Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 став 1 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 7 октомври 1998 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 4 од Законот за празниците на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.21/98).
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на согласноста на член 4 од Законот со член 19 став 3 од Уставот.
3. Васко Костески и Тоде Ристевски од Битола, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 4 од Законот затоа што со него се предвидувало делење на граѓаните на Република Македонија по верска основа и се вршело селектирање и различно третирање на граѓаните така што се определувале различни денови за празнување на верските празници на припадниците на христијанската, исламската и еврејската вероисповест, со што се создавала нееднаквост, поради што оспорената законска одредба не била во согласност со член 9 од Уставот. Освен тоа, определувањето да не се работат и да се празнуваат денови на три верски заедници, а не и на други верски заедници кои постојат и егзистираат во Република Македонија, ги ставала во нееднаква положба верските заедници, со што тие не биле еднакви пред Законот, поради што членот 4 од Законот не бил во согласност и со член 19 став 3 од Уставот.
4. На седницата Судот утврди дека оспорената законска одредба определува во Република Македонија да се празнуваат и неработни да се:
– првиот ден на Божиќ и вториот ден на Велигден за верниците од христијанската вероисповест;
– првиот ден на Рамазан Бајрам и првиот ден на Курбан Бајрам за верниците од исламската вероисповест;
– првиот ден на Јом Кипур за припадниците на еврејската заедница.
5. Според член 9 од Уставот граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од, покрај другото, верското уверување (став 1), при што граѓаните се еднакви пред Уставот и законите (став 2).
Имајќи предвид дека припадниците на различни верски заедници имаат различни вредности во кои веруваат или, пак, веруваат во исти вредности но со различен приоритет, како и дека таквата содржинска различност предизвикува различно манифестирање на верувањето односно различни денови на славање на верските вредности, произлегува дека предвидувањето (во член 4 од Законот) различни денови да се неработни и да се празнуваат од страна на различни верски заедници е токму по суштина обезбедување еднаквост на граѓаните по верска основа (секој ги слави своите вредности).
Поради тоа, оспорената законска одредба не е во несогласност со член 9 од Уставот.
6. Што се однесува, пак, до наводот во иницијативата дека членот 4 од Законот создава нееднаквост помеѓу христијанската, исламската и еврејската вероисповест, од една страна, и другите верски заедници во Република Македонија, од друга страна, и дека тоа го прави така што определува да не се работат и да се празнуваат само празниците значајни за првите три верски заедници, Судот оцени дека иницијативата не го доведува во прашање славењето на верските празници на трите верски заедници, туку бара и другите верски заедници да имаат право да ги слават своите празници, а тоа значи Судот да ја дополни оспорената законска одредба, што не е во надлежност на Уставниот суд.
7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.122/98)