143/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 23 септември 1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 212 од Царинскиот закон (“Службен весник на Република Македонија” бр.21/98).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на член 29 став 2 од Законот за царините (“Службен весник на Република Македонија” бр.20/93, 63/95 и 15/97).

3. Мухамед Хасановиќ од село Лажани, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на одредбите од законите означени во точката 1 и 2 од ова решение.

Според наводите во иницијативата со член 30 од Уставот на Република Македонија било гарантирано правото на сопственост, а можноста за одземање или ограничување на сопственоста била допуштена само ако за тоа постои јавен интерес утврден со закон од што произлегувало дека одземањето или ограничувањето на сопственоста се вршело само во интерес на државата.

Спротивно на уставната гаранција за правото на сопственост и располагањето со сопственоста, со Законот за царините, без да се утврди јавен интерес со оспорените одредби се ограничувало правото на сопственост.

Имено, со нив се ограничувало правото на користење и располагање со увезените превозни средства – автомобили со повластици при увозот со тоа што не било допуштено таквите предмети да ги користи друго лице, ниту, пак, сопственикот во предвидените рокови да може да ги отуѓи. Подносителот на иницијативата смета дека ако законодавецот го ограничил правото на сопственост во смисла на користењето и располагањето, тогаш тоа требало да го докаже и оправда со постоење на јавен интерес.

Исто така, подносителот смета дека сопственоста е предуслов за слободен развој на личноста и тоа во смисла на каков начин му се обезбедува несметано користење на приватната сопственост, но било потребно и третите лица да се заштитат од безобзирно користење на сопственоста и државата требала да интервенира кога биле загрозени интересите на трети лица, а во случајов не биле загрозени интересите на други лица, ниту јавниот интерес.

Сопственоста значела неограничена власт на лицата над стварите – право што правниот поредок му го давал на поединецот, а државата во зависност од тоа дали постои или не јавен интерес за државата, дали биле загрозени правата на трети лица, во зависност од тоа за кои видови сопственост се работи, и за какви објекти – ствари (подвижни-неподвижни) и доколку со користењето или некористењето на стварта постоело некое негативно влијание врз јавниот интерес или трети лица, во тие случаи, на аргументирано постоење на јавен интерес законодавецот можел да го ограничи користењето и располагањето со сопственоста. Ваквите претпоставки за ограничување и располагање со увезените автомобили на корисникот на повластицата од член 29 став 2 точка 1 од Законот за царините воопшто непостоеле, пришто законодавецот отишол и понатаму па и во решението од член 212 од Царинскиот закон го здржал ваквото ограничување на сопственоста поради што смета дека оспорените одредби со иницијативата не се во согласност со Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека според член 29 став 2 од Законот за царините, ако лицето од член 28 точка 3 (а тоа се лицата што се ослободени од плаќање царина: државјаните на Република Македонија, членовите на екипажот на бродови на Република Македонија, како и државјаните на Република Македонија кои и по кој и да е основ биле на работа во странство, непрекинато најмалку две години или најмалку 24 месеци во периодот од четири години, на предмети за своето домаќинство, што ќе ги внесат или примат од странство до вредноста што ја пропишува Владата на Република Македонија, ако тие предмети ги внесат или примат од странство во рок од една година од денот на враќањето од работа во странство), член 29 став 1 и член 30 на овој закон, пред истекот на рокот од три години од денот на увозот, има намера увезените стоки на кои не е платена царина и други увозни давачки, односно на кои е платена царина по намалена стапка да ги отуѓи, да ги даде на друг на употреба или на кој и да е на друг начин да ги употреби за други цели, а не за оние поради кои е ослободено од плаќање царина или платило царина по намалена стапка, е должно претходно да плати царина по стапката утврдена во Царинската тарифа и други увозни давачки. Царината и другите увозни давачки се пресметуваат на утврдената основица и по стапките што важеле на денот на поднесувањето на царинската декларација.

Според член 212 од Царинскиот закон потврдите и мерките, што надлежниот орган ги донел во врска со ослободувањата од плаќање царина согласно со Законот за царините (“Службен весник на Република Македонија” бр.20/93, 63/95 и 15/97), а правата на царинско ослободување не биле искористени до денот на примената на овој закон (1 јануари 1999 година), можат да се искористат до истекот на рокот што му припаѓа според Законот за царините, а во ставот 2 на овој член предвидено е дека ако царинскиот обврзник го искористи правото на ослободување од плаќање царина, а се уште не истекол рокот за забрана на располагањето утврден со Законот за царините, царинскиот надзор врз стоките се врши и натаму, се до истекот на рокот утврден со членот 25 став 3 (три години од денот на увозот), членот 26 став 3 (три години од денот на увозот), членот 27 став 12 (предмети што ќе се увезат во рок од една година од рокот на доселувањето, односно од денот на добивањето азил во Република Македонија, односно од денот на добивањето одобрение за постојано населување), членот 29 став 2 (пред истекот на рокот од три години од денот на увозот) и членот 32 став 3 (пред истекот на рокот од пет години од денот на увозот) од Законот за царините.

