83/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 18 ноември 1998 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА Заклучокот бр.23-17/123 донесен од Владата на Република Македонија на 25 јули 1994 година.

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по иницијатива на Јанко Бачев од Скопје, со Решение У.бр.83/98 од 30 септември 1998 година поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за неговата согласност со член 52 од Уставот и член 8 став 1 алинеја 5 од Законот за гаранција на Република Македонија за депонираните девизни влогови на граѓаните и за обезбедување на средства и начин за исплата на депонираните девизни влогови на граѓаните.

4. Судот, на седницата утврди дека Владата на Република Македонија на 123 седница одржана на 25 јули 1994 година, го разгледала заедничкиот предлог на Министерството за финансии и Министерството за образование и физичка култура за висината и основите на користење на заробените девизни штедни влогови на граѓаните за школување во земјата и странство подготвен согласно Заклучокот на 113-та седница и со оглед на тоа што состојбите во обезбедување средства за исплата од депонираните девизни влогови на граѓаните битно не биле променети, заклучила да се изврши ограничување на исплатата на средствата од депонирате девизни влогови и тоа:

– партиципација за школување на високообразовните институции во Републиката, во денарска противвредност до 1.000 ДМ;

– за школување во странство на високообразовните институции кои не постојат во Република Македонија до 2.000 ДМ;

– за специјализација и усовршување во странство по претходна оцена од Министерството за образование и физичка култура и Министерството за наука до 2.000 ДМ.

5. Согласно член 52 став 1 од Уставот, законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила.

Од изнесената уставна одредба јасно произлегува дека покрај законите и прописите мора најнапред да се објават, па да влезат во сила.

Со оглед на тоа што во конкретниот случај, заклучокот на Владата не е објавен, Судот оцени дека тој не е во согласност со Уставот.

Понатаму, со членот 7 од Законот за гаранција на Република Македонија за депонираните девизни влогови на граѓаните и за обезбедување средства и начин за исплата на депонираните девизни влогови на граѓаните, се задолжуваат банките да вршат исплати за задоволување на егзистенцијални потреби во денарска противвредност во висина од 100 ДМ месечно по штедач, по курсот на Народната банка на Република Македонија на денот на исплатата.

Членот 8 од овој закон, определува дека по исклучок на членот 7 банките на девизните штедачи им вршат исплати во денарска противвредност за повеќе намени меѓу кои во алинеја 5 е предвидена партиципација за школување на високообразовните институции во Република Македонија.

Според член 9 од овој закон, Владата на Република Македонија по потреба, утврдува приоритет за исплата на одделни намени од член 8 на овој закон.

Од наведеното недвосмислено произлегува дека Законот не предвидува можност за ограничување на висината на средствата за школување на високообразовните институции во Република Македонија.

Законското овластување што и е дадено на Владата, по потреба да утврдува приоритет за исплата на одделни намени во никој случај не подразбира и право на Владата да врши ограничување на висината на исплатата поради што Судот оцени дека оспорениот заклучок не е во согласност со законот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

9. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.83/98)