Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 27 јануари 1999 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 74 од Законот за кривичната постапка (“Службен весник на Република Македонија” бр.15/97).
2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 74 од Законот означен во точката 1 од ова решение, од причини што тој не бил во согласност со членовите 9, 14 став 2 и 24 од Уставот на Република Македонија.
Имено, со исклучувањето од изрекување на паричната казна за јавниот обвинител или лице кое го застапува се нарушува начелото на еднаквост. Оспорената одредба не е во согласност со член 14 став 2 и член 24 затоа што лицето казнето со парична казна не би можело и не би требало за исти дејства да се казнува два пати.
3. Судот на седницата утврди дека во член 74 од Законот за кривичната постапка е предвидено Судот ќе го казни со парична казна од најмалку една половина а најмногу до двократен износ од просечната плата во Републиката исплатена во последниот месец објавен од Заводот за статистика бранителот, полномошникот, законскиот застапник, оштетениот, приватниот тужител или оштетениот како тужител кој во поднесокот или усно го навредува судот или лицето кое учествува во постапката. Решението за казнување го донесува истражниот судија односно советот пред кој е дадена изјавата, а ако е таа сторена во поднесокот-судот кој треба да одлучи за поднесокот. Против ова решение е дозволена жалба. Ако јавниот обвинител или лице кое го застапува навредува некој друг, за тоа ?е се извести надлежниот јавен обвинител. За казнувањето на адвокатот односно на адвокатскиот приправник ќе се извести Адвокатската комора.
Казнувањето според став 1 на овој член не влијае врз гонењето и изрекувањето на казната за кривичното дело извршено со навредувањето.
4. Според член 9 став 2 од Уставот на Република Македонија гра?а ните пред Уставот и законите се еднакви.
Во конкретниот случај Судот смета дека не е во прашање повреда на уставното начело на еднаквост на граѓаните туку станува збор за определување на позицијата на јавниот обвинител во кривичната постапка, кој со оглед на тоа дека е државен орган не подлежи на казнување со парична казна како другите учесници туку се применуваат други мерки. Тоа значи дека не се работи за нееднаквост во правото на граѓаните, туку за различна процесна позиција на јавниот обвинител, според тоа и на неговиот застапник во постапката и во однос на другите учесници физички лица. Околноста дали со оглед на споменатиов факт јавниот обвинител во постапката има различна, би се рекло повластена позиција, се должи на неговата уставна положба и видот на кривичната постапка позитивно – правно нормирана која содржи значителни инквизациони елементи. Но, сето тоа не е основа за изведување на правен став за несогласност на предметната законска одредба со членот 9 од Уставот.
Јавното обвинителство како самостоен државен орган што ги гони сторителите на кривични дела и други со закон пропишани казниви дела се организира според принципот на хиерархија и субординираност.
Со Законот за јавното обвинителство се основа јавно обвинителство се уредува неговата организација и надлежност, се определува подрачјето и седиштето на јавното обвинителство и се утврдени условите и постапката за именување и разрешување на јавните обвинители и замениците јавни обвинители.
Јавниот обвинител има улога на странка во постапката, и тој како државен орган ја остварува функцијата на гонењето на сторителите на кривични дела, односно се јавува во улога на застапник и заштита на објективниот правен поредок.
Според тоа, од уставната и законската поставеност на јавниот обвинител како државен орган, иако тој се јавува како странка во кривичната постапка не произлегува можноста, за негово казнување поради навреда на судот или друг учесник во постапката, туку само обврската да биде известен надлежниот јавен обвинител за тоа кој натаму ќе превземе соодветни мерки за кои смета дека се неопходни (сменување, отповикување, дисциплинско казнување и друго) спрема застапникот.
5. Според член 14 став 2 од Уставот, никој не може повторно да биде суден за дело за кое веќе бил суден и за кое е донесена правосилна судска одлука.
Имај?и ја предвид наведената уставна одредба, Судот оцени дека овластувањето за изрекување и изрекувањето на паричната казна во висина утврдена со закон, претставува дисциплинска мерка која Судот ја изрекува со цел за непречено водење на кривичната постапка, како и коректно однесување на учесниците во постапката. Казната се изрекува со решение на кое лицето кое е казнето со парична казна има право на жалба. За разлика од оваа можност за казнување на учесниците во постапката, Законот за кривичната постапка ниту конституира право за повторно казнување за истоветен деликт и за повикување на кривична одговорност за тоа, ниту пак, може да им го ускрати правото на учесниците во постапката да бараат заштита на својата чест и углед од навреда, клевета и други дела против честа и угледот на личноста. Законот, со одредбата од став 2 на членот 74 ја дефинира автономната природа на дисциплинското казнување во кривичната постапка за нарушување на редот има свој засебен објект на дејствување и објект на заштита, независно од соодветноста на кривичната одговорност. Одговорноста за кривичното дело, како потежок деликт, ја дефинира Кривичниот законик со чии норми е определена правната судбина и влијанието на околностите што судот ќе ги земе предвид во рамките на кривичната одговорност (член 47 од КЗ).
Што се однесува до институтот од член 14 став 2 на Уставот забраната за повторно судење, тој има поинаква функција и се однесува за повторно судење за истоветен или различен фактички и правен субстрат, по правосилна судска одлука, што овде не е е случај, поради што не станува збор за повреда на принципот не бис ин идем.
6. Според член 24 од Уставот секој граѓанин има право да поднесува претставки до државните органи и другите јавни служби и на нав да добие одговор.
Според став 2 на овој член, граѓанинот не може да биде повикан на одговорност ниту да трпи штетни последици за ставовите изнесени во претставките, освен ако со нив не сторил кривично дело.
Судот смета дека наведената уставна одредба се однесува на правото на граѓаните да поднесуваат претставки до државните органи и другите јавни служби и да добиваат одговор во врска со извршувањето на државните функции и јавните овластувања при што граѓаните не можат да бидат повикани на одговорност за ставот изнесен во претставките пред државните органи и јавните служби, освен ако со нив не сториле кривично дело, а не и кога тие се јавуваат како странки во постапката пред судовите, со одредени права но и обврски.
Граѓаните може да поднесуваат претставки до судот во врска со работата на судот, и во такви случаи граѓанинот не може да биде земен на одговорност за изнесениот став во претставката.
Меѓутоа, што се однесува на поднесоците што граѓаните како странки ги поднесуваат во постапката, било тоа да е кривичната, парничната или извршната постапка, тие мора да ги почитуваат одредбите утврдени со Уставот и законите.
Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба со членовите 9, 14 став 2 и 24 од Уставот.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Суд от д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.211/98)