи, и во случај кога решението за извршување е правосилно укинато или преиначено (член 59 став 1 точка 3). На овој начин законодавецот утврдил посебен начин на отстранување на последиците настанати од спроведување на неправосилно решение, со што всушност се компензира целта на суспензивното дејство на жалбата, кое таа по правило го има.
Анализата на содржината на Законот за извршната постапка укажува дека членот 7 став 5, кој спаѓа во групата на основните одредби, е разработен во повеке одредби од Законот, така што од правилото утврдено во овој став на член 7 за неодложното дејство на жалбата се предвидени отстапувања во повеке членови од Законот и тоа во членовите: 39 став 3, 41 став 2 и 3, 83 став 1, 105 став 1, 127, 142 став 5, 153 став 1, 156 став 1, 167 став 1, 170, 183 став 4, 261 и други. Имено. во наведените членови од Законот е утврдено дека жалбата против одделни решенија го одлага нивното извршување или дека одделни извршни дејствија неможат да се преземат пред правосилноста на решението со кое е преземано извршно дејствие што му претходи на дејствието што треба да се преземе (пример, неправосилноста на решението за досудување на недвижноста на купувачот го одлага донесувањето на решението за предавање на недвижноста на купувачот (член 167), а неправосилноста на решението за предавање на недвижноста го одлага донесувањето на решението за намирување на доверителот од цената на продадената недвижност (член 70). Во рамките на ова битно е да се истакне решението утврдено во член 41 став 2 од Законот, според кое доверителот неможе да се намири пред правосилноста на решен ието за извршување, односно на решението со кое е дозволено извршувањето, како прво решение кое се донесува во постапката што ја спроведува судот заради присилно извршување на судски одлуки и на одлуки донесени во управна постапка, кои гласат на исполнување на определена обврска на должникот во корист на доверителот.
5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 на ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазо ва, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр. 132/98 и У.бр.135/98)