117/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 и член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 9 декември 1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведувње постапка за оценување уставноста и законитоста на Заклучоците на Владата на Република Македонија од 2.09.1996 година што се однесуваат на наставата во училиштата во Општина Дебар – Центар Жупа.

2. Џафан Џемовски од село Мал Папрадник – Центар Жупа и Арфим Шемоски од село Центар Жупа на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на заклучоците на Владата на Република Македонија означени во точката 1 од ова решение затоа што не биле во согласност со член 9 и 48 од Уставот и со член 8 став 2 од Законот за основното образование, како и затоа што не биле објавени во “Службен весник на Република Македонија”.

3. На седницата Судот утврди дека оспорените заклучоци гласат:

“1. Согласно Уставот на Република Македонија и Законот за основно образование, Министерството за образование и физичка култура да ја организира наставата во основните училишта во Општина Дебар – Центар Жупа.

2. Барањето на родителите за промена на јазикот во наставата за нивните деца од македонски на турски јазик, не може да се прифати, затоа што децата не го познаваат и не го говорат турскиот јазик до нивното поаѓање на училиште.

3. Се задолжува Министерството за образование и физичка култура, родителите на учениците кои досега ја бојкотирале наставата во Основното училиште “Моша Пијаде”-Центар Жупа уште еднаш да ги извести и да ги вратат во училиштето, каде по скратена наставна програма ќе го надополнат изгубеното и ќе се вклучат во редовната настава на македонски јазик. Министерството е должно да ги создаде сите услови за спроведување на оваа задача”.

Заклучоците не се објавени во “Службен весник на Република Македонија”.

4. Од содржината на оспорените заклучоци Судот утврди дека со нив не се уредуваат односи во сферата на основното образование во врска со правото на образование на јазик на националноста, туку се определува политиката на извршување на Законот за основното образование во една конкретна ситуација и се утврдуваат обврски за Министерството за образование и физичка култура заради нејзино спроведување. Во потесна смисла овие заклучоци претставуваат насока за начинот на примена на законот со оглед на определени фактички околности, а не пропис кој завлегува во односите уредени со законот.

Согласно член 110 од Уставот Уставниот суд помеѓу другото ја оценува уставноста на законите и уставноста и законитоста на колективните договори и другите прописи.

Со оглед на тоа што оспорените заклучоци не претставуваат пропис во смисла на Уставот, Судот утврди дека не е надлежен да ја оценува нивната уставност и законитост.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр. 117/98)