Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 27 мај 1998 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста и законитоста на Одлуката за давање дозвола на транспортното претпријатие “Овче Поле-Турист” – Д.О.О. Свети Николе за вршење на приградски превоз на територијата на Општина Свети Николе, донесена од Советот на Општина Свети Николе на 16 март 1998 година.
2. Стојан Величковски од Свети Николе, преку полномошникот адвокат Трајан Бошев од Свети Николе на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение, затоа што советот на Општина Свети Николе без претходно огласување во локалните гласила дека ќе се врши прераспоредување на линиите, донел одлука за давање дозвола на “Овче Поле-Турист” да врши приградски превоз на територијата на Општината, со што била извршена нелојална конкуренција на пазарот и биле ставени во нееднаква положба другите превозници, со што бил повреден принципот на еднаквоста на граѓаните, утврден во член 9 од Уставот на Република Македонија.
3. Разгледувајќи ја иницијативата Судот утврди дека оспорената одлука е поединечен акт со кој се дава концесија т.е. дозвола за вршење дејност и не претставува пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, па поради тоа Уставниот суд не е надлежен да одлучува по неа.
Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.88 /98)