175/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 став 1 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 9 декември 1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценувње уставноста на

а) Член 26 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на СРМ” бр.18/83)

б) член 33 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување (“Службен весник на РМ” бр.80/93).

2. Димитар Чанев од Гевгелија на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста на членовите 26 и 33 од Законите означени во точката 1 од ова решение, затоа што при потполно еднакви услови на стаж, минат труд и личен доход се формираат две групи на пензионери ИИ и ИИИ група со разлика во пензијата од 1000 денари. Со таквиот начин нарегулирање на прашањето за остварување на правото на пензија се повредува член 8 став 1 точка 8 и член 9 став 2 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека Уставниот суд на Република Македонија со Решение У.бр.11/98 од 25 мај 1998 година ја отфрли иницијативата за оценување уставноста на Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на СРМ” бр.18/83, 4/85, 4/89 и 19/90) со образложение дека Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот кои се во правниот поредок на Републиката а не и на законите кои престанале да важат.

Со оглед на тоа што оспорениот закон престанал да важи, а со тоа престанал да важи и оспорениот член 26, Судот оцени дека нема основи да го оценува оспорениот член и одлучи како во точката 1а) од решението.

4. Судот исто така утврди дека Уставниот суд на Република Македонија по предметот У.бр.205/94 не повел постапка за оценување уставноста на член 33 од Законот со образложение дека пензиската основа а со тоа и мерилата за висината на старосната пензија утврдени со оспорената одредба се однесуваат за сите осигуреници и на тој начин не се повредува уставниот принцип на еднаквоста на граѓаните. Тоа што осигурениците не оствариле еднакви права, туку обемот на нивните права односно старосна пензија зависи од должината на пензискиот стаж и од месечниот просек на платите што осигуреникот ги остварил за време на вкупното траење на осигурување, а најрано од 1 јануари 1970 година исто така не значи повреда на тој уставен принцип.

Исто така Уставниот суд на Република Македонија по предметите У.бр.236/95, 238/95 и 41/96 ги отфрлил иницијативите за оценување уставноста на член 33 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување со образложение што за иста работа Судот веќе одлучувал.

Со оглед на тоа што Судот неколку пати го оценувал оспорениот член 33 од Законот, а по повод на новата иницијатива не наоѓа основ за поинакво одлучување одлучи како во точката 1 б) од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр. 175/98)