151/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 71 и член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 2 декември 1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оцена на уставноста и законитоста на Одлуката на Советот на општина Тетово, донесена во текот на 1996 година со која е извршено преименување на месната заедница “Радован Цониќ” во месна заедница “ГАМ-ГАМ”.

2. Мирче Китаноски, во својство на претседател на Советот на месната заедница “Радован Цониќ”, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што промената на името била извршена без согласност на граѓаните и Одборот на месната заедница. Советот можел да дава имиња, но во согласност со закон, а со оглед на тоа што таков закон се уште не бил донесен, Советот на општина Тетово не бил надлежен да врши промена на топонимите на населените места.

3. Судот на седницата утврди дека Советот на општина Тетово воопшто нема донесено таква одлука, туку дека преименувањето на Месната заедница “Радован Цониќ” во “ГАМ-ГАМ” е извршено со Одлука на собирот на граѓаните и работните луѓе на месната заедница “Радован Цониќ” на состанокот одржан на 10.04.1993 година, поради што, согласно член 28 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Судот, нема процесни претпоставки за одлучување по иницијативата.

Од тие причини, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

4. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.151/98)