98/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 1 јули 1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 6 став 1 од Договорот за наплата на “ЦПД” друмска такса, административни такси и визи, склучен меѓу Министерството за финансии на Република Македонија и Авто Мото Сојузот на Македонија на 12 февруари 1996 година.

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на Договорот во целина означен во точката 1 од ова решение.

3. Драги Бојаџиски од Струмица на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на оспорениот член од договорот, затоа што со него било предвидено Авто Мото Сојузот на Македонија да врши наплата на царина, друмска такса, административна такса и виза, а за извршената услуга на граѓанинот му бил наплатуван одреден надоместок односно провизија.

4. На седницата Судот утврди дека според оспорениот договор Авто Мото Сојузот на Македонија врши само техничка наплата на предвидените давачки односно царина, друмска такса, административна такса и визи кои однапред се утврдени од надлежен орган врз основа на тарифа заснова на закон.

Со оглед на тоа што со оспорениот договор на Авто Мото Сојузот на Македонија не и се пренесени јавни овластувања кои треба да бидат утврдени со закон туку тој врши само техничка наплата на предвидените давачки, Судот смета дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот договор во целина со Уставот и со законот.

5. Меѓутоа во оспорениот член 6 став 1 од договорот е предвидено дека за покривање на трошоците на работењето Авто Мото Сојузот на Македонија ќе засметува од странката на име надоместок и тоа за ЦПД во износ од 10% од царинските давачки, а не поголем од 10 ДМ во денарска противвредност на денот на плаќањето, за друмска такса во износ од 10 УСА долари по пресметковен лист и административна такса во износ од 10 ДМ по административна такса.

6. Според член 33 од Уставот на Република Македонија секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Од изнесената одредба произлегува дека секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки утврдени со закон.

Со оглед на тоа што во конкретниов случај со оспорениот член од договорот е предвидено граѓаните, покрај надоместокот за царина, друмска такса и административна такса на Авто Мото Сојузот на Македонија за извршената услуга да му платат и одреден износ на име трошоци на работењето, основано се поставува прашањето дали на тој начин за граѓаните не се создава обврска без за тоа да има основ во законот.

Со оглед на изнесеното, се одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.98/97)