У.бр.196/1997

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 71 и член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.90/72), на седницата одржана на 17 јуни 1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста и законитоста на Одлуката за изменување на Урбанистичкиот план за III урбана единица на град Охрид, извршена според изводот од Урбанистичкиот план бр.74/82 од 29 декември 1982 година.

2. Рамадан Ариф од Охрид, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за оценување уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 на ова решение, затоа што била донесена во постапка спротивна на Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање.

3. Судот на седницата утврди дека тогашното Собрание на општина Охрид во текот на 1982 година воопшто не донело таква одлука.

4. Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по неа.

Со оглед на тоа дека одлуката, која, како спорна, се посочува во иницијативата не постои, односно не е донесена од тогашното Собрание на општина Охрид, Судот оцени дека постојат процесни пречки за одлучување, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.196/97)