229/1997-1-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седниците одржани на 3 јуни 1998 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 29 и член 65 став 5 од Законот за внатрешни работи (“Службен весник на Република Македонија” бр.19/95 и 55/97).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по иницијатива на Стамен Филипов од Скопје, со решение У.бр.229/97 од 4 и 18 март 1998 година поведе постапка за оценување на уставноста на член 29 и на член 65 став 5 од Законот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нивната согласност со член 12 и член 32 став 5 од Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека според член 29 став 1 од Законот, овластените службени лица на Министерството, имаат право да задржат лице најмногу 24 часа ако истото го нарушува или загрозува јавниот ред и мир, а воспоставувањето на јавниот ред и мир или отстранувањето на загрозувањето не може да се постигне на друг начин и во случај кога лицето го испорачал странски орган на безбедноста заради спроведување до надлежен орган. Според став 2 од овој член, овластените службени лица на Министерството се должни лицето приведено или лишено од слобода да го запознаат со причините за приведување или лишување од слобода и со неговите права утврдени со Уставот и закон, според став 3 од овој член, овластените службени лица не треба приведените лица да ги изложуваат на јавна љубопитност, според став 4 од овој член, задржаното лице има право на жалба до министерот во рок од 12 часа од моментот на здржувањето, според став 5 од овој член, жалбата не го одлага извршувањето на решението, според став 6 од овој член, решението по жалбата се донесува и доставува на лицето кое е задржано во рок од 12 часа, од часот кога е изјавена жалбата, а според став 7 од овој чен на Законот, овластеното службено лице, доколку има услови е должно во рок од три часа да го извести семејството на задржаното лице, а претпријатието или органот во кој е вработен доколку тој тоа го бара, како и да го запознае лицето со причините за здржувањето и со неговото право на бранител.

Во член 65 од Законот, таксативно се наведени случаите што се сметаат како кршење на работната дисциплина; привремено оддалечување на работник од работа од Министерството кога ќе стори потешко кршење на работната дисциплина, можност од скратување на отказниот рок од рокот утврден со закон и дека тоа право не се остварува доколку отказот е поради потешко кршење на работната дисциплина. Според оспорениот став 5 од овој член на Законот, потешките случаи на кршење на работната дисциплина заради кои работникот се оддалечува од работа, должината на отказниот рок, како и случаите кога тоа право не се остварува се пропишува со акт на министерот.

5. Според член 12 став 1 од Уставот слободата на човекот е неприкосновена, според ставот 2 од овој член, никому не може да му биде ограничена слободата, освен со одлука на судот и во случаи и во постапка утврдена со закон, а според ставот 4 од овој член на Уставот, лицето лишено од слобода мора веднаш, а најдоцна во рок од 24 часа од моментот на лишувањето од слобода, да биде изведено пред суд, кој без одлагање ќе одлучи за законитоста на лишувањето од слобода.

Од содржината на наведената уставна одредба произлегува дека прогласувајќи ја неприкосновеноста на слободата на човекот како негова основна слобода, Уставот истовремено ги утврдува и основите, условите и начинот на нејзиното ограничување.

Имено, слободата на човекот како негово основно и суштествено право, кое е реална основа за остварување на другите негови права, уставно е неприкосновена. Таквиот нејзин карактер е потврда на општоприфатените светски стандарди за оваа слобода и потврда на хуманиот однос спрема човекот како личност и субјект на активен чинител во севкупното дејствување во општеството, во сопствен и интерес на заедницата во која живее. Се разбира, таквата слобода не може да се глорифицира и апсолутизира поради можноста од нејзино злоупотребување. Нејзиното остварување не може да биде на штета на другите лица. Поаѓајќи од таквата основа и причина, Уставот ги определува можностите за нејзино ограничување, така што утврдува дека никому не може да му биде ограничена слободата, освен со одлука на судот и во случаи и во постапка утврдена со закон. Тоа значи дека нејзиното ограничување мора да се врши и извршува со строго почитување на законитоста, која ја сочинуваат со закон пропишаните услови и постапка, со што се исклучува секое самоволие на кој и да е орган. Посебна гаранција е надлежноста на судот, како самостоен и независен орган, да одлучува за нејзиното ограничување. Притоа, битна карактеристика е што постапката се води по службена должност, што таа е итна и што конечната одлука ја донесува судот. Според тоа граѓанинот може да биде лишен од слобода само кога таквиот случај е предвиден со закон, а едновремено постои и одлука на судот за негово приведување, односно лишување од слободата.

Тргнувајќи од тоа дека со одредбите на член 29 од Законот се дава право на овластените службени лица на Министерството за внатрешни работи да задржат лице најмногу 24 часа ако истото го нарушува или загрозува јавниот ред и мир и се пропишува полициска постапка која ги содржи максималните реокови од 24 часа при приведување или лишување од слобода на лице, при што е предвидено донесување на решение и жалба по решение, според мислењето на Судот, таквиот начин и постапка излегува надвор од контекстот на член 12 од Уставот, од кој произлегува дека лицето лишено од слобода мора веднаш да биде изведено пред суд, кој без одлагање ќе одлучи за законитоста на лишувањето од слобода. Со оглед на тоа што оспорената одредба содржи елементи според кои ограничувањето на слободата се врши од страна на органот за внатрешни работи, а не со одлука на судот, Судот оцени дека член 29 од Законот не е во согласност со член 12 од Уставот.

6. Тргнувајќи од содржината на одредбата на член 32 став 5 од Уставот, според која остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори, а имајќи ја предвид содржината на оспорената одредба на член 65 став 5 од Законот, според која потешките случаи на кршење на работната дисциплина заради кои работникот се оддалечува од работа, должината на отказниот рок, како и случаите кога тоа право не се остварува, се пропишува со акт на министерот, според мислењето на Судот, таквото овластување значи уредување на прашања за остварување на правата од работен однос што не може да биде предмет на уредување на акт на министерот.

Имено, законските овластувања со општ акт на министерот да се уредуваат прашања за остварување на правата од работен однос не е во согласност со општиот уставен принцип дека остварувањата на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективен договор. Актот на работодавецот, односно “актот” и “општиот акт” на министерот, во конкретниот случај, немаат уставна подлога. Тоа подразбира дека сите права и обврски од работниот однос, се предмет на уредување на закон и на колективен договор. Во таа смисла, нема никаква причина, специфичностите од работниот однос во органите за внатрешни работи, да не бидат уредени со Законот за внатрешни работи, како и со колективните договори, вклучувајќи го и колективниот договор на ниво на работодавец. Понатаму, предвидувањето со акт на министерот да се пропишуваат односи какви што се во оспорената одредба, би можело да значи арбитрерност и можност од нееднаков третман кон правата и обврските што произлегуваат од работниот однос и нивната заштита.

Врз основа на наведеното, Судот оцени дека одредбата на член 65 став 5 од Законот не е во согласност со член 32 став 5 од Уставот.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

8. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.229/97)