Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 16 декември 1998 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на Одлуката за определување на услови за градба на објект Рудник за мермер “Бела Пола” со придружни објекти, што треба да се гради на подрачјето на Општината Долнени (“Службен весник на Република Македонија” бр.39/98 и 42/98).
2. Мермерниот комбинат А.Д. Прилеп, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што дел од земјиштето на кое се однесувала оспорената одлука било во приватна сопственост со кое не можела да управува Републиката, а објектот за кој се определувале условите за градба не бил од јавен интерес утврден со закон, ниту, пак, стопански објект од значење за Републиката, поради што оспорената одлука не била во согласност со членовите 28 до 30 и член 34 од Законот за просторно и урбанистичко планирање.
3. Судот на седницата утврди дека оспорената одлука ја донела Владата на Република Македонија, на седницата одржана на 27.07.1998 година. Притоа, како основ за донесување на Одлуката се наведени член 34 од Законот за просторно и урбанистичко планирање и член 46 став 3 од Законот за Владата на Република Македонија (“Службен весник на СРМ” бр.38/90 и “Службен весник на Република Македонија” бр.63/94).
Според точка 1 од Одлуката, со оваа одлука се определуваат услови за градба на објектот Рудник за мермер “Бела Пола” со придружни објекти (управна зграда, магацин за резервни делови и алат, магацин за мазиво, сервисна работилница, пумпа со водособирник, резервоар за вода, контајнер за експлозив, трафостаница, резервоар за гориво и септичка јама), што треба да се гради на подрачјето на Општината Долнени, со вкупна површина од 42.720 м2, од кој простор за изградба на објекти е 6.830 м2, земјиште сопственост на Република Македонија, чиј инвеститор ќе биде АД “Ларин – Мрамор компани” од Скопје и се определува земјиштето кое му припаѓа на објектот за неговата редовна употреба.
Со точка 2 од Одлуката се уредува дека составен дел на оваа одлука се графичкиот прилог – ситуација во М1 : 500 и Списокот на парцели опфатени со изградбата на објектот со катастарски индикации, кои не се објавуваат, а се наоѓаат во Министерството за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина.
Според точка 3 од Одлуката, оваа одлука влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
Оспорената одлука е објавена во “Службен весник на Република Македонија” бр.39/98 на 7 август 1998 година.
4. Според член 34 од Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/96, 8/96 и 28/97) по исклучок за простори вон населено место за кои е донесен просторен план или во населено место за кое е донесен генерален урбанистички план, а не е донесен детален урбанистички план, услови за градба на објект од јавен интерес утврден со закон и за стопански објекти од значење за Републиката можат да се определат со акт на Владата на Република Македонија.
Според член 2 став 1 алинеја 6 од Законот за експропријација (“Службен весник на Република Македонија” бр.33/95 и 20/98) од јавен интерес утврден со закон е меѓу другото и изградбата на објекти и постројќи за истражување и експлоатација на рудни идруги природни богатства.
Понатаму, со одредбите на членовите 28 до 30 од Законот за просторно и урбанистичко планирање се уредуваат прашањата за доделување на градежното земјиште. Притоа, со член 28 од овој закон се уредува дека градежно и друго земјиште предвидено за градба со кое управува Републиката се доделува на користење на физички и правни лица заради изградба на објекти, дека со решението за доделување на градежното земјиште се утврдува инвеститор – корисник на градежното земјиште и дека доделувањето на таквото земјиште го врши министерството надлежно за работите на урбанизмот. Со член 29 од Законот се уредува обврската за плаќање надомест за доделено градежно земјиште, кое доделување се врши со непосредна спогодба и со јавно наддавање. Со член 30 од Законот, се уредува дека поблиските услови, начинот и постапката за доделување на градежното земјиште, ги пропишува Владата, а правата и обврските меѓу Републиката и инвеститорот се уредуваат со договор.
Тргнувајќи од содржината на наведените законски одредби, а имајќи ја предвид и содржината на оспорената одлука и причините за нејзино оспорување произлегува дека е неспорно Владата на Република Македонија со акт (во конкретниот случај со оспорената одлука) да може да ги определи условите за градба на објект од јавен интерес утврден со закон, кој објект треба да се гради на простори вон населено место за кои е донесен просторен план или во населено место за кое е донесен генерален урбанистички план, а не е донесен детален урбанистички план. Понатаму, не е спорно во конкретниот случај, дека за просторот на кој треба да се гради објектот постои само Просторен план за Општината Прилеп донесен 1985 година во кој според Геолошките карактеристики на просторот опфатен со оспорената одлука тој е составен од гранит – стауролитски микашисти, а според Функциите, намената и користењето на просторот, тој се состои во поголем дел од пасишта, а во помал дел со шуми и обработливо земјиште и дека предметната локација е надвор од населеното место.
Исто така, неспорно е и тоа дека по прашањето за статусот на градежното земјиште на кое треба да се гради објект се одлучува во постапка за решавање на имотно-правните односи што е различна од постапката за утврдување на услови за градба и изградба на објектот. Имено, градежното земјиште го доделува со решение Министерството надлежно за работите на урбанизмот, додека, пак, решението за условите за градба (член 31 од Законот за просторно и урбанистичко планирање) покрај другите елементи треба да ги содржи и општите и урбанистичко-архитектонските услови кои се утврдени во актот на Владата донесен врз основа на член 34 од Законот. Според тоа, оспорената одлука според мислењето на Судот, не може да се напаѓа од аспект на нејзината согласност со членовите 28 до 30 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, имајќи предвид дека со неа не се уредуваат тие прашања. Што се однесува, пак, за приговорот на подносителот на иницијативата дека дел од земјиштето третирано со оспорената одлука не било во сопственост на Републиката, треба да се има предвид покрај исправката на оспорената одлука со која просторот од 369.000 м2 на кој требало да се гради објектот е стеснет на 42.720 м2, и тоа дека се работи всушност за фактичко прашање за кое не одлучува Уставниот суд.
Врз основа на наведеното, Судот не го постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со членовите 28 до 30 и член 34 од Законот за просторно и урбанистичко уредување.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр. 166/98)