Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 14 став 2, член 28 и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 30 септември 1998 година, донесе
О Д Л У К А
Текст
1. СЕ УКИНУВААТ
а) член 10 став 2 алинеја 1 и 2 од Законот за вршење на нотарските работи (“Службен весник на Република Македонија” бр.59/96 и 25/98) и
б) член 2 од Правилникот за полагање на нотарскиот испит (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/97).
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на РМ”.
3. Уставниот суд на Република Македонија поведе постапка за оценување уставноста на одредбите од Законот означени во точката 1 под а) од оваа одлука и на зконитоста на членот 2 од правилникот означен во точката 1 под б) од оваа одлука затоа што се постави прашањето за нивната уставност односно законитост.
4. На седницата Судот утврди дека во член 10 став 1 точка ѓ) од Законот, помеѓу другите услови за именување на нотар, е утврдено и лицето да ужива углед за вршење на нотарските работи. Во член 10 став 2 алинеи 1 и 2 од Законот е утврдено да се смета дека не ги исполнува условите од став 1 точка ѓ) од овој член лицето 1) кое е осудено за кривично дело од користољубие или друго кривично дело кое се гони по службена должност, се додека траат правните последици од осудата и 2) на кое му престанала функцијата судија, државен службеник, нотар и адвокат, затоа што претходно со одлука на надлежен орган е утврдена негова одговорност, додека не поминат три години од денот на престанувањето на функцијата.
5. Според член 13 став 1 од Уставот лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука, а според член 14 став 1 од Уставот никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна. Согласно член 54 став 1 од Уставот слободите и правата на граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.
Според член 32 став 2 од Уставот, секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место.
Уставниот суд на Република Македонија, разгледувајќи ги означените алинеи на чл.10 ст.2 од Законот оцени дека тие претставуваат облик на ограничување на правата и положбата на граѓаните, во првиот случај , како последица од осудуваноста за кривични дела, што во теоријата и законодавството на Република Македонија е познато под поимот “правни последици на осудата”, а во вториот како последица од одговорност за престанок на функцијата што лицето ја вршело во минатото, што во крајна линија има иста правна природа. Поради тоа, Уставниот суд смета дека за оценка на уставноста на оспорените алинеи, не е суштествено да утврди дали осудуваноста за кривично дело или разрешувањето од одредена функција е во склад со критериумите што во дадено време се важни за процена на личниот углед како вредносна категорија, туку дали пропишувањето на ограничувањето во оспорените одредби од Законот како последица на осуда за кривично дело односно разрешување има уставен основ.
Тргнувајќи од изнесениот пристап, Судот како првенствен критериум на уставноста ги зеде предвид означените одредби од член 13 и 14 на Уставот кои, меѓу другото, утврдуваат два принципи на казнено-правниот однос, а тоа се, прво, дека за извршеното казниво дело на сторителот може да му се изрече казна што како таква е утврдена со закон или друг пропис и второ, дека казната може да се изрече само со судска одлука. Тоа, според мислењето на Судот, значи дека казнено правниот однос се исцрпува во релацијата на казнивото дело и судски изречена казна за неговиот сторител и дека натамошни последици од неговото извршување односно од осудата за тоа дело кои се состојат во ограничување на правата на граѓаните не се допуштени, освен ако тоа не е изречно утврдено со Уставот, согласно член 54 став 1 од Уставот.
Имајќи предвид дека ограничувањето на достапноста на нотарската функција со оспорените одредби од Законот настапува како правна последица од осудата по сила на Законот, а не како индивидуализирана казна (забрана) што ја изрекува суд во рамките на видовите на казни односно санкции, утврди дека не се во согласност со член 13 и 14, во врска со член 54 став 1 и член 32 од Уставот на Република Македонија.
6. Во член 2 од Правилникот за полагање на нотарскиот испит е предвидено тој да се полага усно и писмено според единствена содржина што опфаќа повеќе предмети и таа се однесува на сите кандидати, независно од тоа дали претходно имаат положено правосуден испит или не.
Во членот 141 став 2 од Законот за вршење на нотарските работи глобално се утврдуваат областите кои треба да бидат опфатени во содржината на нотарскиот испит. Поради очигледното совпаѓање на дел од материјата на нотарскиот испит со правосудниот испит (кривично право, облигационо право, стварно и семејно право и т.н.) во овој член од Законот е изречно предвидено дека при определувањето на содржината на нотарскиот испит, кој се состои од устен и писмен дел, ќе се води сметка за содржината на правосудниот испит, за да се избегне повторното полагање на правната материја која била опфатена со правосудниот испит.
Од изнесената законска одредба произлегува дека со Правилникот за полагање на нотарскиот испит треба да се обезбеди при полагањето на нотарскиот испит кандидатите со положен правосуден испит да не ја полагаат повторно материјата од тој испит која што исто така е потребна за нотарскиот испит. Со оглед на тоа што содржината на нотарскиот испит, во која е опфатен и дел од содржината на правосудниот испит, е утврдена единствено за сите кандидати Судот утврди дека член 2 од Правилникот не е во согласност со член 141 став 2 од Законот за вршење на нотарските работи.
7. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
8. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.212/97)