99/1998-0-2

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 10 февруари 1999 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВААТ точките 3, 6, 7 и 8 на член 1 од Одлуката за определување на цените на услуги од работа на Системот за заштита на Охридското Езеро од отпадни и загадени води за корисници од општина Охрид, донесена од Јавното претпријатие “Охридско Езеро”-Струга, на 31 јули 1997 година.
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во ” Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија, по иницијатива на група граѓани од Охрид, застапувани од Вучетиќ Жарко, со решение У.бр.99/98 поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на точките 3,6,7 и 8 на член 1 од Одлуката означена во точката 1 на оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нивната согласност со Уставот и со закон.
4. Судот на седницата утврди дека со членот 1 од Одлуката се утврдуваат изворите за финансирање на работата на Системот за заштита на Охридското Езеро од отпадни и загадени води и се определува цената на услуги од корисниците на Системот за заштита на Охридското Езеро и тоа: домаќинства кои користат вода и канализација … 9,00 ден./м3; претпријатија и други правни лица кои користат вода и канализација … 14,00 ден./м3; претпријатија и други правни лица кои користат само вода … 4,00 ден./м3; сопственици на викенд куќи и станови … 50,00 денечно; претпријатија кои имаат артерски бунари вклучени во канализација … 4,50 ден. /М3; претпријатија кои имаат артерски бунари, а не се вклучени во канализација … 2,00 ден. /М3; индивидуални сопственици на артерски бунари … 17,00 ден./ месечно; угостителски објекти кои не се корисници на вода од градски водовод … 42 ден. (леж) месечно; дел од туристичка такса согласно програмата на општина Охрид … 22.500 ден./ месечно.
Со членот 2 од Одлуката, Јавното претпријатие Охридско Езеро – Струга, врши достава и наплата на сметките од корисниците на претходни дадени и штампани податоци и сметки од корисници на услуги од ЈП Водовод – Охрид, согласно претходно усогласен Договор – Спогодба помеѓу ЈП Охридско Езеро Струга и ЈП Водовод – Охрид, а врз основа на оваа одлука.
Членот 3 од Одлуката предвидува за ненавремено измирување на обврските од корисниците на услуги, да се пресметува камата, согласно Законот за пресметка на законска затезна камата за секој ден доцнење до исплатата.
Според члено т 4 од Одлуката, со нејзиното донесување престанува да важи Одлуката бр.02-364/2 од 3 март 1995 година.
5. Според членот 17 од Законот за водите (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/98) водостопанска дејност од јавен интерес во смисла на овој закон, меѓу другото, е изградба, одржување и користење на водостопански објекти и постројќи што се однесуваат на обезбедување на вода за водоснабдување.
Согласно член 18 став 1 точка 6 од овој закон водостопански објекти и постројки односно објекти за зашита на водите и посебни објекти во смисла на овој закон, се објектите со кои се врши зафаќање, доведување и пречистување на загадени отпадни води и нивно одведување во реципиент и за спречување на нагло ексцесно испуштање на опасни и штетни материи, односно задоволување на посебни намени за одбраната, посебни еколошки потреби и слично.
Согласно член 19 став 1 од Законот, режимот на водите се одржува и подобрува, меѓу другото, со изградба и одржување на водостопански објекти и постројки.
Членот 122 од овој закон меѓу другото, предвидува дека за преземање на мерки за извршување на определени работи за заштита на водите од загадување, учество во одржување на основните објекти на хидромелиоративните системи, учество во изградба на водостопански објекти и постројки за наводнување и одводнување, и обврските од меѓународните договори и кон венции се формира фонд за водите кој, покрај другите извори, се финансира од надомстокот за водите и од надоместокот за зашита на водите од загадување.
Цената на ваквата вода, согласно член 144 од Законот ја формира Јавното водостопанско претпријатие врз основа на единствена методологија за формирање на цената, на која согласност дава Владата на Република Македонија.
Согласно член 132 алинеја 8 од овој закон, домаќинствата плаќаат надоместок за секој употребен кубен метар вода, а пресметувањето и наплатувањето го врши Јавното комунално претпријатие.
Исто така, според член 2 од Законот за заштита на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро (“Службен весник на СРМ” бр.45/77, 8/80 и 51/88), езерата се утврдени како добра од општ интерес и се ко ристат за задоволување на општите и поединечни потреби, според прописите за заштита на човековата околина, заштита на природните реткости и заштита на водите, ако со овој закон не е определено поинаку. Во членот 4 е утврдена обврска на Републиката за обезбедување средства за заштита на езерата, а според член 5, заштитата на езерата се остварува со преземање на превентивни и други мерки кои се утврдуваат со посебни програми.
Од наведените законски одредби произлегува дека езерата се утврдени како добра од општ интерес и се користат за задоволување на општите и поединечните потреби според прописите за заштита на човековата околина, заштита на природните реткости и заштита на водите. Во согласност со тоа, и системот за одведување и пречистување на отпадните води е во функција на езерото како добро од општ интерес и со неговото функционирање се задоволуваат како општите така и поединечните потреби за чисти езера.
Тргнувајќи од фактот дека пречистувањето на отпадните води претставува дејност на Јавното претпријатие “Охридско Езеро”, Судот оцени дека Претпријатието, врз основа на принципот на заемните давања утврдени во член 15 од Законот за облигационите односи, е овластено да утврдува надоместок и да ја определува неговата висина за пречистување на отпадните води од објектите на граѓаните и организациите кои се доведени во колекторскиот систем, односно од објектите кои се приклучени на тој систем, бидејќи со тоа меѓу нив се воспоставени определени облигациони односи. Меѓутоа, претпријатието нема овластувањ е да утврдува и да наплатува надоместок од граѓаните и организациите кои не се приклучени на тој систем, бидејќи тоа со нив не воспоставило договорни односи.
Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека општата полза од чистото езеро што се постигнува од функционирањето на колекторскиот систем, не може да биде законски основ, Претпријатието да наплатува надоместок од сите граѓани и организации што користат вода, без оглед дали се приклучени на системот, бидејќи со тоа всушност, би вовело јавна давачка за задоволување на една општа потреба. А јавни давачки, согласно член 68 од Уставот на Република Македонија, утврдува Собранието на Републиката.
Доколку пак, Јавното претпријатие “Охридско Езеро” од надоместоците на граѓаните и организациите кои се приклучени на системот, не може да ги покрие трошоците нужни за функционирањето на системот и остварувањето на заштитата на Езерото, како добро од општ интерес, Судот оцени дека надоместувањето на тие трошоци треба да се врши од јавните расходи во чие намирување, согласно член 33 од Уставот, секој е должен да учествува.
Со оглед на тоа што со точките 3, 6, 7 и 8 на член 1 од оспорената одлука на Јавното претпријатие “Охридско Езеро” – кое стопанисува со колекторскиот систем се утврдува надоместок како цена на услуга што ја врши на граѓаните и на организациите кои не се приклучени на системот, Судот оцени дека на тој начин се воведува јавна давачка, поради што утврди дека истите се несогласни со Уставот и со закон.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.99/98)