74/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 10 јуни 1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на Одлуката за измени и дополнувања на Деталниот урбанистички план за населба “Чифлик”-Општина Кичево, бр.08-785/8 донесена од Советот на Општина Кичево на 30 јули 1997 година.

2. Душан Тренески од Кичево, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што оспорената одлука не била донесена во согласност со Законот за просторно и урбанистичко планирање.

3. Судот на седницата утврди дека со член 1 од оспорената одлука се утврдува ревизија односно измени и дополнувања на Деталниот урбанистички план за населба “Чифлик”-Општина Кичево, а според член 2 од Одлуката, со ревизијата се опфаќаат улиците: “Б. Ослободување”, “11-ти септември”, “Гоце Делчев” и “Кузман Јосифовски – Питу”. Според член 3 од Одлуката составен дел на оваа одлука се текстуалните и графичките прилози, а со член 4 од Одлуката, се уредува прашањето за нејзиното влегување во сила и објавување во службеното гласило на Опшината.

4. Деталниот урбанистички план, согласно член 7 од Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/96, 8/96 и 28/97), е еден од видовите на урбанистичките планови.

Според член 17 став 1 од Законот, урбанистичкиот план се изработува како нацрт и предлог на план. По нацртот на деталниот урбанистички план, согласно став 3 од овој член, се спроведува јавна анкета, која според став 4 од овој член на Законот, ја организира општината.

Јавната анкета, според член 18 став 1 од Законот, се спроведува со излагање на планот на јавно место најмалку 15 дена, во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатени со планот, доставуваат писмени забелешки, на анкетни листови, до организаторот на анкетата. Според став 2 на овој член, за времето и местото каде ќе биде изложен планот, задолжително се објавува соопштение во јавните гласила, а според став 3 од овој член на Законот, за јавната анкета, министерството надлежно за работите на урбанизмот, изготвува извештај со образложение за неприфатените забелешки, кој се доставува заедно со предлогот на планот на усвојување.

Според член 19 став 1 од Закнот, на нацртот на планот, пред организирањето на јавната анкета, се врши стручна ревизија.

Согласно член 20 од Законот, измените и дополнувањата на урбанистичкиот план се вршат по иста постапка пропишана за нивно донесување, а потребата за измена и дополнување се утврдува со ревизија на планот.

Деталниот урбанистички план, согласно член 22 став 3 од Законот, го донесува општината, а според став 6 од овој член, планот може да се спроведува по издавање на согласност од Министерството надлежно за работите на урбанизмот. Со согласноста, според член 23 став 1 од Законот, се потврдува дека планот е донесен согласно со: одредбите на овој закон, прописите донесени врз основа на овој закон и другите прописи.

Од содржината на наведените законски одредби, јасно произлегува дека донесување на нов или измени и дополнувања на детален урбанистички план, се врши во две одвоени фази и тоа како нацрт и како предлог на планот. Притоа, по нацртот задолжително се спроведува јавна анкета организирана од доносителот на планот односно општината, а за таа да биде успешна, постои обврска нацртот да се изложи на јавно место најмалку 15 дена, како би можеле заинтересираните да доставт писмени забелешки. Битен елемент во постапката на донесувањето на планот односно неговото ревидирање е да биде поднесен извештај од спроведената анекта со образложение за нерпифатените забелешки. По преземањето на наведените дејствија се изработува предлог на планот што советот на единицата на локалната самоуправа го донесува односно со одлука ги усвојува неговите измени и дополнувања. Покрај тоа, за да може урбанистичкиот план да се спроведува е неопходна согласност од Министерството за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина.

Тргнувајќи од наведеното, а имајќи предвид дека Одлуката за измени и дополнувања на Деталниот урбанистички план на населбата “Чифлик”- Општина Кичево, Советот на Општината ја донел во две фази, како нацрт и како предлог, дека пред спроведувањето на јавната анкета е направена стручна ревизија на предложените измени и дополнувања, дека на нацртот на одлуката донесена од Советот на Општина Кичево е организирана јавна анкета, по која е поднесен извештај и дека измените и дополнувањата се изработени во форма на предлог на одлука, што Советот ја донел и по која е добиена согласност од Министерството за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина, Судот оцени дека оспорената одлука е донесена во согласност со Законот за просторно и урбанистичко планирање, поради што не се постави прашањето за нејзината согласност со овој закон.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.74/98) а