28/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 2 декември 1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 35 став 1 алинеја 1 и став 2, и член 88 став 4 од Законот за судовите (“Службен весник на Република Македонија бр.35/96 и 40/96).

2. Димитрија Атанасовски од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за оценување уставноста на членовите 35 став 1 алинеја 1 и став 2, и член 88 став 3 од законот означен во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата членот 35 од Законот бил несогласен со Уставот на Република Македонија затоа што предвидувал Врховниот суд на Република Македонија да донесува начелни ставови и начелни правни мислења кои биле задолжителни за сите негови совети, со што се влијаело на самостојноста на судиите кои требало да судат според Уставот, законите и меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот.

Ставот 3 на член 88 од Законот, бил несогласен со Уставот затоа што го овластувал министерот за правда со акт да ја утврдува висината на надоместокот за дежурства што, според подносителот на иницијативата, како право од работен однос, требало да се утврди со закон или колективен договор.

3. Судот на седницата утврди дека според член 35 став 1 алинеја 1 од Законот за судовите, Врховниот суд на Република Македонија на општа седница утврдува начелни ставови и начелни мислења по прашања од значење за обезбедување единство во примената на законите од страна на судовите, а според ставот 2 на овој член од Законот, овие начелни ставови и начелни правни мислења се задолжителни за сите совети на Врховниот суд на Република Македонија.

4. Согласно член 101 од Уставот на Република Македонија Врховниот суд на Република Македонија е највисок суд во Републиката и го обезбедува единството во примената на законите од страна на судовите.

Од наведената одредба произлегува дека уставотворецот му дава право и должност на Врховниот суд да обезбеди единство во примената на законите од страна на судовите.

Врз основа на оваа одредба Законот за судовите во оспорената одредба од членот 35 предвидува Врховниот суд на Република Македонија, на општите седници, да донесува начелни ставови и начелни правни мислења кога ќе утврди дека судската практика е невоедначена по одделно прашање.

Услов за одржување на овие општи седници, според Деловникот за работата на Врховниот суд на Република Македонија е задолжителното присуство на 2/3 од вкупниот број на судиите на Врховниот суд, а усвојувањето на начелните ставови и начелните правни мислења е условено со мнозинство гласови од сите членови на општата седница, односно квалифицирано мнозинство, што оди во прилог на нивната задолжителност за сите совети на Врховниот суд на Република Македонија, а во одредени случаи и во останатите судови во Републиката, за кои начелните ставови и начелните правни мислења не претставуваат основ за одлучување, но влијаат на судската практика со силата на своите аргументи.

Од тие причини, Судот оцени дека оспорениот член 35 став 1 алинеја 1 и став 2 од Законот за судовите, со тоа што го овластува Врховниот суд на Република Македонија да донесува начелни ставови и начелни правни мислења, по одделни прашања од значење за обезбедување единство во примената на законите од страна на судовите, се движи во рамките на Уставот, поради што не може да се постави прашањето за неговата уставност од овој аспект.

4. Судот, на седницата, исто така, утврди дека согласно член 88 став 3 од Законот, со акт на министерот за правда се утврдува висината на надоместокот за дежурствата.

Од оваа одредба на Законот произлегува дека законодавецот го овластува министерот за правда да ја определи висината на надоместокот за дежурствата во судовите, но не и правото на надоместок за дежурството кое, како такво, е предвидено во ставот 2 на овој член од Законот.

5. Согласно член 19 став 2 од Законот за органите на управата, овие органи, во рамките на правата и должностите на Републиката, меѓу другото, донесуваат прописи за извршување на законите, другите прописи и општи акти кога за тоа се овластени со закон.

Во конкретниов случај, актот што го донесува министерот за правда, за што е овластен со закон, според Судот, претставува подзаконски пропис, односно претставува операционализација на законското решение на одредбата од став 2 на член 88 од Законот за судовите која предвидува право на надоместок за извршеното дежурство.

Од тие причини Судот оцени дека оспорената одредба од став 3 на член 88 од Законот за судовите е согласна со Уставот.

Во овој контекст, Судот го имаше предвид и фактот дека судовите се државни органи и како такви се финансираат од Буџетот на Република Македонија, кој, по правило се донесува секоја година, а за тој период од една година се дава можност поточно да се испланираат приходите и расходите врз основа на доходот.

Меѓутоа независно од точно испланираниот буџет, постои можност на истиот да се врши ребаланс или дебаланс во зависност од финансиската состојба во дадениот период.

Од тие причини, во Буџетот се издвојува дел од приходите како тековна буџетска резерва за потребите и задачите за кои во буџетот не се обезбедени средства или не се обезбедени во доволен износ.

За користењето на овие средства одлучува Владата, односно соодветниот функционер кој раководи со органот на управата. Во конкретниов случај тоа е министерот за правда кој, во зависност од износот на тековната буџетска резерва, со свој акт ја утврдува висината на надоместокот за дежурства.

Овој акт на министерот е всушност подзаконскиот акт, односно пропис, донесен во функција на извршување на одредбата од став 2 на член 88 од Законот која, го предвидува правото на надоместок за извршено дежурство.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр. 28/98)