184/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 и член 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 10 февруари 1999 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 6 точка 29 од Законот за градот Скопје (“Службен весник на Република Македонија” бр.49/96).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во ” Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијативата поднесена од Стамен Филипов од Скопје со Решение У.бр.184/98 од 23 декември 1998 година поведе постапка за оценување уставноста на член 6 точка 29 од Законот означен во точката 1 на оваа одлука, затоа што се постави прашањето за неговата согласност со Уставот на Република Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека според член 6 точка 29 од Законот, градот Скопје самостојно одредува престапи и казни кога не се почитуваат прописите на градот Скопје.

5. Една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија, согласно член 8 став 1 алинеја 4 од Устравот е поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска. Операционализацијата на оваа темелна вредност на уставниот поредок е извршена во главата ИИИ на Уставот, во која се утврдени носителите на сите три видови на власт и тоа во член 61 став 1 е утврдено дека носител на законодавната власт е Собранието на Република Македонија, во член 88 став 1, како носител на извршната власт е утврдена Владата на Република Македонија, а според член 88 од Уставот судската власт ја вршат судовите кои се самостојни и независни и кои судат врз основа на Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот.

Уставот на Република Македонија во основа не содржи формална дефиниција за тоа што се смета за казниво дело ниту пак ги класифицира казнивите дела според степенот на општествената опасност.

Единствено разграничување меѓу кривични дела и други казниви дела е направено во член 106 став 1 од Уставот во кој е предвидено дека јавното обвинителство ги гони сторителите на кривични дела и на други со закон утврдени казниви дела.

Во рамките на граѓанските и политички слободи и права, Уставот го определува начинот на остварувањето на слободата на човекот и неговата одговорност за сторени казниви дела. Имено, членот 13 од Уставот определува дека лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука. Според член 14 став 1 од Уставот, никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна, а според ставот 2 на овој член, никој не може повторно да биде суден за дело за кое веќе бил суден и за кое е донесена правосилна судска одлука.

Од овие уставни одредби произлегува дека вината за одредено казниво дело мора да биде утврдена со судска одлука што значи дека за вината на сторителите за сите казниви дела можат да одлучуваат само судовите.

Во член 117 став 2 од Уставот на Република Македонија е утврдена надлежноста на градот Скопје, како посебна единица на локалната самоуправа во која што граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од значење за градот Скопје, а особено во областите на урбанизмот, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, предучилишното воспитување, основното образование, основната здравствена заштита и во други области определени со закон.

Според член 1 од Кривичниот законик, на никого не може да му биде изречена казна или друга кривична санкција за дело, кое, пред да е сторено, не било со закон определено како кривично дело и за кое не била пропишана казна со закон. Членот 7 од овој Кривичен законик определува дека кривично дело е противправно дело што со закон е определено како кривично дело и чии обележја се определени со закон.

Според член 3 од Законот за прекршоците, никому не може да му биде изречена прекршочна санкција за дело кое, пред да е сторено, не било со закон определено како прекршок и за кое со закон не била пропишана казна. Членот 5 од овој закон утврдува дека прекршокот е противправно дело што со закон е определено како прекршок и чии обележја се определени со закон.

Според член 36 од овој закон, поимот прекршок ги опфаќа и делата што во одделни закони се предвидени како стопански престапи.

Членот 103 од овој закон утврдува дека со денот на влегувањето во сила на овој закон престанува да важи Законот за стопанските престапи.

Според изнесеното, престапот како казниво дело во ниеден закон посебно не е дефиниран и за него не се предвидени санкции. Напротив, според Законот за прекршоци поимот прекршок ги опфаќа и делата што се предвидени како стопански престапи.

И покрај наведеното, според мислењето на Судот, уставен основ за оспорената одредба од Законот за градот Скопје може да биде член 14 став 1 од Уставот според кој никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна. Оттука, согласно овој член од Уставот, градот Скопје, како посебна единица на локалната самоуправа, можеби би можел да утврдува престапи и казни кога не се почитуваат прописите на градот Скопје, меѓутоа, имајки го предвид членот 13 од Уставот, според кој лицето обвинето за казниво дело, а под кој поим, според мислењето на Судот, можат да се подведат и престапите, со оглед дека и за нив се предвидува казна, ке се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука, пред Судот се постави прашањето кој орган ке одлучува по престапите односно кој орган ке ја утврдува вината и ке ја изрекува казната на лицето обвинето за престап. Ова дотолку повеке што и согласно член 98 став 2 од Уставот судовите судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот, и што согласно ставот 5 од истиот член надлежноста на судовите се утврдува со закон, така што од овие уставни одредби произлегува дека судовите не би можеле да одлучуваат за престапи, како казниви дела кои претходно не биле утврдени со закон и за чие одлучување предходно не е утврдена нивна надлежност со закон.

Од наведените уставни одредби, исто така, произлегува дека за престапите, како казниви дела одредени со прописите на градот Скопје, како посебна единица на локалната самоуправа, не можат да одлучуваат ниту органите на градот Скопје затоа што тоа би било во спротивност и со уставното начело на поделбата на власта, според кое судската власт ја вршат единствено судовите, а не и други органи.

Понатаму, ако се има предвид дека работите односно надлежностите на градот Скопје како посебна единица на локалната самоуправа, утврдени во членот 6 од Законот главно се условени да бидат во согласност со закон, произлегува дека градот Скопје односно неговиот совет нема потреба да утврдуваат престапи и казни бидејки своите надлежности ги вршат во согласност со определени з акони во кои се веке предвидени казниви дела и санкции. При тоа особено треба да се има предвид фактот дека единиците на локалната самоуправа односно нејзините органи согласно Уставот работат во интерес на локалното население, но немаат ингеренции да го казнуваат населението. Утврдувањето на казниви дела и санкции е исклучива надлежност на државната власт.

6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 на оваа одлука.

7. Ова одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.184/98
10 февруари 1999 година
С к о п ј е
ат.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков