192/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 20 јануари 1999 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 4 став 4 и 5 од Одлуката за условите и начинот за изградба на објекти во населеното место Злокуќани, донесена од Советот на Општина Карпош во Скопје (“Службен гласник на град Скопје бр.10/98).

2. СЕ СТАВА вон сила Решението на Уставниот суд У.бр.192/98 од 2.12.1998 година за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија донесени односно преземени врз основа на член 4 став 4 и 5 од одлуката означена во точката 1 од оваа одлука.

3. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во ” Службен весник на Република Македонија”.

4. Уставниот суд на Република Македонија по поднесена иницијатива од Заводот за заштита на спомениците на културата на град Скопје, со решение У.бр.192/98 од 2.12.1998 година поведе постапка за оценување законитоста на член 4 став 4 и 5 од Одлуката означена во точката 1 од оваа одлука затоа што се постави прашањето за нивната согласност со Закон и го запре извршувањето на поединечните акти и дејствија донесени односно преземени врз основа на член 4 став 4 и 5 од Одлуката.

5. На седницата Судот утврди дека со одлуката се утврдуваат условите и начинот на изградба на објекти во населеното место Злокуќани и неговиот атар и намените на просторот за што е донесен и графички прилог (член 1, 2 и 3).

Во член 4 се уредува постапката за добивање решение за услови за градба и одобрение за градба. Во став 2 на овој член е констатирано дека подрачјето опфатено со одлуката претставува регистриран споменик на културата и е поделено на три зони со посебен режим. Во став 3 на член 4 е утврдено дека за изградба на објекти во првата зона пред издавањето на одобрение за градба инвеститорот е должен да обезбеди согласност од надлежниот завод. Според став 4 на член 4, за градба во втората зона не е потребна согласност од надлежниот завод, но е пропишано дека ако во текот на градењето инвеститорот дојде до археолошко наоѓалиште, должен е за тоа да го извести министерството за урбанизам и надлежниот завод за да се преземат мерки на заштита.

Во став 5 на член 4 е предвидено дека за градење во третата зона инвеститорот може да гради без согласност од надлежниот завод.

Во останатите членови од одлуката (5-18) се утврдени градежно архитектонските услови за градење (катност, градежни линии, растојанија, архитектонски проекти итн.). Членовите 19 и 20 се однесуваат на влегувањето во сила и важењето на Одлуката.

На седницата Судот исто така утврди дека одлуката е донесена по претходно прибавено мислење од Заводот за заштита на спомениците на културата на град Скопје и претходна согласност на Министерството за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина, во согласност со член 12 и 25 од Законот за просторното и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/96 и 28/97) и член 43 од Законот за заштита на спомениците на културата (“Службен весник на Република Македонија” бр.24/73, 42/76 и 12/93).

5. Според член 6 од Законот за заштита на спомениците на културата (” Службен весник на Република Македонија” бр.24/73, 42/76 и 12/93) никој не смее да оштети или да уништи споменик на културата и никој не смее да презема какви и да било дејствија на споменик на културата или во негова непосредна близина без дозвола од надлежниот завод.

Согласно член 20 став 1 од Законот, дејствија што можат да предизвикаат промени на споменикот на културата или да го нарушат интегритетот на споменикот можат да се преземаат само по претходно одобрение од надлежниот завод. Во став 2 се определени тие дејствија – конзервирање, преѕидување, преправање и сл. како и изградба на објекти во населби што како урбанистичка целина се запишани во регистарот на спомениците на културата. Според став 3, ако за работите од став 2 на овој член е потребна градежна дозвола (член 45) оваа дозвола не може да се издаде ако не е издадено одобрение од став 1 на овој член.

Според член 44 од Законот, одобрение за потесна локација на заштитено подрачје односно објект може да се издаде само по претходна согласност од надлежниот завод.

Согласно член 45 од Законот, урбанистичка согласност и градежна дозвола за работи кои можат да го нарушат интегритетот на споменикот на културата или за него или на неговата околина да причинат непожелни промени, како и при изградба на нови објекти или изведување на други поголеми работи во населбите односно нивните делови запишани во регистарот на спомениците на културата може да се издаде само ако претходно е издадено одобрение од надлежниот завод. Во став 2, 3, 4 и 5 од овој член се пропишани натамошни услови, како на пример обезбедување средства од инвестирторот (ако му е дозволено да гради) заради заштитување на спомениците, запирање на градењето и сл.

6. Поаѓајќи од тоа дека, и според оспорената одлука, подрачјето опфатено со одлуката е регистрирано како споменик на културата во Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија оценува дека за режимот на градење односно на постапката за добивање одобрение за градба на тоа подрачје мора да важат наведените одредби од Законот за заштита на спомениците на културата во кои е утврдена обврската за задолжително добивање претходна согласност од надлежниот завод. Со оглед на тоа што во член 4 став 4 и 5 од Одлуката е пропишано дека за градење на објекти во II и III зона, кои исто така се дел од подрачјето на археолошкиот локалитет регистриран како споменик на културата, не е потребна претходна согласност од надлежниот завод за заштита на спомениците на културата, Судот оцени дека тие не се во согласност со означените одредби од Законот за заштита на спомениците на културата, поради што одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Со оглед на тоа што оваа одлука е конечна, Судот констатира дека се престанати основите за важноста на решението за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија донесени односно преземени врз основа на член 4 став 4 и 5 од Одлуката на Советот на Општина Карпош, поради што одлучи како во точката 2 од оваа одлука.

8. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точките 1 и 2 од оваа одлука.

9. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр. 192/98)