196/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 9 декември 1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на Одлуката за утврдување на надоместок за употреба на градежно земјиште на подрачјето на град Куманово, донесена од Советот на Општината Куманово на 21 март 1997 година (“Службен гласник на Општина Куманово” бр.4/97).

2. Душан Димитријевиќ од Куманово, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение, бидејќи со неа се воведувал надоместок (данок) за граѓаните, за користење на сопствени згради и станови за кои објекти сопствениците и плаќале данок на државата по друг основ.

3. Судот на седницата утврди дека со оспорената одлука се утврдува обврска за плаќање на надоместок за употреба на градежно земјиште на подрачјето на град Куманово, како и висината, роковите на плаќање и начинот на пресметување на овој надоместок.

4. Според член 44 од Законот за градежното земјиште (“Службен весник на Република Македонија” бр.10/79, 18/89, 21/91 и 71/96) собранието односно советот на општината може да утврди надоместок за употреба на градежното земјиште според обемот и степенот на опременоста со комунални објекти и инсталации. Со одлука се утврдува висината, роковите на плаќањето и начинот на пресметувањето на надоместокот. Надоместокот го плаќа непосредниот корисник на земјиштето. Како непосреден корисник се смета носителот на правото на користење на недвижности, сопственикот и носителот на станарското право.

Со членот 45 од овој закон е предвидено дека надоместокот за употреба на уреденото градежно земјиште се плаќа по единица површина посебно за градежното земјиште и посебно за изграден користен простор.

Согласно член 17 од Законот за локалната самоуправа, единиците на локалната самоуправа самостојно донесуваат програма за уредување на градежно земјиште, вршат работи на уредување и употреба на градежното земјиште во согласност со закон и утврдуваат зони и собираат земјишна такса во согласност со закон.

Со оглед на тоа што надоместокот за употреба на градежното земјиште е утврден со закон, а единиците на локалната самоуправа имаат овластување да ја утврдуваат неговата висина и да го собираат, Судот оцени дека оспорената одлука не е во несогласност со цитираните законски одредби.

Имајќи предвид дека надоместокот за употреба на градежното земјиште е утврден со закон, исто како и данокот на имот, евентуалната можност за плаќање по два основи за еден објект не е од значење за оценување на законитоста на конкретната оспорена одлука.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.196/98)