107/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 1 јули 1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 190 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/93, 3/94, 14/95, 71/96 и 32/97).

2. Киро Чучурски-адвокат од Битола, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбата од Законот означена во точката 1 од ова решение, затоа што со неа се предвидувало, Фондот да има право своите средства да ги врати со камата, па во ситуација кога граѓанинот – корисник на пензија го немал правото на камата на незаконито неисплатени или неправилно (помалку) исплатени негови средства (пензија или други примања), тоа значело (1) ставање на Фондот во привилегирана положба спрема граѓаните и (2) создавање на нерамноправност помеѓу Фондот и граѓаните, поради што членот 190 од Законот не бил во согласност со Уставот.

3. На седницата Судот утврди дека оспорената законска одредба предвидува надоместокот на штета, причинета на Фондот, односно враќање на незаконски и неправилно извршените исплати на пензии и други давања од пензиското и инвалидското осигурување, да се врши по одредбите на Законот за облигациони односи.

4. Со член 34 од Уставот се определува дека граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор.

Според тоа, со закон (и со колективен договор) се определува (1) обемот на правото на граѓаните на социјална сигурност и на социјално осигурување со тоа што притоа законодавецот (односно колективните договарачи) мораат да ги почитуваат соодветните уставни вредности, и (2) со закон (и со колективни договори) се определува постапката на остварувањето на тоа право.

Од изнесената интерпретација на наведената уставна одредба произлегува дека Уставот му дал право на законодавецот, тој да ја уреди, покрај другото, процедурата во која се остварува правото на социјална сигурност и на социјално осигурување, а во тие рамки и процедурата на враќање на неосновано или погрешно во износ исплатените средства на штета на Фондот.

Оттука, Судот смета дека определувањето, во член 190 од Законот, Фондот да има право на камата за неосновано или погрешно во висина исплатени средства не е во несогласност со наведената уставна одредба.

Тоа, пак, што членот 190 од Законот не предвидува дека и граѓаните-корисници на пензија имаат право на камата за незаконито неисплатување или погрешно во висина исплатување на средства на штета на граѓанинот, според мислењето на Судот не значи дека граѓаните го немаат тоа право, туку значи дека тие го имаат тоа право врз основа на друг закон – Законот за облигационите односи и неговите општи начела, поради што тоа право не треба да се уредува со Законот за пензиското и инвалидското осигурување како дел од правата на пензиското и инвалидското осигурување. Според тоа, и нормативно и практично, граѓаните се рамноправни со Фондот во врска со правото на камата за незаконито неисплатени или погрешно во висина исплатени средства.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.107/98)