Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 30 септември 1998 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на Заклучокот бр.23-17/123 донесен од Владата на Република Македонија на 25 јули 1994 година.
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата во делот кој се однесува за поведување постапка за меѓусебната согласност на оспорениот заклучок на Владата со Упатството на министерот за финансии за начинот и постапката за исплата на денарски средства од депонираните девизни влогови на граѓаните.
3. Јанко Бачев од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со него бил ограничен износот на парични средства од депонираните девизни штедни влогови на граѓаните за школување на високобразовните институции во Република Македонија до износ од 1.000 германски марки во денарска противвредност, што не било во согласност со член 52 од Уставот, член 8 став 1 алинеја 5 од Законот за гаранција на Република Македонија за депонираните девизни влогови на граѓаните и за обезбедување на средства и начин за исплата на депонираните девизни влогови на граѓаните и точка 2 алинеја 5 од Упатството за начинот и постапката за исплата на денарски средства од депонираните девизни влогови на граѓаните.
Имено, оспорениот акт не бил во согласност со член 52 од Уставот бидејќи не бил објавен. Понатаму, со закон биле утврдени условите, висината, начинот и постапката под кои може да се користат средства од депонираните девизни штедни влогови за одредени намени па донесувачот на актот не бил овластен со свој интерен акт да определува посебни услови, во конкретниот случај да го ограничува износот потребен за школување туку можел да донесува поблиски прописи за спроведување на законот. Оспорениот акт не бил во согласност со членовите 160 и 161 став 3 од Законот за органите на управата бидејќи уредувал материја што била уредена со закон.
Во иницијативата се бара Судот да донесе решение со кое ќе ги запре од извршување дејствијата што се преземаат врз основа на оспорениот акт.
4. Судот, на седницата утврди дека Владата на Република Македонија на 123 седница одржана на 25 јули 1994 година, го разгледала заедничкиот предлог на Министерството за финансии и Министерството за образование и физичка култура за висината и основите на користење на заробените девизни штедни влогови на граѓаните за школување во земјата и странство подготвен согласно Заклучокот на 113-та седница и со оглед на тоа што состојбите во обезбедување средства за исплата од депонираните девизни влогови на граѓаните битно не биле променети, заклучила да се изврши ограничување на исплатата на средствата од депонирате девизни влогови и тоа:
– партиципација за школување на високообразовните институции во Републиката, во денарска противвредност до 1.000 ДМ;
– за школување во странство на високообразовните институции кои не постојат во Република Македонија до 2.000 ДМ;
– за специјализација и усовршување во странство по претходна оцена од Министерството за образование и физичка култура и Министерството за наука до 2.000 ДМ”.
5. Согласно член 52 став 1 од Уставот, законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила.
Од изнесената уставна одредба јасно произлегува дека покрај законите и прописите мора најнапред да се објават, па да влезат во сила.
Со оглед на тоа што во конкретниот случај, заклучокот на Владата не е објавен, пред Судот основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот.
Понатаму, со членот 7 од Законот за гаранција на Република Македонија за депонираните девизни влогови на граѓаните и за обезбедување средства и начин за исплата на депонираните девизни влогови на граѓаните, се задолжуваат банките да вршат исплати за задоволување на егзистенцијални потреби во денарска противвредност во висина од 100 ДЕМ месечно по штедач, по курсот на Народната банка на Република Македонија на денот на исплатата.
Членот 8 од овој закон определува дека по исклучок на членот 7 банките на девизните штедачи им вршат исплати во денарска противвредност за повеќе намени меѓу кои во алинеја 5 е предвидена партиципација за школување на високообразовните институции во Република Македонија.
Според член 9 од овој закон, Владата на Република Македонија по потреба, утврдува приоритет за исплата на одделни намени од член 8 на овој закон.
Од наведеното недвосмислено произлегува дека Законот не предвидува можност за ограничување на висината на средствата за школување на високообразовните институции во Република Македонија.
Законското овластување што и е дадено на Владата, по потреба да утврдува приоритет за исплата на одделни намени во никој случај не подразбира и право на Владата да врши ограничување на исплатата.
Оттука, според мислењето на Судот основано се поставува прашањето за согласноста на оспорениот заклучок со законот.
6. Членот 14 од Законот утврдува дека поблиски прописи за спроведување на овој закон по потреба донесува министерот за финансии.
Врз основа на ова законско овластување, министерот за финансии донел Упатство за начинот и постапката за исплата на денарски средства од депонираните девизни влогови на граѓаните со кое во точката 2 алинеја 5 е утврдено дека банките на девизните штедачи им вршат исплата во денарска противвредност за партиципација за школување на високообразовните институции во Република Македонија.
Правото за остварување на исплатите, граѓаните го остваруваат со приложување соодветна документација на банките кај кои имаат депонирано девизен штеден влог – во конкретниот случај фактура од високообразовната институција.
Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Оттука произлегува дека Уставниот суд не е надлежен да одлучува за меѓусебната согласност на прописите, во конкретниот случај за согласноста на оспорениот заклучок на Владата со Упатството на министерот за финансии. Поради тоа согласно член 28 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, Уставниот суд одлучи да ја отфрли иницијативата во овој дел како ненадлежен да одлучува по неа.
7. Во однос на барањето од иницијативата, да се оценува согласноста на оспорениот акт со членовите 160 и 161 став 3 од Законот за органите на управата, Судот утврди дека наведените членови од Законот се однесуваат на овластувањата на министрите да донесуваат правилници, наредби и упатства за извршување на законите и на другите општи акти кога за тоа се овластени со тие закони односно општи акти.
Со оглед на тоа што во конкретниот случај оспорениот акт е донесен од Владата на Република Македонија, а не од министер, Судот оцени дека не може да стане збор за оценување на неговата согласност со членовите 160 и 161 став 3 од овој Закон.
8. Во врска со барањето во иницијативата, Судот до конечното одлучување, да донесе решение за запирање на дејствијата што се преземаат врз основа на оспорениот акт, Судот оцени дека не се исполнети условите од член 27 од Деловникот.
9. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
10. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.83/98)