14/1999-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 10 февруари 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 11 став 1 од Законот за судски такси (“Службен весник на Република Македонија” бр.46/90, 11/91, 65/92 и 20/95).
2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбата од законот означен во точката 1 од ова решение.
Според подносителот на иницијативата, оспорената одредба не била во согласност со членовите 9 и 33 од Уставот, бидејки со неа се создавала нееднаквост меѓу наведените субјекти во членот 11 и другите субјекти, иако и тие биле должни да плаќаат такси како и сите други граѓани во Република Македонија.
3. Судот на седницата утврди дека според членот 11 став 1 од Законот, од плаќање такси ослободени се Република Македонија, општината, државните органи, месните заедници, организацијата на црвениот крст и другите хуманитарни организации, и странска држава и странски државјани, ако тоа е предвидено со меѓународен договор или под услов на реципроцитет.
4. Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Според член 33 од Уставот, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.
Членот 1 од Законот за судските такси утврдува дека пред судовите во Република Македонија се плаќаат судски такси според одредбите од овој закон и таксената тарифа која е составен дел на овој закон.
Според членот 9 став 1 на овој закон, судските такси се приход на Републичкиот буџет.
Во делот ИИ од овој закон во десетина одредби уредено е ослободувањето од плаќање на такса за одредени правни и физички лица.
Уставот на Република Македонија, основните слободи и права ги врзува за поимот човек и граѓанин, со посебна поделба на граѓански и политички слободи и права во кои спаѓа членот 9 и економски, социјални и културни права во кои спаѓа членот 33.
Оттука јасно произлегува дека членот 9 од Уставот зборува за еднаквост на слободите и правата на граѓаните односно за еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите. Според тоа со оспорениот член од Законот, не се повредува уставното начело на еднаквост на граѓаните бидејки тој воопшто не се однесува на граѓаните туку на точно утврдени субјекти како што се Република Македонија, општините, државните органи, месните заедници, организацијата на црвениот крст и други хуманитарни организации како и странска држава и странски државјанин ако е тоа предвидено со меѓународен договор или под услов на реципроцитет. Тоа значи дека во конкретниот случај не станува збор за нееднаквост во правата на граѓаните туку дека се работи за други правни субјекти кои имаат поинаква правна положба од граѓаните.
Понатаму, неспорен факт е дека според Уставот секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи меѓутоа на начин утврден со закон.
Должностите на човекот и граѓанинот се составен дел на основните права на човекот и граѓанинот. Должностите во уставните одредби рестриктивно се утврдени, без притоа да бидат означени со посебен оддел во рамките на основните слободи и права на човекот и граѓанинот.
Според уставната теорија должностите се исполнуваат од страна на сите граѓани (почитување на уставот и законите, плаќање на данок и други видови давачки, одбрана на земјата), а слободите и правата се остваруваат во зависност од волјата на граѓаните.
Основна цел на сите давачки од членот 33 од Уставот е граѓаните да придонесуваат во создавањето на средства на државата за да може таа да ги врши своите функции од општ интерес. Оттука, иако одредбата од членот 33 од Уставот зборува за должност на секој, сепак станува збор за должност на граѓаните.
Во оспорениот член 11 став 1 од Законот, станува збор за субјекти кои се финансираат од буџетски средства и за хуманитарни организации кои се ослободени од редица давачки заради хуманитарната дејност што ја обавуваат.
Ослободувањето на странска држава и странски државјани од плаќањето судски такси, не се врши непосредно врз основа на самиот закон, туку ослободувањето е условено со регулирање на ова прашање со меѓународен договор или под услов на постоење на реципроцитет меѓу државите во однос на плаќањето на судски такси.
Утврдувајки го начинот на плаќањето на судските такси како вид на јавна давачка, кое овластување произлегува од Уставот, законодавецот определил за што се плаќаат таксите, кој ги плаќа, кој е ослободен од плаќање, вредноста за наплатување на таксата, постапката за наплата на неплатената такса и т.н.
5. Врз основа на изнесеното Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на членот 11 став 1 од Законот со членовите 9 и 33 од Уставот, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами , д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.14/99
10 февруари 1999 година
С к о п ј е
ат.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков