207/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 2 и член 71 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 10 февруари 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување законитоста на точката 2 од Решението за валоризационите коефициенти за пресметување на платите од поранешните години на ниво на платите од 1993 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.10/94).
2. Томислав Доцевски од Куманово, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на точката 2 од Решението означено во точката 1 на ова решение. Во иницијативата се наведува дека според статистичките податоци за движењето на просечните плати на сите вработени во Република Македонија произлегувало дека усогласувањето на пензиите остварени во 1994 година требало да се изврши со 66,67%, а не со 41,37% како што било предвидено со оспорената одредба, односно со начинот на усогласувањето на пензиите според оваа одредба, усогласувањето на пензиите било помало за 25% што не било во согласност со член 37 став 4 и 5 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување.
Исто така, оспорената одредба не била во согласност и со член 6 ставовите 1, 3 и 5 од Законот за исплата на платите и пензиите во Република Македонија затоа што од овие одредби произлегувало да с е утврди исплатената пензија за месец ноември 1993 година и исплатата да биде усогласена со порастот на платите за месец ноември во однос на месец октомври истата година и затоа што во практиката при усогласување на пензиите не се применувале објавените статисти чки податоци за движењето на платите при усогласувањето на пензиите и со примената на овие одредби од овој закон бил намален процентот на усогласувањето на пензиите а со укинување на овие одредби од Уставниот суд на Република Македонија тие не можеле да влијаат врз утврдување на пензиите остварени во 1994 година, туку усогласувањето требало да се врши согласно член 37 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување.
3. Судот на седницата утврди дека оспореното решение било предмет на оценување пред овој Суд и не поведе постапка за оценување на неговата законитост. При тоа Уставниот суд утврдил дека процентот на усогласувањето на пензиите во 1994 од 41,37% е утврден врз основа на одредбите на член 6 од Законот за исплата на платите и пензиите во Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.78/93), и со оглед на тоа што врз усогласувањето на пензиите влијаел овој закон, кој бил во важност при утврдувањето на процентот на усогласувањето, Судот оценил дека не може да се постави прашањето за неговата согласност со член 37 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување.
Исто така, Судот по предметот У.бр.133/97 се произнесе и по наводот во иницијативата дека при утврдувањето на процентот за усогласување на пензиите во 1994 година не биле применети статистичките податоци за движењето на платите и поради тоа дека не бил применет членот 6 од Законот за исплата на плати и пензиите во Република Македонија, односно при тоа Судот оцени дека е во прашање примена на закон за што, согласно член 110 од Уставот на Република Македонија тој не одлучува.
Со оглед на истоветната фактичка и правна состојба со предметите за кои Судот одлучувал, како и на причините за оспорување по оваа иницијатива, Судот оцени дека нема основи за поинакво одлучување и, согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Судот, одлучи како во точката 1 од ова решение.
4. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Јован П роевски д-р Стојмен Михајловски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.
У.бр.207/98
10 февруари 1999 година
С к о п ј е
сс/.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков