104/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 24 јуни 1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 70 од Законот за основното образование (“Службен весник на Република Македонија” бр.44/95, 24/96, 34/96 и 36/97).

2. Никола Стојков адвокат од Битола на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбата од законот означен во точката 1 од ова решение бидејќи со оспорениот член 70 од Законот, бил повреден членот 32 став 2 од Уставот. Имено оваа законска формулација предимството го предвидувала само за лица кои биле во активен работен однос и ги исклучувала сите оние кои во тој момент или воопшто не работат или пак не работат во селски населби под потешки услови за работа. Понатаму се наведува дека самата работа во селска населба не значело автоматски и работа во потешки услови на работа имајќи ги предвид денешните услови на врски и други комуникации. Поради тоа оваа законска одредба ги ставала граѓаните во нерамноправна положба при вработување во основно училиште.

3. Судот на седницата утврди дека според членот 70 од Законот за основното образование предимство при вработување во основно училиште под исти услови имаат учители, наставници и стручни работници кои работат во селски населби, во потешки услови на работа.

4. Според член 32 став 2 од Уставот на Република Македонија секому, под еднакви услови му е достапно секое работно место, а според ставот 5 на овој член остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Во членовите 66 и 67 од Законот за основното образование се утврдени условите за вршење на воспитно-образовната дејност во основното образование и тоа за учители и наставници по одделенска и предметна настава.

Тргнувајќи од посебното уставно значење и карактер на воспитно-образовната дејност, постои уставна можност со посебен закон да се пропишат условите под кои може да се изведува воспитно-образовната дејност во основното образование, а во тие рамки да се утврдат и одредени критериуми за определување на приоритет под еднакви услови при засновање на работен однос. Притоа, право е на законодавецот да ги утврди посебните услови за вршење на воспитно-образовната дејност, како и да утврди одредени приоритети за вработување под еднакви услови – не негирајќи ги предвидените општи и посебни услови предвидени за засновање на работен однос на одредено работно место.

Оттука, Судот оцени дека со давањето на предимство под еднакви услови при вработувањето преку оспорената одредба од Законот на оние лица кои работат во селски населби, во потешки услови на работа, без да бидат притоа запоставени другите услови за вработување кои се однесуваат на стручноста на образовниот кадар, не се повредува правото на еднаквост при вработувањето, односно дека оспоредната одредба од член 70 став 1 од Законот за основното образование не е во несогласност со член 32 став 2 од Уставот на Република Македонија, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.104/98)