47/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 17 јуни 1998 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА Одлуката за учество во затворање на финансиската конструкција според договорот бр.03-1062 и бр.03-59 од 1, односно 10 септември 1997 година, донесена од Одборот на Месната заедница на с. Октиси, општина Струга, на 2 ноември 1997 година.

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по иницијатива на Стојан Будоски и други од село Октиси-Струга, со решение У.бр.39/98 и У.бр.47/98 од 13 мај 1998 година поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 од оваа одлука затоа што се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот на Република Македонија и со закон.

4. Судот на седницата утврди дека со Одлуката се предвидува во реализацијата на договорот за изведување електроинсталатерски работи, склучен меѓу Месната заедница с.Октиси и РЕ “Електро-Струга” Струга, Месната заедница, односно населбата Октиси да учествува во затворањето на финансиската конструкција со средства во висина од 30% од вкупната вредност на работите по договорот, односно со износ од 1.141.740,00 денари (еден милион сто четириесет и една илјада и седум стотини и четириесет денари).

Начинот на реализацијата на учеството на населбата Октиси, да се оствари преку зафаќање, односно месечна уплата преку сметките за потрошена електрична енергија за сите потрошувачи од с. Октиси во висина од 150,00 денари на месец, т.е. при секоја месечна сметка сметано од доставените сметки за месец јануари 1998 година, до затворање на конструкцијата.

5. Согласно член 33 од Уставот на Република Македонија секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Од оваа одредба произлегува дека, Уставот ги задолжува граѓаните на Републиката да плаќаат данок и други јавни давачки но, притоа, упатува начинот на нивното реализирање да се утврди со закон.

Имајќи ја предвид оспорената одлука со која Одборот на Месната заедница на село Октиси одлучил да учествува во затворањето на финансиската конструкција со средства во износ од 30% од вкупната вредност на работите и едновремено наметнал оваа обврска да се рализира со еднакво учество на сите граѓани на селото односно со плаќање по 150,00 денари по домаќинство, што ќе се засметува при секоја месечна сметка за потрошената електрична енергија, Судот утврди дека Одборот на Месната заедница, со оваа одлука воведува јавна давачка за што, според Уставот не е овластен, односно дека истата може да се воведува само со закон.

Во однос на наводите на доносителот на актот дека оспорената одлука е донесена врз основа на претходно спроведен референдум за воведување на самопридонес за изградба на споменатите објекти и дека референдумот бил спроведен во согласност со Законот за општите начела на самопридонесот, Судот утврди дека истите не стојат од причина што Одлуката за воведување на самопридонес содржински и суштински не кореспондира со Одлуката за затворање на финансиската конструкција. Ова, затоа што, како што се гледа од содржината на Одлуката за воведување на самопридонес, таа ги задолжува обврзниците да плаќаат определен износ по овој основ сразмерно на нивните материјални можности, додека оспорената одлука ги задолжува сите обврзници да плаќаат еднаков износ, независно од нивните материјални можности што е спротивно на споменатиот закон..

6. Брз основа на изнесеното, Судот оцени дека оспорената одлука не е во согласност со Уставот на Република Македонија и со Законот за општите начела на самопридонесот, па одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Ова одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.39/98 и 47/98)