232/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 27 јануари 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста на Одлуката за колективно осигурување на пензионерите и нивните брачни другари, кои не се пензионери и не се во работен однос, донесена од Извршниот одбор на Општинскиот сојуз на пензионерите од Гостивар на 29 јануари 1997 година.
2. Група пензионери од Гостивар, застапувани од Велимир Манасиевски, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за оценување уставноста на одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што на пензионерите од општина Гостивар им се наложувало да плаќаат давачка за осгирување на лица кои не се пензионери, а се брачни другари на одреден број пензионери што не било согласно со Уставот.
3. Судот на седницата утврди дека со решение У.бр.101/97 од 9 јули 1997 година ја отфрлил иницијативата за оценување уставноста на Одлуката за колективно осигурување на пензионерите и нивните брачни другари, кои не се пензионери и не се во работен однос, донесена од Извршниот одбор на Општинскиот сојуз на пензионерите од Гостивар на 29 јануари 1997 година.
Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
Со оглед на тоа што Судот веќе се произнел во однос на оспорената одлука, односно оценил дека истата не спаѓа во доменот на неговата надлежност, а нема основи за поинакво одлучување, одлучи како во точката 1 од ова решение.
4. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр. 232/98)