20/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 став 1 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 8 април 1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката за преземање на работниците на стручните служби на самоуправните интересни заедници на станувањето и другите основани субјекти за уредување и изградба на станбен и деловен простор бр.02-4/5 донесена од Управниот одбор на Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор на Република Македонија на 20 јуни 1994 година.

2. Христина Митревска од Демир Хисар на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение. Според иницијаторот оспорената одлука не била во согласност со член 8 од Уставот и со член 16 од Законот за стопанисување со станбен и деловен простор на Република Македонија. Имено, вработените од поранешната самоуправна интересна заедница за домување во Демир Хисар биле преземени во Подрачната единица во Битола со плата според постојните акти на самоуправната интересна заедница. Со тоа овие вработени биле ставени во нерамноправна положба со другите вработени во Јавното претпријатие бидејќи земале двојно помала плата.

3. Разгледувајќи ја иницијативата Судот оцени дека оспорената одлука е интерен акт на Јавното претпријатие и дека не претставува пропис во смисла на член 110 од Уставот според кој Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите. Поради тоа, Уставниот суд не е надлежен да одлучува за согласноста на оспорената одлука со Устав и со закон поради што Судот одлучи дека иницијативата треба да се отфрли.

4. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.20/98)