Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 30 септември 1998 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 17-в од Законот за плати и другите надоместоци на пратениците на Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката (“Службен весник на СРМ” бр.36/91 и “Службен весник на Република Македонија” бр.38/91 и 23/97).
2. Стево Стојчев од Свети Николе на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 17-в од Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со определувањето на платата на градоначалниците со закон се ограничувала финансиската самостојност на локалната самоуправа, што не било во согласност со член 8 став 1 и член 114 од Уставот на Република Македонија.
3. На седницата Судот утврди дека со оспорениот член 17-в од Законот е утврден коефициентот за определување на платата на градоначалниците на општините и на Град Скопје и тоа во распон од 2.70 до 3.70 во зависност од бројот на жителите на единицата на локалната самоуправа..
4. Според член 8 став 1 алинеја 9 од Уставот локалната самоуправа е една од темелните вредности на уставниот поредок.
Согласно член 114 став 4 од Уставот општините се финансираат од сопствени извори на приходи определени со закон и средства од Републиката, а според ставот 5 на овој член локалната самоуправа се уредува со закон кој се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Во член 115 став 1 од Уставот е определено дека во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење особено во областите на урбанизмот, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, предучилишното воспитување, основното образование, основната здравствена заштита и во други области утврдени со закон. Според ставот 2 на овој член од Уставот општината е самостојна во вршењето на надлежноста утврдена со Уставот и закон, а надзорот врз законитоста на нејзината работа го врши Републиката.
Инаку функцијата градоначалник на единица на локалната самоуправа е воспоставена со член 24 од Законот за локалната самоуправа.
5. Разгледувајќи ја оспорената одредба од Законот во контекст на изнесените уставни одредби, Судот оцени дека прашањето на определувањето на плата на градоначалникот со закон не може да се третира во контекст на финансиската автономија на единицата на локалната самоуправа без оглед на тоа што за платата, се разбира, се потребни финансиски извори. Имено, финансиската автономија на единицата на локалната самоуправа во Уставот е гарантирана како инструмент на остварувањето на нејзините функции од член 115 став 1 од Уставот, но не е самостоен основ за воспоставување на нејзината посебна положба или посебна положба на нејзините органи во рамките на уставниот систем.
Функцијата градоначалник, како и другите органи на единиците на локалната самоуправа, е воспоставена и нејзината положба е уредена со закон што важи подеднакво на целата територија на Република Македонија, независно од економската моќ на одделни единици на локалната самоуправа. Тоа едновремено значи дека начинот на нејзиното вршење, како и нејзиниот статус во номенклатурата на јавните функции во Република Македонија се законски определени, без можност за тоа да одлучува единицата на локалната самоуправа.
Оттука, оспорениот член од законот го определува материјалниот и општествениот статус на градоначалникот како јавна функција определена со закон и воопшто не навлегува во прашања што се однесуваат на остварувањето било на таа функција, било на функциите на единицата на локалната самоуправа и нејзината финансиска самостојност. Притоа, неспорно е дека функцијата градоначалник е изборна функција и како таква потпаѓа под режимот на Законот кој се однесува токму на избраните и именуваните лица во Република Македонија. Освен тоа, имајќи пред вид дека во финансирањето на единиците на локалната самоуправа учествува и Републиката, Судот оцени дека и кога и пристапот на иницијативата би бил прифатлив, не би можело да се одрече правото на Републиката да влијае на димензиите на трошењето на средствата за јавни расходи.
Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 17-в од Законот со означените уставни одредби и одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.46/98)