Судот, исто така, утврди дека Уставниот суд постапувајќи по предметот У.бр.81/98 одлучувал за уставноста на оспорената одредба на член 29 став 2 од Законот за царините и при тоа со решение од 15 јули 1998 година одлучи да не поведе постапка.При тоа Судот утврди дека режимот на ослободување од плаќање царина е уреден во посебна глава од овој закон (“Ослободување од плаќање царина”), во неговите одредби од член 25 до член 34,. При тоа, децидно се утврдени условите и начинот под кои определените субјекти се ослободени од плаќање царина, а со овој закон, исто така, е предвидено (член 28) овластување за Владата на Република Македонија да го пропише видот и количеството на стоките за кои може да се користи ослободувањето од плаќање царина, како и кои предмети можат да бидат ослободени од плаќање царина.

Поаѓајќи од уставната гаранција за сопственоста неоспорно дека граѓанинот со нејзиното стекнување го стекнува и правото на располагање. Меѓутоа, ова право не е апсолутно право затоа што и сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата. Во таа смисла и сопственоста е ограничена ако се работи за јавен интерес утврден со закон. Според мислењето на Судот, и покрај тоа што со Законот изрично не е прокламиран јавниот интерес, со овој закон се уредува системот на царинската заштита на стопанството на Република Македонија што несомнено претставува јавен интерес за државата. Оттука, Судот смета дека и кога би се проблематизирала оспорената одредба од аспект на сопственоста и правата што произлегуваат од неа не се поставува прашање дали може да се ограничува сопственоста ако нејзиното располагање е условено со доведување на предметите ослободени од царина во рамките на општиот режим за плаќање царина при увоз на стока.

Исто така, според мислењето на Судот со оспорената одредба не се одзема, ниту се ограничува правото на сопственост односно правото на користење и располагање, туку се усогласуваат условите за користење и располагање со увезените предмети со поволностите што ги пропишала државата при нивниот увоз.

Од друга страна, режимот на царините треба да се гледа од аспект на обврската на граѓаните за плаќање јавни давачки како уставна категорија затоа што царините претставуваат јавна давачка. Во таа смисла, во член 33 од Уставот е предвидено дека секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Врз основа на ваквата уставна определба, државата со закон може да ја утврдува фискалната политика, во овој случај низ политиката на режимот на царините, може да ги утврдува и повластиците при увозот, но истовремено може да презема и мерки да го ограничи прометот на стоките увезени со ослободување на царини доколку е тоа потребно заради утврдување и обезбедување на усогласеноста со условите утврдени за ослободување од плаќање царина, што за крајна цел има заштита на стопанството во Република Македонија или, доколку не се придржува граѓанинот кон условите за ослободување од царина, предметот може да го отуѓи со намирување на обврските, кон државата, односно плаќање на царина и данок.

Со оглед на тоа што со закон се уредува начинот на плаќање на данок и други јавни давачки, а со оспорената одредба се уредува начинот на плаќање царина и други царински давачки доколку увозникот пред истекот на рокот го отуѓува предметот ослободен од царина при увозот, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорена одредба и од овој аспект.

Исто така, Судот смета дека оспорената одредба не ја ограничува слободата на пазарот и претприемништвото, затоа што таа не содржи забрана за промет на предметите увезени без царина, туку воспоставува обврска за негово вклучување на пазарот да се измират обврските за плаќање царина и други царински давачки, односно негово изедначување со предметите кои слободно се во промет но за кои уште при увозот се плаќаат царините и другите царински давачки.

5. Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Поаѓајќи од утврдената фактичка положба и правното мислење изнесено во Решението по предметот У.бр.81/98, како и истоветните причини за оспорување содржани во сега поднесената иницијатива, Судот оцени дека нема основи за поинакво одлучување поради што одлучи како во точката 2 од ова решение.

6. Оспорената одредба на член 212 од Царинскиот закон (“Службен весник на Република Македонија” бр.21/98) е поместена во главата ЏИ “преодни и завршни одредби” и со оваа одредба е уредено прашањето за важноста на потврдите и мерките за царинското ослободување. Всушност со оваа одредба се признаваат царинските повластици при увозот на предметите и тие можат да се користат до истекот на рокот што му припаѓа според Законот за царините, како и вршењето на царинскиот надзор доколку не истекол рокот за забрана за располагање утврден со законот. Според тоа Судот смета дека и за оваа одредба не може да се постави прашањето за согласноста со Уставот од аспект на заштитата на сопственоста, користењето и располагањето со сопственоста од истите причини изнесени за неповедување постапка.

Исто така, оваа оспорена одредба не може да се проблематизира ниту од аспект на слободата на пазарот и претприемаштвото затоа што не го забранува прометот, туку само обезбедува користење на повластиците признати по предходниот закон и соодветно на тоа го уредува царинскиот надзор при користењето, односно располагањето со предметите увезени со повластици, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.143/98)