146/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 7 октомври 1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 2 од Законот за јавни набавки (“Службен весник на Република Македонија” бр.26/98).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 2 од Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со Уставот не се давало можност со закон да се уредува прашањето содржано во оспорената одредба која не била во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 51 и член 55 став 3 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека според член 2 став 1 од Законот за јавни набавки, одредбите на овој закон не се однесуваат на јавните набавки за делот кој има одбранбен и безбедносен карактер на земјата и се прогласени за државна тајна, а според ставот 2 од овој член на Законот, одредбите на овој закон не се однесуваат и за јавните набавки за кои се обезбедени средства од меѓународни организации, доколку за нив се пропишани посебни услови за набавка.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Со член 51 став 1 од Уставот се уредува дека во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законите, а според ставот 2 од овој член на Уставот, секој е должен да го почитува Уставот и законите.

Според член 55 став 3 од Уставот слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон, единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природната и животната средина или на здравјето на луѓето.

Тргнувајќи од содржината на напред наведените уставни и законски одредби, а имајќи ги предвид и причините за оспорување на член 2 од Законот, според мислењето на Судот, Уставот не го уредува прашањето за јавните набавки и нивното димензионирање, оставајќи му на законодавниот орган согласно член 68 став 1 алинеја 2 да донесува закони, што овој орган тоа и го прави со донесување на Законот за јавни набавки, при што го уредил режимот на јавните набавки, исклучувајќи го тој режим во делот на оспорената одредба. Дали, притоа, за таквиот исклучок е потребно посебно уставно овластување како што смета подносителот на иницијативата, според мислењето на Судот, тоа не е потребно. Имено, Судот оцени дека со оспорената одредба не се повредуваат уставните принципи за владеење на правото, уставноста и законитоста и слободата на пазарот, особено ако се има предвид дека таа слобода кога е во прашање одбраната на земјата може да се ограничи, поради што не го постави прашањето за нејзината согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 51 и член 55 став 3 од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.146/98)