140/1997-1-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 3 јуни 1998 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 9 став 2 од Законот за градежното земјиште (“Службен весник на СРМ” бр.10/79, 17/79, 37/80, 18/89, 21/91 и “Службен весник на Република Македонија” бр. 71/96).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Постапувајќи по иницијативите на Михаил Георгиевски од Скопје, адвокатот Драган Гоџо од Охрид, адвокатот Драган Атанасовски и Лазар Меровски од Битола, Уставниот суд на Република Македонија со Решение У.бр.11/97, 36/97 и 140/97 поведе постапка за оценување уставноста на член 9 став 2 од Законот за градежното земјиште затоа што основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот на Република Македонија.

4. На седницата и на подготвителната седница Судот утврди дека според член 9 став 1 од Законот за градежното земјиште, земјиштето во градовите и населбите од градски карактер и другите подрачја предвидени за станбена и друга комплексна изградба за кои е донесен урбанистички план е на Републиката.

Според став 2 на член 9 од Законот, границите на опфатеното земјиште од став 1 на овој член со катастарски податоци за парцелите ги утврдува собранието на општината.

5. Согласно член 30 став 1 од Уставот на Република Македонија се гарантира правото на сопственост и правото на наследување. Според став 2 на овој член сопственоста создава права и обврски и служи за добро на поединецот и на заедницата. Според став 3, никому не може да му биде одземена или ограничена сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон, а според став 4 на овој член од Уставот, во случај на експропријација на сопственоста или во случај на ограничување на сопственоста се гарантира праведен надоместок кој не може да биде понизок од пазарната вредност.

Од цитираните уставни одредби произлегува дека Уставот ја гарнатира сопственоста и нејзината заштита, а во тие рамки и сопственоста на земјиштето и не дозволува сопственоста и правата кои произелгуваат од него да бидат одземени или ограничени освен кога се работи за јавен интерес што се утврдува со закон.

Според член 10 од Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/96), генерален урбанистички план се донесува за подрачје на населено место, стопански комплекс и други подрачја предвидени за градба и содржи особено, намена на земјиштето и функционална организација на подрачјето опфатено со планот, со граници на опфат на урбаното подрачје, решенија за генерални водови и објекти и на сообраќајна и друга инфраструктура, основни услови за градба на станбени, стопански и други јавни, спортско рекреативни и други објекти, градежни и регулациони линии и максимални висински коти, плански мерки за заштита и унапредување на животната средина и природата, природното градителско наследство, мерки за заштита од воени разурнувања и природни и технолошки непогоди.

Според член 11 од Законот, детален урбанистички план се донесува за одделни делови на населено место за кои е донесен генерален урбанистички план, а според член 22 од Законот, општината и градот Скопје ги донесуваат генералните и деталните урбанистички планови.

Од изнесените одредби произлегува дека општината е таа која со закон е овластена да ги уредува границите на опфатот на градежното земјиште за кого се донесува генерален план за општината.

Така, при донесувањето на урбанистички планови може да биде опфатено и земјиште кое е во сопственост на граѓаните, при што општината со определувањето на границите на земјиштето опфатено со урбанистички план всушност тоа земјиште го прогласува за градежно земјиште во сопственост на Републиката.

Тргнувајќи од Законот за просторно и урбанистичко планирање и Законот за експропријација според кои изградбата на објекти за становање и деловни објекти не претставува јавен интерес за Републиката Судот оцени дека со опредлувањето на границите на опфатено земјиште со урбанистички план всушност се врши одземање на сопственоста без да постои јавен интерес утврден со закон.

Според член 3 од Законот за просторно и урбанистичко планирање само изработувањето и донесувањето на просторните и урбанистичките планови се работи од јавен интерес. Притоа, со овој закон изградбата на станбени и деловни објекти предвидени со урбанистичкиот план не се работи од јавен интерес. Од Законот произлегува дека изработување и донесувње на плановите како работи од јавен интерес ги опфаќаат постапката и органите кои го донесуваат урбанистичкиот план заради правилно планирање и рационално користење на просторот.

Оттука, Судот оцени дека ако општините се овластени за донесување на генерален урбанистички план во кој покрај објекти од јавен интерес се предвидуваат и објекти за индивидуално или колективно становање кои, пак, не се од јавен интерес, а органите кои ги утврдуваат границите и парцелите за донесување урбанистички планови се општините, впрочем такво овластување им е дадено со член 9 став 2 од Законот доаѓа до ситуација градежниот реон да се прошири односно при проширувањето на границите на градежното земјиште да се врши колективно одземање на земјиштето во приватна сопственост, што всушност претставува национализација односно прогласување на тоа земјиште за земјиште во сопственост на Републиката без да постои јавен интерес, поради што Судот оцени дека член 9 став 2 не е во согласност со член 30 од Уставот на Република Македонија.

Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр. 11/97, 36/97 и 140/97)