Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 9 декември 1998 година, донесе
О Д Л У К А
Текст
1. СЕ УКИНУВА член 4 во делот “со денот на донесувањето” од Одлуката за измени и дополнувања на Деталниот урбанистички план за населба “Чифлик” – Општина Кичево, бр.08-785/8 донесена од Советот на Општина Кичево на 30 јули 1997 година.
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија по иницијативи на Љубомир Богески во име на група од осум граѓани и Симо Станишоски, сите од Кичево, со Решение У.бр.169/98 од 4 ноември 1998 година поведе постапка за оценување уставноста на член 4 во делот “со денот на донесувањето” од Одлуката означена во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за неговата согласност со одредбите на член 8 став 1 алинеја 3 и член 52 став 1 од Уставот.
4. Судот на седницата утврди дека со член 4 од Одлуката се уредува дека оваа одлука влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во “Службен гласник на Општината Кичево”.
5. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија е владеењето на правото.
Со член 52 став 1 од Уставот се уредува дека законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила.
Тргнувајки од содржината на наведените уставни одредби, според мислелњето на Судот, јасно произлегува обврската дека прописите на единиците на локалната самоуправа се објавуваат пред да влезат во сила, односно дека мора да се почитува општиот правен принцип дека пропис или општ акт не може да има правно дејство и не може да влезе во сила без да тој пропис односно акт се објави. Во конкретниот случај, тргнувајки од фактот дека со член 4 од Одлуката се предвидува таа да влезе во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во “Службен гласник на Општината Кичево”, Судот оцени дека оспорената одредба во делот “со денот на донесувањето” не е во согласност со одредбите на член 8 став 1 алинеја 3 и член 52 став 1 од Уставот.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.169/98)